Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Каселакис ќе побара референдум во СИРИЗА за бришење на четворица членови на партијата

Одржување партиски референдум за прашањето со четворицата членови на партијата, за кои претходно најави дека ќе бидат избришани, ќе побара лидерот на грчката опозициска СИРИЗА Стефанос Каселакис на утрешниот состанок на Централниот комитет, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за поранешните министри Димитрис Вицас, Панос Скурлетис, Никос Филис и Стефанос Ѕумакас за кои лидерот на СИРИЗА пред 20-ина дена соопшти дека со нивните ставови избрале да се стават вон партијата.

Во видеото објавено претпладнево на социјалните мрежи, Каселакис истакна дека „нема да отстапи“ и во целост ќе го испочитува мандатот што го доби, а „СИРИЗА ќе стане здрава, обединета партија“.

-Функционирањето на една партија, особено на официјалната опозиција претставува премногу сериозна работа за да се зборува за одложувања и намерни или ненамерни доцнења. Затоа, утре ќе побарам Централниот комитет да одлучи за одржување референдум директно од членовите и пријателите на партијата за разрешувањето на четворицата членови кои брутално сите нè навредија. Доколку Централниот комитет одбие, ќе пристапам кон одржување на референдумот по барање на 15 отсто од членовите на СИРИЗА, токму како што предвидува нашиот статут, рече Каселакис.

Меѓу четворицата членови на партијата за кои ќе се разгледува бришење од СИРИЗА е и поранешниот министер и поранешниот генерален секретар Панос Скурлетис, кој денеска преку писмена изјава соопшти дека си заминува од партијата.

Во текот на викендот ќе се одржи состанок на Централниот комитет на СИРИЗА во период кога постојат огромни внатрешни несогласувања по изборот на Каселакис на лидерската позиција, а голем дел од грчките медиуми коментираат дека најголемата грчка опозициска партија е на пат пред распаѓање.

Зачлени се на нашиот е-билтен