Џабир ДЕРАЛА
Деновиве напишав текст за трансформациите и шампионите на вредностите. Добив многу одобрувања, но во моето поштенско сандаче добив и едно прашање – коментар: „Дали можеби со ова ги оправдуваш ‘тој и тој, таа и таа’ по неколку години седнати во една политичка групација, преминуваат во друга? Сакаш да кажеш дека се шампиони на вредностите?“ Мислам дека вреди да се одговори овде, бидејќи постои можност тој мој текст да послужи како оправдание за оние кои најмалку го заслужуваат тоа.
Да, точно е. Ова е време кога многумина во политичкиот естаблишмент – кои со ништо не заслужиле да имаат функции, пари и моќ – се престројуваат, ставаат старо-нови дресови и капи, ги вадат старите знамиња од своите политички долапи.
По којзнае кој пат!
Јавноста е веќе навикната да гледа калкуланти и профитери во политиката како се „покајуваат“ и ја менуваа политичката страна (по којзнае кој пат!). Некои од нив успеваат да ги преживеат и најголемите политички земјотреси и поплави, без да им се намали кредибилитетот и банкарското конто (напротив, расте). Тие научија да ја користат апатијата на луѓето и „балансираноста“ во медиумите. Често изгледа како да веруваат дека сите нивни недела се закопани во заборавот. И кога нивните калкулации испаѓаат погрешни, без ни малку срам (по којзнае кој пат!) се „покајуваат“ и ја фаќаат страната каде што ќе извлечат највисока цена за својата политичка кожа.
Точна е констатацијата дека „промена на мислењето и ставот, па дури и политичката ориентација – не е срамен чин, ако се следат чувството на праведност и вербата во демократските вредности.“ Тоа особено важи „ако некој сака да ги постави јавниот интерес или безбедноста на државата пред лојалноста кон една личност која е закана за фундаментите на демократијата и државните интереси.“
Дали овие што ја фрлаат својата кожурка и навлекуваат друга може да се каже дека „шампиони на вредностите?“ Хахаха, ни оддалеку. Зошто? Затоа што мотивите што ги движат се исклучиво себични – функции, пари и моќ. Затоа што веќе биле таму каде што „се враќаат“, а можеби некогаш биле на сосема трето место, се разбира, за лични интереси. Ништо повеќе.
Тие не веруваат во вредности. Ним им е сеедно колку ќе страда општеството поради узурпацијата на функциите и цицањето на јавните пари. За нив вредност има само нивната политичка кожа.
Нема тука определби, промислување, заложби за националните интереси – ништо од тоа. Само пари и моќ, гола борба за функции до кои сакаат да дојдат преку сеење националистичка и верска омраза и поигрување со стравовите и надежите на луѓето.
Ова е време на измамници.
Треба да се остане буден, граѓанки и граѓани. Најлесната, воедно и најслатката жртва на политичките предатори се оние што мислат дека „сите се исти“ и дека „јас ништо не можам да променам.“
Текстот е личен став на Авторот.
Преземено од Цивил Медиа