Уште колку жени треба да умрат пред Јаневска да сфати што е важно во образованието

Седумнаесетгодишна девојка е убиена во Богданци. Претходно имало пријава. Имало и мерки за заштита. Девојката побарала помош од државата. Денес ја нема.

Затоа, доста со прашањето зошто жените молчат. Ова девојче не молчело. Институциите треба да објаснат што направиле откако дознале дека е загрозено. А министерката за образование треба да објасни зошто знаењето за насилството, согласноста и личните граници го третира како политичка непријатност.

Јаневска ја повлече програмата за сеопфатно сексуално образование по реакции во јавноста. Потоа призна: „Лично ја прочитав, не гледам ништо спорно“.

Не гледала ништо спорно, ама ја повлекла, оти неколку владици кукумјавчеа по социјални медиуми оти родово насилство, здрави сексуални односи, здрава дебата не се за млади.

Каква порака испраќа министерка што не може да застане зад образовна содржина чија потреба самата ја признава? Дека за здравјето и безбедноста на младите може да се преговара, ако отпорот е доволно гласен.

Во октомври дојде новата програма „Здравје и заштита на здравјето“. Во неа останаа согласноста, личните граници и насилството во врските. Но исчезнаа поимите „род“ и „родово базирано насилство“. МОН негира дека постапило под црковен притисок. Тогаш нека каже какво знаење добија учениците со бришењето на тие поими. Која научна грешка ја исправи министерката, која притоа е научник !?

Дали партијата со квази демохристијански вредности се пред нејзината стручност? Пред нејзиниот прв повик на кој ја обврзува и Хипократовата заклетва?

Во меѓувреме, надвор од министерските кабинети, девојките живеат во средина во која контролата лесно се продава како грижа, а љубомората како љубов. Момчето што ја проверува секоја порака е „заљубено“. Оној што не прифаќа раскинување е „упорен“. Заканите се омаловажуваат додека не стане предоцна.

Токму тука е работата на образованието. Да го научи момчето дека девојката има право да си замине. Дека одбивањето не е навреда што смее да ја казни. Дека претходната блискост не му дава трајно право на нејзиното тело и живот. Не значи НЕ, и кога се заедно, и кога таа веќе не сака да бидат.

Токму тука е работата на образованието. Да го научи момчето дека девојката има право да си замине. Дека одбивањето не е навреда што смее да ја казни. Дека претходната блискост не му дава трајно право на нејзиното тело и живот. Не значи НЕ, и кога се заедно, и кога таа веќе не сака да бидат.

Прашањето е непријатно, но уште понепријатно е да барате влијание врз образованието, а да избегнувате одговорност за ставовите што ги наметнувате. Ако сакате да одлучувате што младите ќе учат за партнерските односи, мора јавно да кажете како предлагате да ги учиме на согласност, рамноправност и ненасилство.

Одговорноста за убиството е кај сторителот. За постапувањето по пријавите мора да одговорат надлежните. Јаневска ја носи политичката одговорност за образовните одлуки. Еден предмет нема сам да спречи секое насилство, но тоа не е оправдување да го повлекувате и прекројувате знаењето што помага насилството да се препознае и оспори.

Девојката во Богданци веќе побарала помош. Неа не треба постхумно да ја поучуваме како подобро да се заштитела. Треба да ги учиме момчињата да ги почитуваат границите и да изградиме институции што ќе реагираат кога тие граници се прегазени.

Министерке, обезбедете го тоа образование во секое училиште, со обучени наставници и јасни постапки за заштита.

И застанете зад него кога ќе се побунат гласните противници. Функцијата што ја презедовте бара повеќе храброст од повлекување програма во која самата не сте нашле ништо спорно.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?