Како извонреден доказ за посветеноста и истрајноста на младите жени во медицината, трите најдобри дипломирани на водечките медицински факултети во Македонија оваа година се жени.
Анастасија Петличковска, Аљбина Рамадани и Бојана Кацарова ја добија наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“ што секоја година Лекарската комора на Македонија им ја доделува на тројцата студенти со највисок просек на трите државни медицински факултети во рамки на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) и „Гоце Делчев“ во Штип (УГД).
Од година во година, процентот на студентките во вкупниот број дипломирани на медицинските факултети во земјава се зголемува. Според податоците од Државниот завод за статистика, од вкупно 893 студенти што дипломирале на овие три медицински факултети во 2023 година, 682, или над 76 отсто, се жени.
Во интервју за Мета.мк, младите (идни) докторки – добитнички на наградата зборуваат за ригорозните барања на медицинското образование во земјава, предизвиците со кои се соочиле на патот до дипломата и лиценцата и нивните перспективи за квалитетот на образованието и праксата што ги добиле. Анастасија, Бојана и Аљбина, исто така, ги споделуваат своите размислувања за состојбата во која се наоѓа медицинската професија во Македонија, осврнувајќи се на можностите и пречките кои претстојат.
Нивните искуства и сознанија даваат вредна перспектива за насоката на здравствената заштита во земјава, обликувана од новата генерација лекари, додека овие три млади докторки се подготвуваат да ги започнат своите професионални кариери.
Целиот разговор може да го прочитате во продолжение.
Што ве инспирираше да почнете да ја изучувте и да се занимавате со медицината?
Анастасија: Конкретен одговор на ова прашање не мислам дека би можела да дадам. Некако за мене никогаш не постоела друга опција во изборот на професија. Едноставно знаев дека треба да студирам медицина и не можам да се замислам во ниедна друга професија.
Аљбина: Уште како адолесцентка, кога почнав да размислувам за тоа што ќе студирам, за професијата и за мојот сон околу тоа со што ќе се занимавам во иднина, се гледав себеси како лекарка, затоа што тоа е најхуманата професија и моја голема желба беше да им помогнам на луѓето да се чувствуваат добро и сигурно, и со што друго ако не со медицината можев да ја постигнам таа цел!
Бојана: Имав голема желба кон природните науки. Таа желба датираше од основно. Тогаш искрено немав прецизна замисла која ќе биде мојата идна животна професија и бев љубопитно дете. Сакав во сè да учествувам, сè да видам, сè да направам и едноставно така се пронаоѓав што најмногу ќе ме привлекува. Бидејќи сум од Велес, најсоодветно училиште ми беше средното хемиско медицинско училиште, каде одбрав да учам за медицинска сестра, затоа што, на тој начин ќе ги изучувам природните науки, хуманистичка област е и се изучува одреден вид на струка, а работата со луѓе не ми претставува проблем.
Понатаму, кога се запишуваш средно, ти се отвораат повеќе гледишта. Веќе некаде од трета година, кога навлеговме повеќе во светот на медицината, бев одлучена дека ова е тоа што го сакам, тоа во кое се пронаоѓам, ме исполнува и прави да чувствувам некое задоволство на крајот од денот. Медицината мене ми е склоп од наука и уметност. Толку е широка област, толку гранки и сфери има во кои можеш да се насочиш и пронајдеш – од научна или едукативна дејност, преку клиничка дејност, работа со пациенти, во лаборатории и друго.
Кои се некои од најголемите предизвици со кои се соочивте за време на студирањето и како ги надминавте истите?
Анастасија: Не е непознато дека Медицинскиот факултет важи за најтежок факултет. За ова придонесува бројот на испити – вкупно 61, сложеноста на тие испити – има испити кои се состојат од шест и повеќе посебни полагања за да се стигне до финална оцена, обем на материјал, обврски со присуство на факултет – понекогаш со полн распоред од 8 до 18 часот. Она што јас лично би го издвоила како голем предизвик, а можеби не толку очигледен, е тоа колку всушност е далеку почетокот на кариера од првиот академски час за студентите по медицина. Ова некако особено се потенцира околу четвртата студиска година, кога врсниците со други професии веќе почнуваат да се вработуваат и го наоѓаат своето место во општеството, а студентите на медицина допрва почнуваат да слушаат клинички предмети. Иако повремено се чини како вечност, шесте години поминуваат екстремно брзо. Завршувањето на факултетот е само почеток на долгиот пат кој следи.
