Македонскиот филм „Преекспонирано” на Елеонора Венинова ќе се натпреварува во официјалната главна селекција на фестивалот КинЕст фест 2023 кој ќе се одржи во Катанија, Италија.
Ова е трето издание на фестивалот кој е фокусиран на кинематографијата на Источна и Централна Европа, а ќе трае од 5 април до 30 мај. Фестивалот освен филмски премиери одржува и многубројни специјални настани, работилници, настапи во живо, ретроспективи и мастеркласови посветени токму на кинематографијата од нашиот регион.
Премиерата на „Преекспонирано” на овој фестивал ќе се одржи на 7 и 8 мај, а режисерката Елеонора Венинова ќе одржи и работилница.
Светската премиера на филмот „Преекспонирано” се случи на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро – фестивал од А категорија, кој се одржа од 13 до 22 ноември минатата година – на кој „Преекспонирано“ учествуваше во официјалната конкуренција. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија, од 2 до 9 февруари оваа година. Во тек се интензивни подготовки и за премиера пред домашната публика.
Венинова е и сценаристка, а улогите ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ. Монтажер на филмот е Гоце Кралевски, костимограф Жаклина Крстевска, монтажер за звук Дарко Спасовски.
Продуцент на „Преекспонирано“ е Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), копродуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.