Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
„За оние кои беа маргинализирани од владеењето на разумот (владеење кое постои барем од времето на Платон) постмодерната критика може да биде ослободувачка. Таа ги открива измамите на сите големи наративи и со тоа нѐ ослободува да ги создаваме нашите индивидуални и колективни животи, да ги артикулираме сопствените гласови…“
Во книгата „Отаде постмодерната политика“ (превод на Вангел Ноневски) авторката Хони Ферн Хејбер, професорка од Денвер, Колорадо, ги анализира филозофиите на Лиотар, Рорти и Фуко, но, за оваа прилика јас одбрав оваа нејзина теза во која самата се сомнева и се прашува:
„Дали е така?“
Јас мислам дека одговорот е и да и не.
Не само постмодерната критика, туку и други феномени, социјалните мрежи, на пример, го потиснаа разумот и ги ослободија и факторизираа маргинализираните групи, но, истовремено, ги заробија, затоа што слободата надвор од разумот не се конституира како слобода на индивидуата од моќта на разумот и неговите системи и наративи, туку како ропство во неразумот како моќ.
Нема бегство од моќта.
И на светско ниво, а во Македонија посебно, живееме во времето на разбуденоста и осоколеноста на маргинализираните.
И на повлекувањето на разумот пред таа офанзива на општествената маргина…
На исмејување на науката.
На почетокот, тоа беа симпатични и ослободувачки феномени, но, како кај жабата која полека умира во бавно загревачката вода и ние почнавме да умираме во зовриената вода на неразумот.
Кој се претвори во општ терор.
Тој терор во Македонија има многу ракавчиња, гранки и гранчиња, многу души во кои станува, но има само една сила која го артикулира, го развива, го капацитира и го користи: ВМРО-ДПМНЕ!
Тоа чудовиште не постои надвор од отпорот кон разумот односно без глупоста како погонско гориво. Како суштина. Неразум има насекаде, но во вмро-дпмне нема друго. Од аспект на општото добро, се разбира. Не говорам за глупоста како фабрика за пари, хидроцентрали и ескобарски хациенди со Охридското езеро во дворот, на лидерството.
Неразумот е фантастичната ослободителна доктрина што оваа злосторничка инсталација ја нуди и со која од луѓето прави муви, а од доктрината на глупоста- лепак.
Тие не се алтернатива на сдсм, туку се алтернатива на нашето постоење.
Не само како нација.
Како Македонки и Македонци.
Туку како луѓе.
Секој ден, секој час, секоја минута, оваа општество, ова ресто од рестото на едно некогаш солидно општество, ги гледа без срам, без да трепне, галериите на подвижните портрети на лудаците, како лаат и се закануваат, се кезат од сите можни екрани кои ги пренесуваат директните и репризните телевизиски презентации.
Пишува Златко Паковиќ за Србија, но ја портретира и Македонија.
Мицкоски, Сотир, Ристо, Хер Флик, Кикифрики, Женскиот оркестар на уким и ману.
Со години, секој ден, секоја минута, како се напнуваат глупоста и злото да им го прикажат на луѓето како памет, добро и спас.
Големиот наратив за Европа е прогласен за лажен и национално опасен.
И е фрлен на маргините на јавниот интерес.
Секој успех е покриен за некаква возбудлива баналност.
Во замена е понудено ријалити шоуто на вморонските говњари кои секоја секунда откриваат или просто произведуваат по некоја афера и на луѓето им нудат нови докази дека нивното постоење е една крајно бесмислена работа.
Тие што од паметта се плашат како ѓаволот од крст.
Тие се јажето за бесење на оваа општество.
Медиумите се расклатеното столче на кое стои Македонија со јамката околу вратот.
Историјата е лустерот.
Односно лустерот е историјата.
Привлечната сила на глупоста е голема.
Вчера, како најава за оваа колумна објавив мал текст.
Нешто како новогодишно пакетче, само без бонбони и чоколатца.
Одеше вака:
Не можете да бидете националисти и самоповикани патриоти и да барате или да очекувате правда.
Вие сте за правото тоа што е црвојадината за дрвото.
Правосудството е сјебано во налетот на тој и таков патриотизам и на најцрниот национализам на чело со човекот на кој завчера му беше поништена пресудата.
На врвниот авторитет.
Ова што се случи е перфектна изведба на неговите инсталации.
И на очекувањата што ги формирате во врска со скорешната смена на власта.
Која никогаш нема да се случи, меѓу другото, и поради вашата дефиниција како антиправни субјекти и феномени.
Вашите лидери јавно велат дека имаат тефтери со списоци за апсење и затворање.
Море и за ликвидации.
Така што, ако Македонија сака да се рехабилитира како правна држава, прво мора да се рехабилитира како граѓанска.
Македонска Македонија не може да биде правна држава.
Неевропска Македонија не може да биде правна држава.
Вморонска Македонија не може да биде правна држава.
Јас мислам дека не може да биде никаква држава, но правна не може да биде никако.
Дали ви е ова јасно или да организираме еден семинар во Охрид.
Кога заврши Шарената револуција и „бомбастичното“ разголување на вморонскиот антимакедонски, фашистички и пљачкашки режим, со киднапирањето на државата како врвна форма на тоталната деструкција, народот излезе на избори и најмногу гласови му даде на Злото.
Нека да повториме: На Злото!
Така ли беше или не беше така?
Се сеќавате ли кој правеше будали од целата нација собирајќи ги луѓето на антиевропски митинзи за одбрана на идентитетот.
Еј!
Се сеќавате ли кој правеше од луѓето идиоти, а од докторите убијци, за време на ковидската епидемија?
Се сеќавате ли дали нешто друго неразумот ви понуди сиве овие години?
Освен блокадите на сѐ и за сѐ.
А најмногу на разумот.
И слобода да бидете глуперди.
Еј!
Се сеќавате ли што изјавија од вмро по повод одлуката на Апелација?
Јас ќе ви кажам: Ништо!
Ако тоа не ви значи ништо тоа значи дека приказната е завршена.
Во оваа мала, инцестуозна и оглупавена средина, мора да се покачат стандардите и да се спуштат очекувањата.
Нема тука никаква контрадикција.
Мирот на прво место.
И проекции пласирани низ подолг временски период.
Само една работа бара расчистување веднаш.
Вмро.
Тоа е алфа и омега на злото кое не ги оневинува другите, но недвосмислено ја дефинира македонската драма како драма на инфантилни, политички и национално незрели луѓе.
Произведени во тој статус со помош на четирите свети букви.
Мораме да се ослободиме од тоа зло или злото ќе нѐ ослободи од нас самите.
Мораме да ја симнеме јамката што ни ја закачија околу вратот.
Не е толку тешко колку што се чини на прв поглед.
Мислам, дури, дека е многу лесно.
Верувам дека Емилија Целакоска е во право кога вели дека аферата со Апелација може да го означи почетокот на крајот на вмро.
И да не заборавиме: Тоа е работа на сите, на секој поединец. Никаква партија и влада не можат да нѐ спасат, ако ние претпочитаме да си ги пиеме коктелите „негрони збаљато“ во топлата вода на ослободеноста од разумот.
Извор: Фронтлајн