Аљбина: Најголем предизвик за време на студиите за мене беше изнаоѓањето на начин како да учам. Кој студира медицина знае дека предметите се поврзани еден со друг и се доста логични за разбирање, но поради преоптовареноста од големиот број на предмети и поради ограниченото време поради предавањата и вежбите, јас се губев во целата таа литература. Но, чекор по чекор, и со многу труд, успеав да го совладам тоа со успех.
Бојана: Студирањето медицина беше навистина исцрпувачки процес. Многу работи се тука во прашање, почнувајќи од финансиски аспект. Жалосно е што студирањето медицина, како и кој било друг државен факултет, на некој начин, е олеснето само за оние студенти кои се финансиски стабилни. Многу е тешко и мачно да се истера, особено еден ваков тежок државен факултет со многу одговорна професија и захтевно студирање, без притоа да си финансиски моќен. Тоа е проблем. Од ништо да направиш нешто и сам да создадеш можности, скратувајќи си сам на себе одредени лагодности.
Но, нека не се обесхрабруваат студентите, нека чекорат храбро, со верба во себе и во Бога. Трнлив е патот, но сатисфакцијата е голема. Не е тешко да се сфати материјата, затоа што или имаш „кликер“ за да ја разбереш приказната, да влезеш во материјата, или едноставно не си скроен за тоа. Медицината не се учи напамет. Не е тоа толкав проблем колку што е проблем системската неорганизираност на некои правила и измени што се случувале во последен момент.
Тука би го споменала и запоставувањето на нашите социјални улоги. Да, свесни сме дека уживаме во оваа медицинска професија, меѓутоа треба и мора да запамтиме едно – дека животот се одвива и продолжува надвор од нашата професија и надвор од нашето работно место. За жал, јас сериозно го запоставив тоа – дали би го променила од сегашна гледна точка, не знам, ако нешто променев можеби сега немаше да го правиме ова интервју, меѓутоа, запоставив многу пријателства, роднински врски, семејни релации… Едноставно, си одиш дома, ги поздравуваш твоите, седнуваш да учиш, доаѓа недела, се враќаш назад на студии и тоа трае долги шест години.
И на крај, како предизвик би го спомнала зачувувањето на здравјето и благосостојбата, исто така. Ги советувам сите млади лекари и студенти да посветат особено внимание и да водат грижа за нивната здравствена состојба, со умерена физичка активност и здрава исхрана.
Како би го оцениле квалитетот на образованието што го добивте? Колку сметате дека факултетите ве подготвија за практична медицинска работа? Имавте ли можности за практична работа и колку истите беа вредни?
Анастасија: Дипломирањето на медицински факултет е чудно чувство, истовремено знам премногу и не знам ништо. Понекогаш и сама себе се изненадувам со информации кои ги знам. Од друга страна, се бројат на прсти услугите кои еден тукушто дипломиран студент на медицински факултет би можел самостојно да ги пружи на пациент. Последните години од факултетот се секако повеќе посветени кон практичните вештини, и не можам да речам дека како студенти немаме можност за практична работа. Сепак, генерално додипломските студии се повеќе ориентирани кон теоретско знаење и истите нè подготвуваат да бидеме општи доктори по медицина. За време на тековната клиничка пракса, но и понатаму со работа, се утврдуваат знаењата и усовршуваат различни практични вештини.
