Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во изградбата на дистрибутивниот центар на Лидл се користат придобивките од Отворен Балкан за слободно движење на работна сила

Српската компанија Енергогруп, како една од фирмите којашто учествува во изградбата на дистрибутивниот центар на една од најголемите компании со ланец маркети Лидл, своите работници вклучени во оваа зделка ги ангажирала преку мерката слободен пристап до пазарот на трудот во рамките на Отворен Балкан која за граѓаните на Република Северна Македонија, Србија и Албанија почна важи од 5 март 2024 година.

Мерката произлегува од меѓународните договори потпишани меѓу Република Северна Македонија, Србија и Албанија како членки на иницијативата Отворен Балкан и тоа Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, како и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Со потпишаните договори на граѓаните  им се овозможува на граѓаните на споменатите држави да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци.

Бојан Лалиќ, адвокат од Скопје, кој во име компанијата Енергогруп ја спроведе администрацијата за ангажирање на работници од Србија за времена работа во Македонија, за Рацин.мк рече дека мерката за слободен пристап до пазарот на трудот во рамките на Отворен Балкан во огромна мерка ја олеснила постапката и го намалила времето и бирократијата која досега била потребна.

„Со постапката преку Отворен Балкан процедурата е прилично скратена и олеснета, за разлика од досегашните работни дозволи, за кои беше потребно многу документација, најмалку 40-тина дена и многу време за целата процедура на шалтерите во МВР, па во Агенцијата за вработување за конечно да се добие лична карта за странци, а потоа и сметка во банките“, вели Лалиќ.

Тој вели дека оваа мерка од Отворен Балкан ја заобиколува претходно утврдената административна постапка и ја крати процедурата. Искуството на Лалиќ вели дека со претходно утврдените идентификацискки броеви на граѓаните во Албанија, Србија и Македонија за слободен пристап до пазарите на труд на порталите за е-услуги во нивните држави, државјаните на овие земји потоа можат аплицираат за сертификат за слободен пристап до пазарот на труд којшто ја заменува личната карта за странец.

За Рацин.мк Лалиќ вели дека сѐ уште има одредени сегменти во администрацијата кои не се доволно запознаени со оваа мерка, но дека тоа се менува од ден во ден на задоволство на граѓаните кои имаат придобивки од оваа мерка којашто им озвоможува да аплицираат за работа без комплицирани процедури.

Oдговорни институции за спроведување на мерката во Република Северна Македонија се Министерството за информатичко општество и администрација во делот на издавање идентификациски број за Отворен Балкан, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Република Северна Македонија.

Овде е добро да потсетиме дека кога беше опозиција ВМРО-ДПМНЕ го кочеше и гласањето во Собранието за договорите од „Отворен Балкан“ со кои што работници од Македонија, Србија и Албанија можат да конкурираат на пазарот на труд во сите три земји,

Лидерот, пак, на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, за ова прашање не беше секогаш доследен. Остана во паметење онаа изјава кога рече дека “не бивало” регионална соработка бидејќи Србија и Албанија не граничеле меѓу себе“, дека немал никакви информации за Отворен Балкан и не ја разбирал суштината на проектот“, иако подоцна ретерираше па рече дека „потребни ни се проекти што ги зближуваат соседите“.

Од друга страна неговиот партнер во владината коалиција, Арбен Таравари, не е „фан“ на Отворен Балкан. Тој за време на неговата претседателска кампања, како еден од своите програмски приоритети најави иницијатива за излегување на земјата од Отворен Балкан.

„Ќе му предложам на Собранието веднаш Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан“, рече тогаш Таравари.

Оваа разлика во ставовите го истакнува прашањето дали сега тие ќе се усогласат и каков став ќе заземе актуелната влада генерално кон иницијативата Отворен Балкан. Гледаме дека договорите што беа постигнати се остваруваат и придобивките веќе ги чувствуваат засегнатите граѓани од земјите вклучени во оваа регионална соработа.

Од ставот на Владата за Отворен Балкан ќе зависи иднината на договорените проекти, но она што го занемаруваат скептиците и противниците на регионалната соработка, која се подигна на повисоко рамниште, е дека оваа мерка придонесува кон напредок и економски просперитет имајќи ја предвид важноста на полето на движење на работниците. Мерката, како и другите принципи на кои се градеше иницијативата, во целост е усогласена и го почитува спроведувањето на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ. Со Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот земјите вклучени во Отворен Балкан ја потврдија подготвеноста за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, со цел за економски развој и зголемување на економскиот раст, инвестициите и можностите за вработување во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново