„Жално е ова што се случува, посебно од луѓе кои не се компетентни да зборуваат за работата во РЕК Битола и за производството. Луѓе кои еден ден немаат поминато во производство и се на товар на државата, коментираат и шират лажни вести за тоа како функционира РЕК и како работи РЕК“ рече директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски во интерју за ТВ Тера.
Тој додаде дека одредена група на луѓе излегле пред РЕК Битола и изразиле сомнеж за плановите.
„Секоја јавна набавка во РЕК Битола не е дека ми текнало мене или не знам на кој, туку си има свој ред како да се оди. Треба да имаме јавна набавка, таа да влезе во годишниот план за јавни набавки, инженерите да ја подготват, да се пушти до управен и надзорен одбор, па да ја објавиме, потоа државните институции даваат согласност, па после се враќа и објавува кој ќе биде оператор“ рече Матевски.
Директорот на РЕК Битола рече дека нема да дозволи некој да ги шиканира и именува вработените за политички поени и затоа ќе се обрати до институциите со сите докази.
„Тие кујни што си ги припремаат се за ловење на гласови. Во РЕК Битола секој си ја знае работата и нашите вработени знаат како се работело и како се работи, знаат како беше до 2017 година, а како е сега“, рече Матевски.
Матевски истакна дека производството на РЕК Битола од 2021 до сега е зголемено за 40 отсто
„Од 2021 година до сега имаме зголемено производство за 40 отсто, за да се постигне тоа треба да има поголем ископ, повеќе мегавати и плус да бидат задоволни работниците, да одговорат на барањата“ рече директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски во интерју за ТВ Тера.
Тој додаде дека најзаслужни за успехот на РЕК Битола се работниците, бидејќи тие се движечка сила и најклучен фактор.
„Некои вадеше документи дека РЕК Битола треба да се затвори. Не е затоврено, туку имаме и вработувања од 460 луѓе. По изборите ќе имаме и нови вработувања“ рече Матевски.
Тој додаде дека работниците во РЕК Битола имаат специфична работа, изложени се на разни влијанија и поради тоа мора да бидат платени за да бидат задоволни.
„Не се знае на колку адвокати им ги наполнивме џебовите што некои тужеа за неисплатен К-15. Сега немаме такви работи. Се знае, К-15 добива секој вработен и се исплаќа 100 отсто. Треба да имаме позадоволни работници и да нудме подобри услови“ рече Матевски.
Директорот на РЕК Битола истакна дека се воведува и бесплатен оброк, покрај тоа што е вклучено во платата.