Мицкоски турка спојување на тајните служби, ЕУ вели НЕ

АНБ

Христијан Мицкоски сака да ги стави Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање под еден покрив. Во меѓувреме, Европската комисија втора година по ред предупредува на проблем со покривот под кој веќе работи АНБ.

Во Собранието, премиерот вети јавна дебата, поефикасни служби и посилен парламентарен надзор. Новиот извештај на ЕК покажува со каков надзор Владата влегува во таа реформа. Двете собраниски комисии задолжени за контрола на службите и за следењето на комуникациите немаат утврден начин редовно да се координираат. Советот за граѓански надзор останува нецелосно екипиран. А механизмот за граѓанска контрола кај Народниот правобранител има потреба од услови за самостојно работење.

Пред да побара доверба за една служба со поширок опфат, Мицкоски треба да одговори кој ќе ја контролира, до кои документи ќе има пристап и што ќе се случи ако раководството на службата го ограничи увидот.

Владата веќе вети објект надвор од МВР

Европската комисија уште во извештајот за 2025 година изречно посочи дека АНБ треба да ги напушти просториите на МВР, а Оперативно-техничката агенција, ОТА, просториите ги дели со национален телекомуникациски оператор. Во извештајот за 2026 година Комисијата повторно ги евидентира двете состојби како ризик за оперативната независност.

Премиерот ја посочи ОТА како една од гаранциите против незаконско прислушување. Таа е самостоен орган кој, врз основа на судска наредба, ја обезбедува техничката врска меѓу операторите и овластените институции. Токму за таа агенција ЕК бара соодветни финансии и кадар, покрај забелешката за просториите. Ако Мицкоски ја темели одбраната на реформата врз ОТА, Владата треба да покаже што презела за да ѝ ги обезбеди условите за независна работа.

Еден директор, две служби и прашањето кој ќе го именува

Денес директорот на АНБ го именува и разрешува Владата на предлог на премиерот. Директорот на Агенцијата за разузнавање го именува и разрешува претседателот на државата. Ако обединетата служба го преземе моделот на АНБ, Владата би го добила и овластувањето за именување на раководителот на надворешното разузнавање. Тоа е конкретниот ризик од концентрација на моќ што јавноста треба да може да го оцени пред да се одлучи за спојувањето.

Мицкоски во Собранието се повика и на Хрватска. Таму директорот на цивилната безбедносно-разузнавачка агенција го именуваат заеднички претседателот и премиерот, а надзорот е парламентарен, стручен, граѓански и судски. Ако Владата го користи хрватскиот модел како аргумент, треба да каже кои од тие гаранции ќе ги предложи и кој ќе може да ја контролира новата служба и кога нејзиното раководство ја има политичката поддршка на премиерот.

Владата сака да го укине механизмот што требаше да ги координира службите

Во октомври Владата достави до Собранието предлог за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Со тој закон во 2019 година беше предвиден совет за координација меѓу АНБ, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Требаше да заседава најмалку еднаш во три месеци, да ги проценува заканите и да ги известува државниот врв и Собранието преку неговиот претседател.

Во образложението на предлогот, МВР оценува дека законот концепциски бил усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, но дека неговата примена била ограничена поради недоверба меѓу институциите, тесен опфат и недоволен оперативен капацитет. Предлогот предвидува укинување на законот. Во неговите одредби нема заменски механизам.

Проблемите што ги наведува МВР се и прашање на управување. Ако службите не разменувале информации како што било предвидено, Владата треба да објасни кој бил задолжен да ја обезбеди координацијата, колку седници се одржале и што било преземено кога механизмот не давал резултат. Дури тогаш јавноста ќе може да процени дали спојувањето решава конкретен проблем или само ги префрла истите слабости под еден директор.

АНБ ја упатува јавноста кај Владата, а за сопствениот надзор должи одговор

Во одговор до „Слободен печат“, АНБ посочи дека обезбедувањето седиште и формирањето нов орган преку спојување се во надлежност на Владата, а координацијата меѓу собраниските комисии е прашање за Собранието. АНБ, сепак, може да одговори што прави во рамките на сопствените овластувања за да го олесни надзорот и како постапува по забелешките што ги добива.

Има конкретен пример. На 10 септември 2025 година собраниската комисија за надзор ја посетила АНБ. Според соопштението на агенцијата, директорот Бојан Христовски ги известил пратениците за неправилности што, според него, биле утврдени во работењето од 2019 до 2024 година. АНБ тогаш соопшти дека пратениците во таа фаза не можеле да извршат увид во документацијата бидејќи по предметите веќе постапувало обвинителството.

Прашањето за АНБ и за комисијата е што се случило потоа. Дали пратениците добиле увид кога се создале законски услови и како го документирале надзорот? Одговор за постапката може да се даде и со заштита на класифицираните податоци. Самиот факт дека комисијата влегла во зградата кажува малку за тоа што успеала да провери.

И кај граѓанскиот надзор има разлика меѓу почнат процес и функционална контрола. Советот за граѓански надзор одржал прва седница во март. На 5 ноември собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утврдила предлог за уште двајца членови. За Советот да ја врши својата улога, потребни се луѓе, услови за работа и пристап што ќе му овозможи да проверува како се применуваат мерките за следење.

Мицкоски ја брани реформата и со аргументот дека неговата партија била жртва на злоупотреби на службите додека била во опозиција. Токму затоа од него треба да се бара да покаже како ќе функционира контролата кога службата ќе му одговара на раководство именувано за време на неговата власт. Од АНБ, пак, треба да се бара да покаже како го спроведува надзорот што веќе е предвиден со закон. Пред да се спојат службите, јавноста има право да знае кој ќе може да ги провери нивните одлуки и што ќе следува ако утврди злоупотреба.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?