Ќе биде кулминација на драмата кога ќе дојде моментот на гласање во Парламентот и кога „најмакедонската“ партија ќе и рече НЕ на Македонија. Кога со едно кревање на раката пратениците ќе ја закопаат иднината на своите браќа, сестри роднини, деца и пријатели, со еден збор на сите Македонци.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и со последните изјави сè уште настојува да ја убеди јавноста дека неговите пратеници нема да гласаат уставни измени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата како и другите етнички заедници.
Дали тоа навистина ќе биде така засега е голема неизвесност, затоа што владеачкото мнозинство е исто така убедено дека кога ќе дојде моментот, двотретинското мнозинство ќе биде обезбедено.
На овој начин во јавниот дискурс тоа личи на драма до последен чин, зашто сите се влезени „ал ин“ (all in).
Она што се поставува како прашање е кој во оваа игра на „погледи чврсти“, на крајот ќе има добивка, што ќе претставува таа и каква цена ќе има.
Иако можеби ќе звучи контрадикторно, но засега СДСМ и партнерите во власта и во Собранието се во предност. Тие и покрај политичките разлики се обединија околу ова прашање без остаток и пред себе имаат јасна цел на која посветено работат. Со други зборови чисти се пред себе, пред македонските граѓани и пред меѓународната заедница, вклучувајќи ја тука и Бугарија.
За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ нема ништо. Да, има „број на пратеници“ доволни само за инает, но без аргументи. Од нивна гледна точка, дури и да се во право за некои работи околу нивното вклучување во процесот на носење одлуки, тоа не ја менува реалност дека тие во рацете немаат никаква стратегија и разумна причина да ја стопираат Македонија на патот кон ЕУ.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се сега ставени во позиција да ја преземат улогата на бугарската декларација со која на Македонија и се поставуваше вето.
Ќе биде кулминација на драмата кога ќе дојде моментот на гласање во Парламентот и кога „најмакедонската“ партија ќе и рече НЕ на Македонија. Кога со едно кревање на раката пратениците ќе ја закопаат иднината на своите браќа, сестри роднини, деца и пријатели, со еден збор на сите Македонци.
Од партија, која од самиот почеток на своето постоење во независна Македонија била иницијатор за членство во ЕУ и НАТО, се претворила во бугарска испостава на ВМРО СМД, на Џамбаски и компанија и станале „најпредавничката“ партија на интересите на македонските граѓани.
Можеби во вој момент во раководството ценат дека „сега му е мајката“ за уцена за предвремени избори кога рејтингот на партијата е зголемен, но нека не забораваат дека и „рејтингот“ на ЕУ е сè уште голем и дека над 70 проценти од граѓаните се ЗА.
Оттаму со право коментира искусниот политичар Исмет Рамадани, дека преголем ќе биде товарот за ВМРО-ДПМНЕ, ако, заедно со Левица, го земе на свој грб тоа бреме да го кочи патот за интеграцијата во ЕУ, посебно во овие констелации на војна во Украина и хибридните закани за регионот.
– Европа се обединува, се обединува демократскиот свет. Во тој процес на обединување тие се сè по подготвени да ни помогнат, нам на Балканот. Затоа ние не смееме да одиме со деструктивни постапки и за инает да не гласаме за уставни промени затоа што наводно Бугарија ќе правела проблеми и потоа. Или за инает нама да гласаме затоа што власта не нè праша за мислење. Важни одлуки не се носат со инает, зашто можат да бидат погрешни. Не верувам дека ќе можат да истраат во негација на она што се случува во регионот – смета Исмет Рамадани претседател на Евроатланскиот Совет и поранешен пратеник.
Препораките кои сè почесто се упатуваат до раководството на оваа опозициска партијата се да не дозволи неколку пратеници да се одважат и да „дезертираат“ за да го обезбедат двотретинското мнозинство. Најдобро за раководството е низ партиска дебата да го изгради својот став и како партија со сиот капацитет во полн пратенички состав да го изгласа менувањето на Преамбулата.
Некои политичари, како Стојанче Ангелов на пример не веруваат во таквата можност бидејќи сметаат дека овој пратеничк состав е слеп подржувач на лидерот на партијата.
Сепак, ако целата одговорност паѓа врз Христијан Мицкоски, кој со чинот на гласање на промена на Уставот би требало да ретерира од она што сега го говори, сè уште има начин, како што вели Рамадани, да најде алиби дека во комуникација со европските партнерски партии добиле некакви гаранции за меко одвивање на преговарачката рамка.
– Тие се дел од најмоќната европска политичка групација, Европската народна партија (ЕПП) и можат да остварат средба со нивниот лидер Манфред Вернер, да побараат совет и став со кој ќе бидат инклузивни кога се работи за интересот на државата – упатува Рамадани.
Дополнително што во периодот што следи притисокот кон ВМРО-ДПМНЕ ќе се зголемува од страна на меѓународните партнери на Македонија, кои нејзиното членство го гледаат од безбеносен регионален контекст, за што тие имаат особен интерес.
Во земјава допрва ќе доаѓаат европски лидери и од САД од голем калибар меѓу кои посета најави и францускиот претседател Емануел Макрон.
Под ваков притисок не издржа ниту еден авторитарен лидер како што е српскиот претседател Александар Вучиќ, а ни бунтовниот косовски премиер Албн Курти. Многу скоро и покрај противењето ќе мораат да постигнат компромисен договор за решавање на деценискиот спор.
Затоа што ниту тие, ниту ние, не смееме да се однесуваме надвор од она што се случува околу нас.