Српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ во интервјуто кај новинарот Александар Станковиќ во емисијата „Во недела во 2“ на ХРТ отворено зборуваше за неговиот критички став кон режимот на Александар Вучиќ, желбата за политичка промена во Србија, нападите врз него низ годините, патот на Србија кон ЕУ, руското влијание во неговата земја и општествената одговорност на уметниците да ги менуваат нештата.
„Кога излезе филмот ‘Убавите села убаво горат’ во 1996 година, тоа беше катарза. Катарза се случи во Србија. Веднаш започнаа да нè напаѓаат десничарите дека сме предавници, но кога видоа колкава е гледаноста – замолчеа“, изјави актерот Драган Бјелогрлиќ.
Тој додаде дека уметниците имаат обврска да зборуваат јавно и за општеството во кое живеат.
„Не мора да зборуваат за политика, но мора да зборуваат за општеството. Не се согласувам со колегите кои сметаат дека, бидејќи се уметници, не треба да се занимаваат со политиката и општеството“, рече Бјелогрлиќ.
Тој додаде дека тоа е обврска на секоја јавна личност, особено на уметниците и луѓето кои со своите дела се обидуваат да ги разбудат луѓето.
Според него, промената во Хрватска по влезот во Европската унија е очигледна и се надева дека и Србија ќе ги доживее истите промени по влезот во Унијата.