„Молика“ ќе бара кривична истрага за труењето во РЕК „Битола“

ЕСМ „Молика“, која управува со кујната во РЕК „Битола“, најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за случајот со труењето со храна кај вработени во комбинатот. Целта, според соопштението, е надлежните органи да ги утврдат причините за здравствените тегоби што се појавија кај работници по консумирање лазања со сос во работничката кујна на 25 март.

Од „Молика“ соопштија дека деталните инспекциски надзори не утврдиле присуство на салмонела во примероците од храна, ниту на работните површини во кујните на Термоелектраната и Рудниците. Според компанијата, тоа значи дека појавата на салмонела кај дел од вработените не е поврзана со примарната подготовка на храната во централната менза.

Претходно, Заводот за здравствена заштита информираше дека кај 24 пациенти кои јаделе во работничката кујна лабораториски била потврдена салмонела од групата Д. Случајот предизвика голема загриженост откако повеќе работници побараа лекарска помош со стомачни тегоби, а претходните информации говореа за десетици, односно повеќе од сто лица со симптоми по консумирање оброк во РЕК „Битола“.

Кујната, која беше затворена по вонредниот инспекциски надзор во март, треба повторно да почне со подготовка на храна од понеделник, 11 мај. Од „Молика“ наведуваат дека во меѓувреме било спроведено темелно чистење и дезинфекција, како и дополнителни заштитни мерки.

Компанијата најави и промена во начинот на послужување. Топлиот оброк ќе се служи исклучиво за вработените во кругот на Термоелектраната, додека вработените во Рудниците привремено ќе добиваат сув оброк, сè додека не се обезбедат услови што ќе гарантираат безбедно послужување топла храна во трпезаријата на ПЕ Рудници.

Според „Молика“, сите заболени на 25 март биле вработени во Рудници, каде што храната била дистрибуирана како спакуван оброк и била консумирана со временско одложување. Не биле евидентирани заболувања кај вработените во Термоелектраната, каде што храната се јаде веднаш по подготовката и во контролирани услови.

Од компанијата апелираат до вработените оброкот да го консумираат веднаш по преземањето, за да се избегнат ризици од одложено консумирање во несоодветни услови. Случајот, сепак, останува отворен за надлежните институции, бидејќи лабораториски потврдена салмонела кај пациенти, а истовремено негативни наоди во примероци од храна и работни површини, бара јасно утврдување каде и како настанала контаминацијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен