Соња ТАНЕСКА
Главните проекти кои македонската Влада постојано ги промовира, ветувајќи економски бум се всушност ново поглавје во изградбата на економската империја за влијание на владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Ако го исклучиме заемот од 500 милиони евра, за кој ниту премиерот Христијан Мицкоски, ниту министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска се уште не дале доволно информации, засега сигурно е влегувањето на унгарската телекомуникациска компанија „4иГ“.
Исто така и покрај недоволната координираност на министрите за локална самоуправа Александар Николовски, финансии Димитриевска Кочовска, надворешни работи Муцунски, па и Мицкоски, она што е главен фокус веднаш по изборите е начин да се сопре изградбата на пругата кон Бугарија во рамки на „Коридорот 8“ кој е важна стратешка нишка за Северна Македонија во рамки на НАТО Алијансата. На сметка на тоа постојано се укажува на важноста на „Коридорот 10“ кој случајно или пак не е во рамките на кинескиот проект „Појас и пат“.
Но сепак заедничко за сите овие набројани „економски“ бенефити покрај тоа што се поврзани со Унгарија значително се поврзани и со Кина. Орбан, и покрај предупредувањата од западните сојузници, во мај годинава се согласи да ги продлабочи врските со кинескиот претседател Кси Џипинг при неговата посета на Будимпешта.
Примарната цел на тридневната посета на Џинпинг беше да се осигура дека Унгарија може да и помогне на Кина да добие пазарен удел во ЕУ, а се потпишаа вкупно 16 билатерални договори.
Договорите вклучуваат унгарски инфраструктурни случувања и железнички, патишта и енергетски проекти поврзани со врвната приоритетна иницијатива на Пекинг „Појас и пат“, но и зајакнување на сорбаотката со телекомуникациска опрема Huawei Technologies Co.
Кси и Орбан се договорија за „партнерство за сите временски услови“, една од највисоките форми на билатерални врски за Пекинг и дел од стратегијата за проширување на влијанието на Кина.
На заедничкиот брифинг, Орбан ја поддржа политиката на една Кина, а кинеските медиуми му припишаа коментари со кои ги отфрла жалбите на САД и ЕУ за тоа што Кина ги преплавува западните пазари со евтини производи.
Huawei е закана за националната безбедност?
Huawei и „4iG Nyrt., унгарска телекомуникациска компанија која Орбан ја подготвува за национален шампион, планираат да развијат заедничка платформа за облак услуги, која ќе им служи на кинеските компании кои работат во Унгарија, како и на домашните фирми во земјата.
Телекомуникациите се особено чувствителна област, при што САД и голем дел од ЕУ гледаат на Huawei како закана за националната безбедност – нешто што компанијата и Кина го отфрлаат. САД ги отповикаа лиценците што и дозволија на кинеската фирма да купува полупроводници од Qualcomm Inc. и Intel Corp.
„Никој не сугерира дека Унгарија не треба да работи со Кина. Но, начинот на кој Унгарија ги продолжува односите со Пекинг, вклучително и инкорпорирање на проблематичната технологија на НР Кина во нејзината критична инфраструктура, покажува малку почит кон сопствената безбедност на Унгарија или на нејзините сојузници и партнери, порача американскиот амбасадор во Унгарија Дејвид Пресман.
ВМРО-ДПМНЕ веќе подготвува терен за унгарската „4iG“
На вчерашната седница Владата ја разгледала информацијата на министерот за транспорт и врски Николоски за писмото со намери на операторот 4iG од Унгарија, да влезе на македонскиот пазар, како дел од стратегијата на таа компанија за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
Во соопштението на Владата се вели дека ова е во интерес на ставот за зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија, но нема ништо за стратегијата на извршната власт тоа да го постигне низ транспарентна и конкурентна постапка, која обично се прави низ тендерска постапка.
