Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мрежата од странски македонисти во светот е огромен потенцијал за афирмација на македонскиот јазик и култура

Оваа година на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура имаше рекордни 70 учесници, после рестриктивните години на пандемијата со ковид кои со радост и ентузијазам говореа за можноста повторно, или за прв пат, да бидат на семинарот. Сите тие се дел од мрежата од странски македонисти во светот којашто има огромен потенцијал за  афирмација на македонскиот јазик и култура

Зоран БОЈАРОВСКИ, Камера: Игор ЧАДИНОСКИ

Оваа година на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) имаше рекордни 70 учесници, после рестриктивните години на пандемијата со ковид.

За време на нашата посета во Охрид, сите учесници со кои контактиравме, од повеќе генерации, со радост и ентузијазам говореа за можноста повторно, или за прв пат, да бидат на семинарот.

Сите тие се дел од мрежата од странски македонисти во светот којашто има огромен потенцијал за  афирмација на македонскиот јазик и култура

Оваа година дојдоа најголем број семинаристи што досега доаѓале од НР Кина. Во Кина веќе се одвива настава по македонски јазик, а минатата година за првпат беше избран лектор и се прави сè Лекторатот да започне забрзан развој.

Повторно има семинаристи и од САД, Јужна Кореја и Италија, а од Турција, покрај семинаристи од Истанбул, и годинава има и од Анкарскиот универзитет.

На оваа Летна школа има учесници и од Албанија, од каде што стигна веста дека од оваа академска година повторно започнува со работа Лекторатот по македонски јазик во Тирана.

По 2-3 години се вратија и семинаристи од Романија, на школата има учесник и од Украина и се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик од семинаристи од Грција.

Се разбира ова лето во Охрид на МСМЈЛК дојдоа македонистите од земји од кои традиционално, без прекин се учесници на Летната школа и тоа од Франција, Полска, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Руската Федерација, Чешката Република.

Со дел од лекторите и професорите поразговаравме за придобивките што ги остварува МСМЈЛК, кој во последниѕе години добива силна поддршка и гласност. Прашавме што значи кога 70 семинаристи, кои две или три недели престојувале во Македонија, го изучувале јазикот, се запознавале со литературата и културата, сега ќе се вратат во своите средини. Што можат да проектираат за македонскиот јазик и колку е тоа значајно за нас.

Проф. д-р Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература при УКИМ вели дека важно е што тие семинаристи што еднаш веќе биле како почетници догодина да дојдат пак. После следната година да дојдат пак да го усворшуваат македонскиот јазик. Овде има прв, втор трет степен. Има почетници, но има и веќе што добро го владеат македонскиот јазик, што добро се запознаени со македонската литература, јазик и култура и повторно се враќаат и го унапредуваат.

Замислете од тие 70-тина, половина нека продолжат да работат, дваесеттина да продолжат од секоја година да ја афирмираат македонската култура во Кина, во Кореа, во Франција, во Словенија, во Хрватска, кај ќе ни биде крајот. Меѓутоа тоа треба да биде проект што не се прекинува, државата треба што повеќе срдства да вложува, да има подобри услови за работа и при тоа да се обидеме и Летната школа и самите македонски образовни институции да продрат низ овие познати македонистички центри во странство. Но, да пробаме да освоиме и нови, непознати досега центри каде што не се изчува македонскиот јазик. Тоа е стратегија, така се работи. Така работи целиот свет. Секаде, по малку по малку за да се стигне до едно ниво каде што барем во секоја земја да имаме по еден македонистички центар ќе бидеме одлични, истакна Ковилоски во разговорот за Рацин.мк.

Проф. д-р Намита Субиото, од Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, како прв лекторат основан уште во 1961 година, вели дека освен убавата атмосфера и гостољубието, за сите нив се исклучително важни средбите со врвните стручњаци по македонски јазик, литертура, култура, историја.

– Не завршува сѐ со семинарот, туку управата на семинарот, директорката и нејзините соработници ја следат нашата работа преку целата година и тоа многу ни значи. Ја имаме нивната поддршка и мислам дека оваа институција заслужува многу високо признание од македонската држава затоа што грижи за промоција на македонската култура надвор од Македонија, истакна проф. д-р Намита Субиото од Љубљана.

Таа ни кажа дека од особена важност е „вмрежувањето“ и континуираната комуникација која останува активна меѓу две летни школи.

– Точно така. Ако доаѓате на семинарот повеќе пати, тука можете да се сретнете со стари пријатели со коишто сте учеле во иста група, но, еве, на пример, сега и мои студенти тука стекнуваат нови познанства и се среќаваат и на други славистички конференции, на други славистички центри во Србија, во Хрватска, во Полска и така натаму. Некои кои се определуваат за академска кариера ги продолжуваат тие познанства. Убаво е да се направи едно вакво генерациско поврзување. Интересно е кога во групата има луѓе од различна возраст, различни идеи се вкрстуваат.

Проф. д-р Борче Арсов од Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ ни укажа на тоа дека изучувањето на македонскиот јазик, како и на литературата на маедонски, не се единствениот интерес и тој не останува само на тоа. Странските македонисти покажуваат интерес за широк спектар теми од македонската култура, општество, историја, секојдневие.

Ова се должи и на тоа што нивните интереси во иднина можат да ги однесат во различни перспективи на македонистиката и затоа е љубопитството за многу теми.

– Секој учесник може да ви каже поинаков одговор на ова прашање. Заедничко е придавката што ја употребивте – македонски. Дали е тоа македонскиот јазик, македонската литература, македонската култура, воопшто македонското општество, сето она што е поврзано и што се случува со Македонија и со Македонците, ги интересира. Ние имаме и преведувачки работилници и лингвистички работилници коишто во рамките на летната школа. Имаме работилница, односно курс по народни ора. Се случуваат промоции на различни изданија посветени на македонистиката, како и на преводи на македонски литературни и научни дела… Пак ќе речам, основата е македонскиот јазик, бидејќи без мего не можеме да ја читаме таа убава македонска литература и да ја осознаваме одблизу македонската култура.

Она што ја прави летната школа толку популарна и успешна, ни рече Проф. д-р Борче Арсов од Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“, е и самиот амбиент во кој што се уверивте. Ние овде работиме внатре во просториите на Конгресниот центар на УКИМ, меѓутоа дел од часовите се одржуваат и надвор. Самиот поглед кон Охридското Езеро, атмосферата, историјата во Охрид, сето тоа прави сѐ да биде целосно.

Проф. д-р Славчо Ковилоски од Институт за македонска литература при УКИМ, ни обрна внимание на љубовта и на ентузијазмот што ги красат семинаристите, кое е заедничко и за искусните македонисти и за почетниците

– Тоа што ги краси овие луѓе што доаѓаат да учат македонска литертура, јазик и култура е нивниот ентузијазам. Се гледа по нивните лица внесеноста во материјалот за време на предавањата на нивните професори. Задоволство е тука да се предава и задоволство е да се сретнат луѓе од различни култури коишто семинарот, летната школа ги спојува во едно и самите разменуваат искуства, самите остваруваат контакти. Тоа е добро за Македонија, но и за нивната кариера во иднина, посочи проф. д-р Славчо Ковилоски од Институт за македонска литература при УКИМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен