Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Госпоѓо претседателке, не давајте му се на првиот меѓу (не)еднаквите

Додека траеше „инаугурацијата“ и часот по феминизам, ниту еднаш не му се заблагодари на претходниот претседател, ниту еднаш не го спомена неговото име, иако овој ја придржуваше да не падне додека го цупкаше црвениот килим за влез во претседателската палата на Водно

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Дали некогаш сте слушнале, било кога и било каде, на самата инаугурација на претседател(ка) на држава да се опструира Уставот, а со тоа да се опструира и Уставното име на Републиката?

Вчера, некаде на пладне, во Собранието на Република Северна Македонија, беше назначена правата жена-претседател во современата историја на земјата на Македонците и останатото малцинско и индивидуално „живље“; името на претседателката е госпоѓа Гордана Силјановска-Давкова, кандидат од десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот од заклетвата или на почетокот од „свечената изјава“, чисто заради тесно-партиски цели, новата претседателка не го изговори целото институционално име на државата.

„Го молам претседателот на Република Северна Македонија да го повторува по мене текстот од свечената изјава“, вели претседателот на Собранието.

„Изјавувам функцијата претседател на ‘Македонија’ ќе ја врашам совесно и одговорно…“, свечено возврати новата претседателка.

Типично за секое претполитичко општество, веднаш настана бука и бес во јавноста, поточно се разгоре дебата на порталите и „социјалните мрежи“. Се појавија гласови од констернација и гадење до егзалтирано воодушевување и ракоплескање. Откако новата претседателка даде „свечена изјава“ со која де-факто негираше сè што претходно се направило во оваа земја: 1) решавање на тридеценискиот спор со Грција, па следствено на тоа и 2) влезот во НАТО, претседателката отиде на говорница да ни држи лекции по феминизам и „женски права“, небаре се работи за некоја феминистичка герила акција која бесни над сето „машко живље“.

Отако почна нашата „феминистичка“ претседателка да ни држи лекции по феминизам, да го напаѓа фамозниот патријархат, тој истиот патријархат што Силјановска ја вивна во облаци со преку половина милион гласови, демонстративно, грчката амбасадорка ја напушти собраниската сала заради заклетвата во која не беше изречена придавката на иституционалното име на Републиката – „Северна“.

И добро, си велам на себе, ајде да видиме што има денес во светот на феминизмот. Кога вака, пред сите „главати“ и „носати“ вмроовци, натечени во стомаците, со благи и горделиви насмевки на своите лица, нашата претседателка-феминистка му се заблагодарува на најголемиот и највисокиот маж во салата: лидерот Мицкоски, првиот меѓу (не)еднаквите. Тој, како што го дала мајка природа, благо се насмевнува изразувајќи ѝ одобрување. Да не речам и изрази „летентна машка благодарност“.

„Само Христијан Мицкоски веруваше во мене“, крикна нашата нова (феминистичка) претседателка. Мицкоски ѝ аплаудира тивко, благо и стамено. Можеби во себе си вели, „нема проблем професорке, нека пука играта“. Понатаму слушам дека жените ќе биле во нејзина служба и дружба; а нејзиното внимание ќе го привлечеле единствено компетентните и образованите. Значи ништо пролетаријат, ништо работничка класа, ништо од сиромашни жени; ништо од оние кои трчаа за неа, ништо од оние обични и невидливи жени кои ја гласаа, оние жени кои работат по магацини, ништо од жени шивачки, домаќинки, обични работнички. Само класа, само образована елита. Се гледа, вистинска дама од „народот“.

Додека траеше „инаугурацијата“ и часот по феминизам, ниту еднаш не му се заблагодари на претходниот претседател, ниту еднаш не го спомена неговото име, иако овој ја придржуваше да не падне додека го цупкаше црвениот килим за влез во претседателската палата на Водно.

Слушам натаму, зборува за некакво малцинство версус мнозинство. Вели нешто од прилика: „никогаш повеќе малцинството нема да го тероризира мнозинството“. Ми призвуче како да им се обраќа на Албанците, што дополнително значи дека ќе се воспоставува суптилен терор на „мнозинството над малцинството“ внатре во земјата, а надвор со соседите ќе се игра тврдо и на мускули (?); таквото силење го спинуваше избраната претседателка, вчера, во Собранието, велејќи ни нешто од типот, „никогаш повеќе малцинството нема да врши терор над мнозинство“.

Што се однесува, пак, до феминизмот, во оваа земја никогаш не се изучувал на некое институционално ниво: ниту во осново, ниту во средно, ниту на факултети. Второ, тешко дека Силјановска може да ги убеди оние „карактерни Македонци“ дека во ова општество постои мизогинија затоа што сите строги мажи се и патриоти, а посебно се строги кон девојчињата, како и сите стереотипи кои одат со тоа.

„Не се мажи со првиот“, тоа е најдобрата дефиниција што феминизмот ја произведе. Понатаму, секоја жена има право на рaбота. Секоја жена има право да биде економски независна. Тоа се пораки кои на инаугурацијата изостанаа. Феминистичкиот дискурс нè учи дека не треба да зависиш од никого, ама, за жал, Силјановска не само што зависи од „карактерните Македонци“, туку е комплетно киднапирана од нив.

Уште кога ја видов онаа слика на фејсбук на која Силјановска е сликана со најголемите кариеристички десничари, оние кои не можеш да ги избркаш од мејнстрим медиумите, оние разгоропадени мажи кои го чуваат „светиот македонски иденитет“ од нив самите, веднаш ми беше јасно дека Силјановска си тропа за женските како „Максим по дивизија“ само за да не зборува за своите ингеренции како претседателка на една држава која се залага за Европска интеграција и решавање на горливите прашања со соседите.

Имено, патријархатот е скршен уште во Социјалистичка Република Југославија, ама тоа е сосема друго прашање од политиката и уметноста. А епигоните кои ја гласаа Силјановска се запенавени алфа-мажи кои многу не размислуваат феминистички, поточно, немаат потреба повеќе од размислување. Добро се инсталирани на државна „груда“, имаат нови одела, сега слободно можат да се впуштат во Business as usual.

А во слободно време може на нашата претседателка да ѝ го пуштат „Сексот и градот“. Ем се работи за жени, ем зборуваат за секс, ем се занимаваат со нивната сексуалност, башка тоа се жени кои не се прикажани ниту како жртви, ниту како страдалнички, ниту како некои кои трпат. Што знам, мене некако би ми било доцна да се занимавам со феминизам во моите седумдесети години кога веќе претходно за целата моја кариера бил задолжен одвратниот машки патријархат. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен