Остри стрели меѓу Нетанјаху и Ердоган: Анкара бара потерница од Интерпол, Израел возвраќа со „антисемитски диктатор“

Остра политичка пресметка избувна меѓу Израел и Турција, откако Анкара официјално започна процедура за барање црвена потерница од Интерпол за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а од неговиот кабинет возвратија со жесток напад врз турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нарекувајќи го „антисемитски диктатор“. Судирот доаѓа во момент кога односите меѓу двете регионални сили дополнително се влошуваат и поради случувањата во Сирија.

Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек на 21 август потврди дека Министерството за правда побарало од Министерството за внатрешни работи да ја започне процедурата за издавање црвена потерница за Нетанјаху и за израелскиот државјанин Афек Москович. Документацијата е доставена и до турското Министерство за надворешни работи. Станува збор за барање кое допрва треба да помине низ процедурите на Интерпол, а не за веќе издадена меѓународна потерница.

Постапката произлегува од случајот што се води пред 11. Висок кривичен суд во Истанбул против вкупно 35 обвинети поради интервенцијата на израелските сили врз хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“, која во мај се обиде да стигне до Појасот Газа. Турските власти тврдат дека активистите биле пресретнати во меѓународни води, присилно симнати од пловилата и задржани.

Нетанјаху и Москович во Турција се соочуваат со обвиненија кои вклучуваат „геноцид“, злосторства против човештвото, тортура, противправно лишување од слобода и други тешки кривични дела. Турски налози за нивно апсење биле издадени уште на 14 јули, а сегашното барање претставува обид случајот да добие и меѓународна димензија.

Одговорот од Израел беше експресен и необично остар. Кабинетот на Нетанјаху го нарече Ердоган „антисемитски диктатор“ и го обвини турскиот претседател за репресија врз политички противници, односот кон Курдите, поддршка за Хамас и политиката на Турција кон северниот дел на Кипар. Израелската страна порача и дека ќе продолжи решително да дејствува против, како што тврди, обидите на Анкара да го дестабилизира регионот.

Но, зад размената на тешки зборови се отвора и поширок судир меѓу Анкара и Ерусалим. Последната точка на конфронтација е Сирија, каде Турција има силно политичко и безбедносно влијание и отворено ја поддржува новата власт на претседателот Ахмед ал-Шара.

На 18 август Израел изврши воздушни напади врз воената база Абу ал-Духур во сириската провинција Идлиб. Турското Министерство за надворешни работи го осуди нападот како нарушување на сирискиот територијален интегритет и го обвини Израел дека ги напаѓа инфраструктурата и капацитетите на Сирија.

Израел, од друга страна, со зголемено внимание го следи растечкото турско присуство во Сирија. Во последните месеци ривалството меѓу двете земји сè повеќе се концентрира околу тоа кој ќе има поголемо влијание врз идната безбедносна архитектура на Сирија – Анкара преку блиските односи со новата сириска власт, а Израел преку воен притисок и настојувањето да спречи создавање нови безбедносни закани во своето соседство.

Ердоган само неколку дена претходно порача дека Турција „нема да ја остави Сирија сама“ и дека ќе продолжи да ја поддржува нејзината стабилност, додека израелската влада ја обвинува Анкара дека токму нејзините регионални амбиции создаваат дополнителна нестабилност. Така, најновата пресметка околу потерницата за Нетанјаху се надоврзува на веќе отворениот судир околу Газа, Сирија и влијанието на двете држави на Блискиот Исток.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?