Аљбина: Квалитетот на студиите и образованието од 1 до 10 би го оценила со оценката 7. Причина за оваа оценка е недостатокот на соработка професор-студент, администрација – студент, лекари – студент, асистенти – студент. Исто така, според моето мислење, секогаш треба да ѝ се даде поголема важност на практичната работа во болница, затоа што утре таа ќе биде првата реалност со која ќе се соочиме веднаш штом ќе почнеме со лекарската професија.
Бојана: Многу сум задоволна од начинот на кој беше спроведена практичната работа. Одев на пракса во Велес, одев и на редовна пракса во Клиничката болница во Штип, како и во приватни клиники во Скопје. Нашиот факултет потпиша договор со неколку државни и приватни здравствени установи. Од тој аспект, во поглед на праксата, сум задоволна и тука навистина не можам да најдам забелешка, затоа што сметам дека факултетот направи сè што можеше во поглед на праксата.
На крај, се сведуваме на една реченица „На волкот му е дебел вратот оти сам си ги коле овците“. Се случувало да останувам прекувремено на пракса, да останувам на дежурства, за да научам нешто што ќе ми биде од корист и да бидат продуктивна во работата.
Секој од професорите и асистентите се трудел да ни се посвети максимално, колку што знае и може.
На крајот од денот, приказната останува на нас самите. Суштината на медицината и на студирањето медицина е да научиш како треба да се учи, да знаеш како да разбереш, така што, колку што е тоа заслуга на тие што ни го пренеле знаењето, толку е и наша заслуга – колку ние сме се потрудиле да апсолвираме, совладаме и да научиме и, потоа, како да го применуваме сето тоа.
Медицинскиот факултет важи за еден од најтешките. Како успева(в)те да ги балансирате студиите со личниот живот и другите обврски?
Анастасија: Неизбежно е дека некогаш мора да се пропушти некое излегување, кафе со другарка, викенд патување или пак дури и предавање на сметка на учење, вежби или полагање, но имајќи ја големата слика предвид, со добар „time management“, има време за сè. Сè додека приоритетите се јасни, обврските ќе се навремено и успешно завршени оставајќи време за забава, тренинг и шетање. Наоѓање на личен баланс е клучна умешност за „преживување” на медицински факултет.
Аљбина: За секој студент по медицински науки за време на студиите главен проблем беше недостатокот на време за извршување на другите секојдневни обврски, за разни настани во животот, за летни и зимски одмори (поради испитните сесии), психичкиот напор поради долгите години на студирање и поради чувството дека овој период од животот никогаш нема да заврши. Менаџирањето на времето директно зависи од приоритетите. За време на студиите нормално дека им се дава поголем временски простор на професионализмот и на студиите. Значи, останува многу малку време за секојдневните случувања, и за жал, во напорите за да се постигне успех понекогаш е загрозено и психичкото и физичкото здравје.
Бојана: Искрено тој процес тешко го реализирав. Повеќе ми беше приоритет студирањето – да совладам што е можно поголем дел од градивото, најдобро што можам да научам и натаму „што ќе биде, нека биде“. Едноставно, да се прикажам во најдобро светло, да го разберам тоа што го учам и да се потрудам да го применам. Тоа ми беше фокусот изминативе години. Важна е и поддршката од најблиските. Семејната поддршка мене ми беше значајна. Јас го пронајдов својот мир во природа. Природата со своите благодати ми е мелем за душа и рестарт за умот. Ми даваше енергија и сила да продолжам со понатамошните обврски.
Една сугестија до студентите и идните студенти, да се потрудат да го балансираат животот. Најголем дел од нив ќе дипломираат и ќе се вработат, ќе ја научат работата – медицината се работи и според протоколи, меѓутоа, на крајот од денот, тука се и некои многу сериозни животни и социјални улоги – родители, мајки, татковци, сопружници, партнери и слично.
Секако, мораме да обрнеме внимание и на нашето здравје ако сакаме да овозможиме здравствена заштита и да лекуваме други луѓе!
Неминовното прашање за секој студент во медицина во Македонија: Кои се вашите непосредни планови по дипломирањето и каде се гледате во наредниве години?
Анастасија: Засега се гледам во Македонија, се надевам вработена како специјализант во гранка по мој избор.
