Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мандатот им завршува на 15 септември – Мицкоски стана експерт и по историја, ќе ги менува членовите во комисијата со Бугарија

Ко-претседателот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања од македонска страна, академик Драги Ѓоргиев во изјава за Рацин.мк не сакаше да го коментира ставот на премиерот Христијан Мицкоски, кој најави промени на историчарите, затоа што според него „тоа е политички став, лично мислење искажано од политичар.

– Сигруно ќе има промени, мандатот на сите членови на Комисијата всушност им го дава владата, а тој истекува наскоро, на 15 септември, и е со траење по една година. Секоја година Владата во септември преку Министерството за надворешни работи им го обновува. Откако е формирана Комисијата досега, работи во речиси истиот состав од двете страни, вели Ѓорѓиев.

Мицкоски најави дека наскоро ќе биде променет составот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Според него, актуелниот состав на Комисијата не е заштитник на интересите на Македонците, а во кадровските промени нема политичка заднина.

– Нема политичка заднина во промената на членовите на Мешовитата комисија. Нормално е дека новата Влада, составена од нови луѓе, ќе сака кадровски промени и не гледам што е страшно ако Комисијата има нов состав. Инаку, мое лично мислење е дека актуелната Мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ – рече вчера премиерот Мицкоски.

На прашањето кога ќе се случи промената на членовите, тој одговори дека се очекува многу скоро, во текот на овој месец или на почетокот на септември.

Комисијата годинава одржала три состаноци и засега нема напредок, се разговара околу прашањата врзани за Средниот век, а на средбите се дискутирало за содржината на учебниците по историја за основното образование кои го третираат периодот Среден век. Тоа се учебниците по историја за шесто одделение во Бугарија и за седмо одделение во Македонија.

Од Средниот се усвоени препораки за пет личности кои се однесуваат за заедничките македонско-бугарски чествувања за овие личности, но за учебниците нема напредок.

Препораките за заедничко чествување се за светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и за Цар Самоил. За нив се договорени заеднички текстови што треба да важи и за македонската и за бугарската страна. Овие препораки се усогласени уште во 2019 година, а во македонската јавност беа обелоденети летото 2022 година. За учебниците што го третираат Средниот век веќе неколку години нема никаков напредок, и сè уште остануваат големите разлики помеѓу двете страни во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики.

На пример, при заедничкото чествување на Цар Самоил, двете држави треба да користат текст дека царот Самоил е „владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“.

Понатаму, се вели дека тоа царство „опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија“.

Македонија и Бугарија досега не одржале заедничко чествување на Цар Самоил. Всушност, одржано е само едно заедничко чествување и тоа на делото на свети Климент Охриски во декември 2022 година, кога тогашните министри за надворешни работи Бујар Османи и Николај Милков положија цвеќе на споменикот на светителот пред Националната и универзитетска библиотека во Скопје.

Заедничката комисија за образовни и историски прашања на Македонија и Бугарија е формирана као резултат на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што двете земји го потпишаа во август 2017 година, а кој стапи на сила во февруари 2018 година. Успехот на работата на Историската комисја се смета за еден од клучните елементи за спроведувањето на овој билатерален договор.

А успешното спроведување на Договорот за добрососедство, пак, е дел од Преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ, во која се наведува дека напредокот на преговорите ќе се води според напредокот на земјата во „постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување“. Но, за да се зборува воопшто за напредок во преговорите потребно е тие ефикасно да почнат, за што основен услов е Македонија да го смени Уставот и во него да го внесе бугарското малцинство.

Македонската влада се обидува да издејствува промена на преговарачката рамка во која посакува да се вметне одложено дејство на уставните измени, односно да стапат на сила кога преговорите за членство со ЕУ ќе завршат, за да нема „нови уцени и блокади на европскиот пат од страна на Бугарија“.

Зачлени се на нашиот е-билтен