Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На пазарите во Финска, Данска и Норвешка се продава македонска лубеница

После успешната ланска сезона, компанијата Fresh line и годинава склучи нови договори со земјоделски производители од неколку региони. Некои од производителите беа дел од проектот и минатата година, но има земјоделци кои за прв пат годинава произведоа бессемена лубеница благодарение на промоцијата која овој проект ја имаше од платформата Агротим.

Фамилијата Здравески од село Мусинци, Општина Могила е токму таков пример на вредни земјоделци кои одлучиле на 2 ха површина да засадат бессемена лубеница.

-Во соработка со „Fresh line“ дојовме преку платформата Агротим каде беше споделено дека ќе се организира договорно производство на бесемена лубеница. Важно ни беше дека лубеницата ќе биде откупена по загарантирана цена, која ќе се извезува по европските држави – вели младиот Бојан Здравески од село Мусинци.

Тие годинава насадија 2 хектари со бессемена лубеница и добија род над 80 тони.

-Годинава како за проба засадивме околу 2 хектари површина, на повеќе парцели каде кои ке бидат со повисок и понизок квалитет на земјата, додека ѓубрењето и наводнувањето на сите парцели ќе биде исто. Расадот е набавен преку компанијата Фреш Лајн од соседна Албанија. Производството не беше комплицирано, слично како обичната лубеница, но не изненади богатиот род – вели Бојан.

Во проектот Договорно производство на бессемена лубеница годинава се вклучи и Митат Исмаиловски од село Будаково. Неговото производство може да послужи како пример што значи кога со земјоделство ќе се занимавате професионално, со извршување на сите агротехнички мерки и добивање на висок принос и квалитет, а со тоа и загарантиран профит.

-Со луѓето од компанијата Fres Line пред 5-6 години разговаравме на оваа тема, бидејќи јас имав една година пробно производство и се покажа дека може да биде успешен бизнис. Така се случи годинава со 2 хектари да се приклучам на проекто бидејќи сакав да ми биде договорен пласманот и цената на лубениците. Во тек е бербата на родот, задоволни сме многу од квалитетот, а очекувам дека ќе набереме 40-45 тони од хектар. Останува да се реализира договореното со откупувачите, околу цената и исплатата на бостанот – вели Исмаиловски за Агротим.

Според кажувањата на Исмаиловски, производството на бессемената лубеница освен што е скап расадот, другото вели дека нема разлика голема во текот на производството.

-Можам да кажам дека и полесна е за производство бессемената од обичната лубеница, бидејќи е издржлива од болести и штетници, па со 2-3 третирања успешно се развиваше. Наводнувањето се подразбира како и извршувањето на сите други агротехнички мерки. Ова е лубеница со посебен квалитет и вкус – вели Исмаиловски.

Компанијата „Fresh Line“ годинава склучи 12 договори во неколку региони.
– Склучени се 12 договори, претежно во Валандовки, Струмички, Битолски и Штипски регион. Годинава родот беше со солиден квалитет. Добивме лубеница која што ги задоволуваше потребите на нашите купувачи на Европскиот пазар. Вкупно произведовме околу 1 500 тони лубеница – вели Борис Шуперлиски од Fresh line.

Што се однесува до откупната цена таа варирала во зависност од период на берба и регионот.
– Откупната цена на земјоделците во зависност од периодот на берба се движеше од 10 до 18 денари по килограм, а лубениците се пласираа на Европскиот пазар, поточно во Германија, Чешка, Словачка и Финска – изјави Шуперлиски.

Договорното производство се покажа и овој пат како најдобро решение за земјоделските производители. Тоа го покажува и интересот од страна на производителите кои очекуваат продолжување на проектот и следната година.

– Развојната компонента на проектот е во две насоки. Прва насока е проширување на бројот на кооперанти и зголемување на произведена количина на лубеница, со проширување на листата на сорти што ќе биде произведена од една страна и опфат на повеќе купувачи од различни Европски земји од друга страна. Во таа смисла годинава направивме пробни извози во Финска кои што до година ќе се преточат во извозен програм однапред дефиниран и исто така ќе бидат опфатени и нови купувачи во Данска и Норвешка. Во меѓувреме работиме на надградба на нашите логистички капацитети, за прием, пакување и испорака на лубеница – изјави Шуперлиски.

За договорното производство на бессемена лубеница имаше голем интерес од страна на земјоделските производители благодарение на информираноста од страна на Агротим и поддршката од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ во целокупниот процес.

Извор Агротим

Најново