Но, ВМРО-ДПМНЕ ги прескокнува сите вообичаени и со закон предвидени постапки и пред очите на целата јавност си договара влез на нов телеком оператор во четири очи и тоа критикуван од стртешките партнери на земјава и поврзан со Кина.
Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE“.
Унгарија и кинеските заеми
Новите деловни зделки, вклучително и планираните работи за железничка инфраструктура, може да изнесуваат до 10 милијарди евра (10,8 милијарди долари), а Унгарија ќе бара кинески заеми за да ги финансира овие планови.
Орбан постојано укажува на поплавата од инвестиции од Кина како дивиденда од неговата стратегија за „источно отворање“.
BYD Co., кинескиот EV гигант, ја избра Унгарија како место на својата прва европска фабрика за автомобили, надминувајќи ги Германија и Франција. Унгарија е исто така центар за производители на батерии за автомобили, а кинеската Contemporary Amperex Technology Co. Ltd. моментално гради фабрика вредна 7,3 милијарди евра во источниот град Дебрецен.
Во рамките на кинеската иницијатива „Појас и пат“, се работи и на изградба на железничка линија од повеќе милијарди долари за надградба на инфраструктурата меѓу Белград, главниот град на Србија и Будимпешта. Унгарија е единствената земја од ЕУ која сè уште учествува во кинеската програма.
ВМРО-ДПМНЕ има поголема корист од „Појас и пат“
Она што е очигледно е дека новата Влада на ВМРО ДПМНЕ, која е во коалиција со унгарскиот премиер излегува дека е индиректен сојузник на Кина, па токму затоа и да ја турка агендата на „Појас и пат“ бидејќи уште од доаѓањето на власт постојано повторува дека претходната Влада била неодговорна и без никаква економска оправданост влегла во проект за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија тежок 560 милиони евра, иако пругата кон Бугарија е важна делница на „Коридорот 8“ и стратешка цел на НАТО, а се гради повеќе од 30 години, а градежните работи од бугарската страна се речиси готови, остануваат уште само 2 ипол километри до границата со Северна Македонија.
Од ВМРО ДПМНЕ проценуваат дека тие средства можат да се потрошат на модернизација на пругата од Табановце до Богородица, што секако се вклопува во планираната железница Будимпешта-Белград-Скопје-Атина и ќе им помогне на кинеските стоки побрзо да стигнат до Западна Европа од пристаништето Пиреја, управувано од грчката Кина.
„Таа пруга може да се користи од возови кои би се движеле до 120 километри на час, а би чинела 250 милиони евра, односно на половина од тоа што СДСМ и ДУИ планирале за пруга со тунел без крај“ , потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие сметаат дека средствата добиени како финансиска помош од ЕУ за изградба на железничката пруга од Куманово до Деве Баир треба да се пренаменат за обнова и реконструкција на коридорот од Табановце до Гевгелија.
На брифингот одржан минатата недела, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска појасни дека парите кои земјава ги добила за изградба на пругата кон Бугарија, кој е проект во рамките на Коридорот 8 нема да може да се пренаменат, но можно е да се разговара со кредиторите (Европската инвестициска банка н.з) и да се зборува за нов заем.
За изградба на пругата до Гевгелија, во манастирот Св. Прохор Пчињски зборуваа и шефовите на државите на Северна Македонија и Србија, Гордана Сиљановска-Давкова и Александар Вучиќ.
-Трансевропскиот коридор 8 не само што ја поврзува Република Северна Македонија со Бугарија, туку има за цел да ја зголеми геостратешката автономија на ЕУ. Тој, исто така, станува клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО од Јадранот до Црното Море и е од голема важност во сегашниот геополитички момент. Одбивањето да се изградат основните компоненти на Коридорот 8 ја ослабува колективната безбедност на Алијансата, реагираше бугарската Влада.
Според нив, Бугарија во повеќе наврати го покренала прашањето за изградба на Коридорот 8 на највисоко ниво и успешно лобира за обезбедување на европски средства за негова изградба, вклучително и за Република Северна Македонија.