Вчера вечерта во 21:20 часот на СВР Тетово било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево се случила тешка сообраќајна несреќа во која животот го загубиле две лица. Според СВР Тетово, се судриле патничко возило со гостиварски ознаки и камион со странски таблички.
Според полицискиот извештај, една од жртвите починала на местото на настанот, а другата во болницата во Гостивар.
Како што пренесуваат дел од медиумите, еден од загинатите бил сопственик на синџир аптеки додека пак другиот бил часовничар.
Несреќата се случила на три километри пред влезот во Гостивар во близина на неколку угостителски објекти.
„Синоќа во 21:20 часот на СВР Тетово пријавено е дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево се случила сообраќајна незгода меѓу патничко возило марка „БМВ“ управувано од Б.Х. (54) од Гостивар и тешко товарно возило „сканија“ со косовски регистарски ознаки, управувано од А.Т.(60) од Косово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото Б.Х. кој починал на лице место и сопатникот Т.Р. (53) од Гостивар, кој по несреќата бил пренесен во Ургентниот центар во Гостивар каде им подлегнал на повредите и починал. Возачот на камионот се здобил со телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа на ОВР Гостивар заедно со Јавен обвинител“, се наведува во соопштението.
