Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сите можни последици од моноетничка мобилизација и радикализација

Постизборниот период многу јасно ќе покаже кому партискиот интерес му е позначаен од државниот интерес, особено доколку како појдовна основа за дефинирање на државниот и националниот интерес го земеме критериумот на отпорност на Републиката на потенцијални внатрешни и надворешни кризи и поврзани влијанија и потребата за добро владеење, вклучувајќи целосно владеење на правото, стабилен раст и  развој со перспектива за зголемување на животниот стандард и благосостојба на граѓаните.

Тони ПОПОВСКИ

Во претходната колумна се задржав на квантитативните аспекти на изборниот резултат, а сега неколку редови за квалитативните аспекти и многу накусо за можните постизборни сценарија.

Доколку во предвид се земат податоците од Пописот од 2021 година, резидентното население со право на глас изнесува близу 1.5 милиони избирачи, и оттаму излезноста во првиот круг на претседателските избори може да се процени на околу 60%. Учеството на дијаспората во изборите беше незначително.  Околу 485000 Македонци од близу 840000 резидентни избирачи Македонци, како собрани гласови на Силјановска со тие на Димитриевски, Ванковска и Јакимовски, надополнети и со малку над 10000 избирачи од други помали етнички заедници (по моја слободна проценка), го дадоа својот глас за во многу нешта политички и вредносно преклопена програма и концепт на крајната десница и левица. Од преостанатите малку над 355000 резидентни избирачи Македонци, цирка 160000 (од 180000 вкупно освоени гласови) го поддржаа Пендаровски и евро-центричната коалиција на СДСМ. Околу 195000 резидентни избирачи Македонци апстинираа од првиот круг на претседателските избори.

Следствено, излезноста кај резидентните избирачи Македонци може да се процени на околу 75% и од дистрибуцијата на гласовите може да се извлече заклучок дека тројца од четворица изборно проактивни Македонци во Републиката во моментов се радикализирани, односно определени за крајностите во политичкиот спектар, било од радикално лева или уште повеќе од радикално десна провиниенција.  Радикализацијата на електоратот може да преставува некаков облик на изборен вентил од наталожени фрустрации но доколку потрае и се рефлектира врз начинот на владеење може да предизвика сериозни последици.

Причините за радикализација на Македонците може да се категоризираат во четири динстиктивни групи.

Првата група на причини е поврзана со начинот на кој се воделе и се водат внатрешните процеси во државата односно начинот на кој се владее, а кој за резултат има континуиран и веќе три децениски пад на довербата во владеењето на правото, пристапот и квалитетот на правдата,  и спречувањето на корупцијата. Последица е сѐ понискиот степен на доверба во државните институции. Најчесто присутен впечаток е дека демократското уредување и демократската држава потфрлаат. Ако овој впечаток се вкрсти со ниското ниво на политичка култура (оценка 3.2 од 10 во индексот на Економист), недоволното познавање и недоволно искуство во практикување на граѓанската – либерална демократија, неминовно кај мнозинството од населението, не само Македонците, се создава потреба од „цврста рака“, па и по цена да се потиснат тешко извојуваните демократски слободи и системот да отклони кон автократија, па и диктатура. 

Втората група на причини е поврзана со широкото незадоволство од економските состојби и перспективи за раст и остварување на повисок животен стандард и благосостојба, продлабочените социо-економски нееднаквости и впечатокот дека мал број на луѓе кои припаѓаат на политичката и економска елита, ги злоупотребуваат јавните средства или општествената позиција и моќ за да профитираат на грбот на граѓаните.  Овие незадоволни избирачи го сочинуваат најголемиот дел од резервоарот на радикалните партии на крајната левица и десница (не само кај нас) кои покрај имиџот на подготвеност за владеење со „цврста рака“ се претставуваат и како партии кои се спротивставени на естаблишментот, иако безмалку сите овие партии или нивните лидери во повеќе наврати кај нас биле дел од естаблишментот.