Аљбина: Моите планови по дипломирањето се да се реализирам 100% како општ лекар и да бидам спремна да им излезам во пресрет во кое било време на сите луѓе кои ќе имаат потреба, а ова се постигнува со постојано читање и со голема посветеност во практичниот дел. Откако ќе го постигнам ова што го наведов, тогаш би сакала да специјализирам во одредено поле, таму каде што најмногу ќе си се пронајдам себе си за време на практичната работа.
Бојана: Во животот одам „go with the flow“. Не знам колку е добро или лошо тоа (во моето искуство се покажало како добро), но немам некои јасно прецизирани, тврдокорни и зацврстени цели и ставови дека нешто морам да направам. Едноставно, го оставам текот на работите да си тече спонтано.
Како ги гледате можностите за медицинските работници во Македонија во споредба со европските земји? Како ја балансирате желбата за она што го нудат глобалните можности со посветеноста да придонесете за нашата држава?
Анастасија: За жал, факт е дека огромен број од дипломираните студенти директно по завршување на студиите се упатуваат во некоја од европските држави. Иако постојано се зборува дека професијата е дефицитарна, вработување во државна здравствена институција по дипломирање е реткост, особено во гранка по сопствен избор. Голема и важна новост од последниве денови е веста за планирано вработување на петмината најдобри студенти од трите медицински факултети. Во, по мене, идеален систем, концептот „приватен специјализант” не би постоел и сите дипломирани студенти би добиле шанса за вработување во јавното здравство по добивање на Лиценца за работа. Бројот на студенти кои се запишуваат на медицинските факултети треба да одговара на бројот на работни позиции кои можат да се понудат на дипломираните доктори.
Аљбина: Мојот одговор во однос на оваа прашање е многу краток. Ако работиш со желба, волја и посветеност, тогаш ќе најдеш успех каде и да си.
Бојана: Тоа, според мене, е индивидуално мислење и одлука. Секој човек има различни барања и потреби од животот. Во едно претходно интервју кажав „Ако сите си заминуваме од државата, кој ќе остане да го лекува овој народ?“. Да, навистина е така, но секој си заминува од различни побуди. Луѓето не си заминуваат само затоа што некаде има повисока плата или подобро организиран здравствен систем. Си заминуваат од трпење неправди и непотизам. Така што, изборот е личен и зависи од сопствени перцепции за работата и секојдневното живеење. Секој ги гледа можностите низ своја перспектива и своја призма.
Околу иднината на лекарската професија во нашата држава – кои промени или подобрувања би сакале да ги видите во системите за медицинско образование и здравствена заштита?
Аљбина: Во начинот на студирање, вработување и работата како лекар, три се точките во кои би сакала да има промена: Прво, примањето на определен број на студенти на медицинскиот факултет според неколку определени критериуми; второ, зголемување на платите и трето – подобрување на условите во болниците и подобрување на хигиената во болниците.
Бојана: Прво, промени во тоа како да се спроведува медицинското образование. Да тргнеме од достапната литература, пишувана од наши македонски автори и професори. Теоријата, да, важна е, не можеш да работиш без теорија, и тоа како е важна основа, но студентите мора да се надоградуваат со различен тип на пракса.
Добро е да се воочи за која област е талентиран секој млад лекар. За тоа е потребно соодветно менторирање. Медицината е непрепловен океан, за секого има место – било во клиничка установа, било во институт.
Потоа, да се овозможи соодветна специјализација за талентирани студенти и лекари, соодветно да ја изучуваат медицината, за да можат понатаму тоа да го работат.
Исто така, мислам дека е значајно да се посвети внимание и на медицинската едукација, затоа што колку луѓето и да имаат познавање од медицината „од општа култура“, има делови од населението на коишто навистина им треба едукација – малцинства, тинејџери, млади девојки и момчиња и ова едноставно треба да се направи што е можно побрзо и порано, за да има ефект.
Понатаму, едукацијата да биде и на лекарите, затоа што учењето медицина е животен студиум кој не запира никогаш. Исто така, добриот лекар, освен што има професионална стручност, поседува и хуманистички способности.
За глобални промени треба да се почне со помали чекори, од самите нас како индивидуи.
Каков совет би им дале на сегашните студенти по медицина кои сакаат да се истакнат и да успеат во студирањето?
Анастасија: Студиите по медицина се тежок и долг пат, разочарувања за жал има многу, но, на крај трудот ќе ви биде соодветно вреднуван и валидиран. Одете напред со сопствено темпо, не се споредувајте и тркајте со никој друг. И по мене особено важно, секогаш оставајте си време и за одмор и уживање, наспан и задоволен студент секогаш учи подобро од прегорен и преморен.
Аљбина: Мојот совет за актуелните студенти по медицина е да не размислуваат за долгите години на студирање, туку да ги искористат за да се здобијат со што поголеми знаења, затоа што во иднина никогаш веќе нема да ја имаат истата можност, и исто така никогаш да не паднат под влијание на нечии идеологии, туку да размислуваат со своја глава и да го кренат гласот за секоја мака, затоа што никој од нас не е незаменлив.
Бојана: Би им дала совет да не им биде цел да се истакнат за да бидат видени и слушнати. Да си бидат едноставно посветени, да си работат, да си научат убаво, да бидат продуктивни и исполнителни и секогаш квалитетот, на овој или оној начин, ќе биде виден и препознаен. Ќе наидат на многу сопки и пречки, многу повеќе отколку на пријателства, поддршка и помош, на луѓе кои ќе сакаат да ги турнат и поклопат, меѓутоа јас верувам дека, кога-тогаш, светлината доаѓа на виделина. Нека не се откажуваат! Со верба во Бог пречките се надминуваат!
Интересно е што сите три најдобро дипломирани студент(к)и на медицинските факултети се жени. Како мислите дека медицинското поле и образование може подобро да ги поддржат студентките и докторките?
Анастасија: За среќа, медицината денес е далеку од машко-доминирана професија и жените студентки по медицина и докторките имаат потполно еднакви можности и прилики како припадниците од машки пол. Секако дека постојат медицински гранки со повеќе мажи или жени специјалисти, но постојат многу фактори кои имаат улога во таквата дистрибуција и тоа апсолутно не значи дека има строго машки или строго женски специјализации. Барем досега, јас лично не сум почувствувала потреба од посебна поддршка заради тоа што сум жена. Им го честитам успехот на двете други колешки именувани како најдобро дипломирани студентки и им посакувам уште поголеми успеси понатаму!
Аљбина: Во последно време жените покажаа дека се многу способни во секоја професија што ќе ја одберат, посебно во лекарската професија која директно е поврзана со сензитивноста, а жените се многу сензитивни по природа. Жената има неисцрпна желба за да биде самостојна и да има слобода во одлуките што ги носи, така што, имањето на една професија која ја владеат претставува една голема предност во нејзиниот живот. Нешто што би им помогнало на жените за време на студиите е финансиската помош, затоа што во Македонија сè уште не е толку лесно да се најде работа со скратено работно време, која би била од голема помош за подмирување на трошоците, за разлика од мажите, за кои сметам оти немаат толку потешкотии во овој дел. И последно, но не и помалку важно, мислам дека една жена-лекарка треба да користи најмалку 18 месеци породилно отсуство, затоа што, кога станува збор за нашата професија, постигнувањето на една рамнотежа меѓу професионалниот и семејниот живот е едно од најтешките нешта со кое се соочуваме.
Бојана: Важно е да се цени жената-лекар според своите квалитети и својот придонес кој го вложува во текот на работењето. Воопшто не смеат да бидат земени предвид некои приватни животни планови. Да се биде жена во полето на медицината е тешка задача, но истовремено достоинствена, храбра и борбена функција. Едно имам заклучено: луѓето кои се вистински образовани и сигурни во своето знаење, не се плашат да бидат опкружени со успешни луѓе, без оглед дали се мажи или жени.