Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Есенската кошничка задоцни, граѓаните со надеж дека Законот за нефер трговски практики ќе ги спаси од скапотијата

По многуте полемики за Законот за нефер трговски практики, власта реши дека неговата примена ќе започне на 29-ти септември. Според информациите се е подготвено за долгоочекуваното законско решение кое треба да направи ред во ланецот на трговија.

Во меѓувреме, стапи на сила есенската потрошувачка кошничка но веројатно задоцини бидејќи во меѓувреме трговците ги поскапеа продуктите меѓу 30 и 40 проценти, така што ова ограничување на маржите од 10 проценти не може ни да се забележи.

-Ништо не е поевтинето, замислете на кашкавалот имаше попуст од 10 денари, па за килограм наместо 599 денари, платив 589. Смешно е навистина, претходно барем видливо беше кои производи се поевтинети, оваа влада како да си игра мајтап со нас граѓаните, вели скопјанката Андијана П. за редакцијата на Рацин.мк.

Законот кој треба да донесе фер трговски практики во Македонија е веќе шест месеци пролонгиран за да се приспособат компаниите на новите правила, а беше на предлог на претходната Влада, бидејќи трговците и маркетите во земјава неконтролирано ги зголемуваат маржите, а граѓаните двојно ја плаќаат сметката.

Добар дел од маркетите имаа производи со маржи и до 50 отсто. Надлежните најавуваат дека континуирано ќе се следат цените во тговијата со храна и инспекторите нема да имаат милост.

-Искрено повеќе очекувања имам од Законот што ќе ги контролира маржите повеќе, а и инспекции на терен. Во моментот сум разочарана на ова поевтинување бидејќи се најавува цел месец, а попустот е максимум 10 денари, вели Александра С.

Крајно скептични и со малку верба во ефектите од есенската кошничка со 73 производи кои од вчера се продаваат во маркетите и продавниците под ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ се и дел од економистите кои остануваат на претходно изнесените ставови според кои единствено станува збор за гасење социјални пожари, ама со многу слаб резултат.. 

-Владата преговараше со сите засегнати страни, како да се донесе правилна мерка и никој да не биде оштетен, но и како најмногу граѓаните да добијат. Државата, односно одговорна влада мора навремено да реагира за да ги држи стабилни цените, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Опозицијата пак обвинува дека власта се изгуби во првите 100 дена од своето владеење. Сите мерки кои досега ги најави се задоцнети, а есенската кошника која ја вети остана празна.

„Цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување, а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно. Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените, а платите продолжија да растат. Во Србија на пример поевтинија над 700 производи“, велат од СДСМ.

Организацијата за заштита на правата на потрошувачите испрати јасна порака, во која се наведува дека не е потребана политика туку волја да се помогне на граѓаните. Храната мора да поевтини, а трговците мора да се контролираат, бидејќи состгојбата со зголемувањето на цените на основните прехранбени производи станува неподнослива.

Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, покажуваат дека во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари. 

Според нив, загрижува податокот во делот на трошоците за исхрана и пијалоци за месец септември кои изнесуваат 23 034,00 денари споредено со месец август (22 317,00 денари) и истите како трошок се зголемени за 717,00 денари. 

„Тоа покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигураат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија“, велат од ССМ. 

Во листата на производи со ограничени маржи се опфатени 86 отсто од производите во синдикалната минимална кошничка (ориз, леб, брашно, пекаркси производи, масло за јадење, месо, риба, млеко, овошје, зеленчук, сокови, кафе и други производи). Синдикатите очекуваат дека доколку трговците ја почитуваат мерката за ограничување на маржите, тоа ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалоци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања.

Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд. 

Целата листа можете да ја погледнете тука.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново