Во одговор на прашање каков е ставот на Владата за иницијативата Отворен Балкан, премиерот Мицкоски започна со тоа што рече дека секоја регионална иницијатива којашто може да донесе нова вредност е добра иницијатива.
Но, рече тој, тие, таа иницијатива ќе треба да ја разгледаат со стратешките партнери.
„Иницијативата Отворен Балкан има многу недостатоци и не е комплетна. Доколку една од целите на оваа иницијатива е брз прекуграничен проток на луѓе и стоки, тогаш јас би сакал да знам каде е границата меѓу двата партнера во овој проек, меѓу Албанија и Србија. На крајот од денот, целта на сите држави од регионот е членство во рамки на ЕУ, нема побрз проток на луѓе и стоки од тоа кога ќе ги немаме границите кои за жал постојат денеска и за кои за жал уште денеска спориме каде се наоѓаат во регионот“, одговори премиерот Христијан Мицкоски.
Она што некој треба да му го објасни на Мицкоски дека во рамките на Отворен Балкан, со цел да се олесни трговијата, движењето на граѓаните и развојот на економијата беа потпишани три меморандуми и тоа Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап на пазарот на трудот на Западен Балкан и Договор за соработка за заштита од катастрофи на Западен Балкан.
Овие меморандуми, од кои некои од нив подоцна се преточија во договори, беа поставени на принципите на четирите слободи на Европската унија, за проток на производи, мобилност на луѓе, услуги и капитал, но на регионално ниво.
Оттаму, практично како и во ЕУ стана неважно дали земјите од иницијативата непосредно граничат и Отворен Балкан со околу 20 договори, протоколи и меморандуми за разбирање, потпишани меѓу Македонија, Србија и Албанија, покажа дека чисто регионалната идеја може да има европски резултати.
На почетокот на 2022 година на граничните преминни Табановце – Прешево и Ќафасан – Ќафтане беа отворени посебни приоритетни ленти за стоки и компании со Овластен Економски Оператор (ОЕО) од земјите од Отворен Балкан. Во Македонија со ваков сертификат се стекнаа 24 компании, а „Зелените ленти“, пак, создадоа услови царинската контрола на границите да се одвива побрзо со што е олеснето движењето на земјоделските производи и храна меѓу земјите. Со зелените ленти, проценките се дека се заштедуваат над 30 милиони часови чекање по граничните премини. Беше промовиран е и системот за електронска наплата на патарините, кој треба да овозможи непречено и брзо движење на патниците низ трите држави.
Отворениот Балкан, кој беше замислен како иницијатива за економска соработка, резултираше со зголемување на вкупната трговската размена во трите земји за 25 проценти. Поединечно со земјите, според податоците од изминатата година, од формирањето на иницијативата забележано е зголемување на трговската размена на Македонија со Србија за 50 проценти и со Албанија за 40.
Од заеднички електронски систем за наплата на патарните за побрз проток на патниците низ трите земји, преку Договорот за безбедност на храна во Западниот Балкан, Договорот за интерконекција на шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, па сѐ до Меморандумот за културна соработка, Македонија, Албанија и Србија, тргнаа во релализација на планот кој кој доби поддршка од Брисел.
„Се восхитувам на фактот колку сте приврзани за оваа иницијатива, најмногу затоа што е иницијатива што доаѓа од Балканот, а не од ЕУ. Вие продолживте, кога ние не успеавте, да го привлекувате учеството на сите засегнати страни од Балканот. Ова е најдобрата порака што регионот може да ја испрати“, рече еврокомесарот Вархеји во Тирана во декември 2021 година.
Овае изјава на Вархеји е одговор на Мицкоски за тоа дека за Отворен Балкан ќе треба да се консултираат со стратешките партнери.
Вториот стратешки партнер, САД, во неколку наврати ја истакнуваше важноста на иницијативата Отворен Балкан.
Една од последните е онаа на американскиот амбасадор во Белград кој изјави дека Соединетите Американски Држави ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан, како и другите интегративни проекти во регионот.
Проектот Отворен Балкан Хил го оцени како многу позитивен, особено бидејќи не е наметнат однадвор и вели дека земјите од регионот мора да имаат модели на соработка.
„Ми се допаѓа што беше развиен овде на Балканот, не беше наметнат однадвор. Ние го поддржуваме, како и другите проекти за регионална интеграција“, изјави Хил за Радио-телевизија на Србија.