Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Уставниот суд бара информации за извршувањето на одлуката за Законот за средното образование

По прашања од повеќе медиуми во врска со извршувањето на одлуката У.бр.81/2023-1, со која беа укинати делови од Законот за средното образование, Уставниот суд информираше:

На работниот состанок одржан на 4 септември, Уставниот суд го задолжи генералниот секретар да се обрати до надлежните органи (Министерство за образование и наука, Град Скопје и ЈГСП) со цел да ги обезбеди неопходните податоци и информации во врска со извршувањето на одлуката. Овие информации ќе бидат користени за подготовка на извештај и за информирање на Судот.

Според член 86 од новиот Акт, кој се применува од септември оваа година, Уставниот суд по службена должност го следи извршувањето на своите одлуки и може да побара податоци и информации од секого во врска со преземените мерки за извршување на одлуката.

Член 85 од Актот упатува дека обврската за извршување на одлуките на Уставниот суд започнува од денот на нивното објавување во „Службен весник“, и тие мора да се извршуваат без одлагање.

Дополнително, согласно член 90, Уставниот суд има право по потреба да побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката.

Уставниот суд потсетува дека, според член 91, врз основа на претходно добиени податоци и известувања, може да донесе посебно решение за утврдување дека одлуката не е извршена, и ќе го извести надлежното јавно обвинителство и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот.

Во однос на прашањето дали некој се обратил до Уставниот суд со претставка за неизвршување на одлуката, Судот информира дека до сега не е добиена таква претставка. Барањето за информации за спроведување на конкретната одлука беше покренато по службена должност по објавувањето на информации во јавноста дека одлуката од 5 декември 2023 година не се спроведува.

Зачлени се на нашиот е-билтен