Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јанешлиева со „INTER SPEM ET METUM“ („Помеѓу надеж и страв“) Венециското биенале 2024

Славица Јанешлиева „INTER SPEM ET METUM“ („Помеѓу надеж и страв“) и Националната галерија на Северна Македонија се официјалните претставници на Северна Македонија на светската културна манифестација Венециско биенале 2024.

Македонскиот павилјон, во кој е поставен повеќеслојниот и трансмедијален проект на Јанешлиева е организиран во зградата на Скуола деи Ланери (Scuola dei Laneri) и е отворен за пошироката публика секој ден, освен понеделник, од 11 до 19 часот. 

– Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанашлиева во контекст на годинашната тема „Странци насекаде“, со наслов „Помеѓу надеж и страв“ / „Inter Spem et Metum“ се занимава со аспектот на странецот, на „другиот“, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот, изјави комесарот на проектот Дита Старова Ќерими.

Проектот го курираше Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија. Проектот е поддржан од Министерство за културa.

Според Старова Ќерими, делото веќе го привлече вниманието на домашните и меѓународните медиуми како Art News, E-flux, It’s Liquid, Art Review, а најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми. Ваквиот интерес, како што наведува, дополнително потврдува дека нашата земја има уметници за кои вреди да се бориме, да бидат поддржани.

Старова Ќерими како комесар изрази благодарност за поддршката до целото Министерство за култура, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, до Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи.

– Синоќешното отворање беше одлична можност за повеќе од три стотини лица кои постојано доаѓаа во различни интервали, во периодот од три часа предвиден за посета на самиот ден на отворањето. Местоположбата и самиот концепт се доволна причина за очекување на бројна посетеност во наредните без малку осум месеци.    Да не има на светската културна мапа, еднакви меѓу останатите светски уметнички елити е чест и привилегија која се постигнува со учество на вакви манифестации како Биеналето, изјави Дита Старова Ќерими.

Според Франговска,трансмедијалниот и транснаративен проект „INTER SPEM ET METUM“ на Славица Јанешлиева претставува визуелно исчистена и концептуално предвидена просторна инсталација, која на прилично чувствителен и имагинативен начин нè фрла во цивилизацискиот отпад.

– Преку мултидимензионални, медиумски платформи и материјали, како што се пердуви, лед-неонски знаци, проекции, огледала, Јанешлиева нè лансира во неколку концептуално-наративни матрици, каде што нè поттикнува да се соочиме со чувството да се биде странец, она кое е присутно насекаде: во себе, во тебе, во нив, во нас… Имено, таа нè предизвикува со прифаќање или неприфаќање на различните етикети од познатите и обичните на масите; опфаќајќи ги разликите врз основа на пол, сексуална ориентација, изглед, однесување, став, болест, националност, религија, јазик, политичка ориентација, се вели во писмената изјава на Франговска.

Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 20 април до 24 ноември 2024 година. мд/са/

Фото: Роберт Јанкулоски

Зачлени се на нашиот е-билтен