Венизелос се враќа во политиката, човекот кој одби да настапи пред банер со името „Република Македонија“

Венизелос

Исечок од новинска статија на ветеранот во политиката, Евангелос Венизелос – во кој тој позитивно го оценува говорот на премиерот Киријакос Мицотакис пред Обединетите нации, посветен на турско-либискиот поморски меморандум – беше доволен за да поттикне дебата и дополнителни тензии меѓу владејачките конзервативци и опозициските социјалисти, пишува денеска Екатемерини.гр.

Во редовите на десницата – барем во оној дел што благонаклонето гледа на придобивањето на гласачите од центарот – завладеа задоволство што Венизелос, по низата критики упатени кон владата (како оние за прислушувањето или за скандалот со земјоделските субвенции), повторно „се приближува“ до владејачката „Нова демократија“. Социјалистичките функционери со презир реагираа на обидите на конзервативците да го придобијат Венизелос, инсистирајќи дека тој е „нивни“, но истовремено постоеше и одредена вознемиреност поради фактот што Венизелос, како и обично, продолжува да дејствува по сопствена линија.

Овој спор ја илустрира важноста на Венизелос – политичка тешка категорија која, иако е надвор од парламентот веќе седум години, сè уште привлекува големо внимание. Тој ужива симпатии и кај значителен дел од конзервативците, и тоа не само кај оние умерените: неговиот двеиполгодишен период во коалиција со „Нова демократија“, за време на премиерскиот мандат на Антонис Самарас (2012–2015), се памети по добро, делумно и поради неочекуваната „хемија“ што се создаде меѓу нив двајцата.

Многумина сметаат дека 69-годишниот Венизелос сè уште гледа простор за себе на политичката сцена, особено доколку претстојните избори не резултираат со јасно мнозинство, па се појави потреба од личност која ги надминува партиските граници за да ја предводи владата.

Посетата на Скопје ја опишна како „непријатна“

Потсетуваме дека Евангелос Венизелос, како министер за надворешни работи на Грција, во 2014 година допатува во Скопје како дел од турнеја низ Западен Балкан. Бидејќи Грција во тој период претседаваше со Советот на Европската унија, неговата посета формално се одвиваше во рамките на претседавањето со ЕУ.

За време на престојот во Скопје, Венизелос се сретна со државниот врв, вклучувајќи ги премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со лидери на опозицијата.

Главен фокус на дипломатските разговори беше долготрајниот спор околу името. Венизелос го повтори тогашниот дефинитивен став на Грција: барање за сложено име со географска одредница, кое би се применувало erga omnes, како за внатрешна, така и за меѓународна употреба, што подразбираше и промени во Уставот на земјата.

Посетата ги истакна тензиите во дипломатски рамки карактеристични за тој период. Имено, Венизелос одби да учествува на заедничка прес-конференција пред позадина на која пишуваше „Република Македонија“, а подоцна ја опиша политичката атмосфера за време на средбите како „непријатна“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?