Третата група на причини е поврзана со надворешната политика и стратешките правци на интегрирање на државата во релевантни демократски сојузи. Повеќе од две-третини од населението без оглед на етничката и партиска припадност сеуште сѐ евроатлантски определени, но истовремено значајно мнозинство од Македонците на првиот круг од претседателските избори, преку масовна поддршка на кандидатите на крајната десница и левица, изразија неподготвеност за нови отстапки на патот кон зачленување во ЕУ,  вклучувајќи ја и уставната измена како услов за продолжување на започнатите преговори.  Ова е индикатор на многу низок капацитет за апсорпција на компромиси, а тројно поголемата поддршка за кандидатката на крајната десница во споредба со резултатот на трите кандидати на крајната левица, упатува на подготвеност да се опстои на тој став и по цена на загрозување на меѓуетничките односи, а преку нив и на внатрешната стабилност на Републиката. Последново имајќи во предвид дека Албанците како втора по бројност етничка заедница имаат единствен и категоричен став за спроведување на уставните измени и брз исчекор кон ЕУ.  Во обликување на овој пркос на Македонците кон ЕУ, САД и евро-центричната коалиција на СДСМ, значаен придонес има етно-националната популистичка пропаганда. Истовремено, таа пропаганда, намерно или ненамерно, но сепак целосно, се совпаѓа со авроритарната, илеберална и дестабилизирачка пропаганда за Западниот Балкан, придвижена од оската Белград – Будимпешта – Москва и оската Софија – Москва поради влијателните радикални етно-националисти, голем дел од нив и отворени русофили.  

И четвртата група на причини која истовремено е најделикатна бидејќи е субјективна, е поврзана со карактерот и амбицијата да се владее по секоја цена, не водејќи притоа сметка за последиците од политики на крајност и радикализација на сопствениот електорат. Радикалниот етно-национален популизам во кампот на едните неминовно го разгорува  етно-националниот популизам во кампот на другите. Притоа, за остварување на примарната цел за мобилизација на колку е можно поголем број на избирачи во сопствениот етникум, сосема свесно и крајно неодговорно се игнорираат поуки од минатото и на тој начин се занемаруваат можни последици кои досега барем два пати ги имаме најдиректно искусено. Ова особено се однесува на партиите во македонскиот камп кои заговараат враќање на две предрамковни времиња, времето пред Охридскиот рамковен договор и пред усвојувањето на рамката за преговори со ЕУ, придружено и со целосна релативизација на придобивките од договорите со Грција и Бугарија, како што е членството во НАТО. 

Имајќи ги предвид овие квалитативни аспекти на резултатот од првиот круг на претседателските избори, можни се три постизборни сценарија, а кои генерално се сведуваат на: 1) повлекување од црвените линии и де-радикализација на сопствените електорати, а со цел да се формира стабилна мултиетничка влада; 2) продолжено тактизирање и игра на нерви со две подсценарија, создавање на моноетничка влада со сите можни последици по меѓуетничките односи и внатрешната стабилност или одење на нови собраниски и/или претседателски избори доколку не се постигне цензус за избор на Претседател на Републиката, а со тоа и продолжување на агонијата но и вклопување во агенда на трети – недобронамерни страни, и 3) интегрирање на сите политички партии (со исклучок на Левица) во една широка про НАТО и ЕУ влада со целосен 4-годишен мандат, заеднички настап на меѓувладините конференции со ЕУ27 и пресретнување на евентуални каприциозни вета, ефикасно и ефективно отворање и затворање на сите поглавја и перспективно зачленување во ЕУ за шест до најмногу осум години од сега.

Постизборниот период многу јасно ќе покаже кому партискиот интерес му е позначаен од државниот интерес, особено доколку како појдовна основа за дефинирање на државниот и националниот интерес го земеме критериумот на отпорност на Републиката на потенцијални внатрешни и надворешни кризи и поврзани влијанија и потребата за добро владеење, вклучувајќи целосно владеење на правото, стабилен раст и  развој со перспектива за зголемување на животниот стандард и благосостојба на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен