Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јадот, гневот и болката на Рацин: Комунистите ја „презеле власта“ во Велес 1941 година – под покровителство на Германците!

Рацин.мк во неколку продолженија ќе ги приопшти сеќавањата на Антун Колендиќ, револуционер, современик, но пред сè близок другар на Кочо Рацин. Се запознале на почетокот на 30-те години од минатиот век и поминале разни премрежја во нивната револуционерна борба за слободата и самостојноста на Македонија како дел од некогашна СФРЈ.

Значи, како што кажав, со Рацин последен пат разговарав првите денови од мај, онаа историска 1941 година. Тоа беа денови – зборувам за Македонија – кога под закрила на германската воена сила Бугарите ја организираа и зацврстија својата власт во Македонија.

И овој пат сосема случајно го сретнав – во Скопје – на улица. Јас веќе тогаш бев илегалец и затоа, веднаш по поздравот, му реков да дојде по мене. Го одведов до еден од нашите илегални станови во турскиот дел од градот.

Рацин, според својот обичај, со шкрти, концизни, но суштински реченици ми раскажува што се случувало со него.

Најважното и првото што ми го кажува е дека и понатаму не само што е исклучен од Партијата, туку е и бојкотиран – како предавник!

Зборува помирно од порано, но очигледно е дека тешко страда.

Приказната на Рацин за исклучувањето од Партијата

Целата негова приказна, сумирана во три реченици, гласи: кога дошол во Белград – во октомври 1940 година – другарите не го бојкотираа, но не му дадоа ништо да работи. На обидите – кажува – преку другарите од највисокото раководство да го постави своето прашање, кажано му е „официјално“ дека тоа треба да го реши: „со другарите во Македонија!“

Го прашувам дали разговараше со Лола Рибар и дали му го предаде моето писмо.

Одговора дека не разговарал, зашто Лола тогаш не бил во Белград…

Живуркаше од помошта на некои студенти Македонци. Тогаш од Белград – зашто така му е советувано – се вратил во Велес.

Тука доживеал сè и сешто. Се разбира, од партијците и партиските активисти. Така што, одведувањето во логорот „Ивањица“ во јануари 1941 година (божем, на „воена вежба“) му дошло како олеснување и спас!

Но тогаш, на 27 март 1941 година тој логор бил распуштен и тој, дознавајќи од некои логораши-комунисти дека ставот на Партијата е дека сите комунисти мора да се јават за одбрана на татковината, веднаш се јавил во Воената команда, која го упатила да оди во својата мобилизациска единица во Куманово.

Само што се облекол во униформата – на 5 април 1941 година – тргнал на Страцинскиот фронт и на 7 април е заробен од Германците.

Априлскиот слом на Кралството Југославија во 1941 година

Кратко бил во заробеничкиот логор и, наспроти предупредувањата на некои војници-комунисти, сам побегнал… „Пешки стигнав во Велес на 12 април…“ – кажува Рацин.

Кога раскажува за Велес, што сè видел и доживеал, Рацин се возбудува. Дури – што никогаш од него не сум чул ниту очекувал – пцуе. И тоа грубо, бесно, простачки.

Страхил Гигов бил „главен“ во Комитетот, кој претставувал единствена цивилна власт покрај германската воена команда

Се гледа дека се насобрал јад, гнев и болка… Во Велес наишол на несфатлива ситуација, комунистите со членовите и активистите на Партијата ја „презеле власта“ – под покровителство на Германците!

„Да! – ме убедува – под заштита на Хитлеровиот хакенкројц [кукаст крст] и вермахтот!“

Ми тврди дека нашиот заеднички пријател и стар содругар од робија Страхил Гигов е „главен“ во Комитетот, кој претставува единствена цивилна власт покрај германската воена команда. Вели дека отишол да се јави во канцеларијата која е во зградата на старата општина.

Пцуе. „Како можат“ – вели- „тие мене да ме осудуваат зашто сум протестирал и ги барав своите права од српскиот бан, а тие служат под Хитлеровата команда?!“

Велес, 7 април 1941, урнатини по бомбардирањето од страна на нацистичка Германија

Не му верувам и му ја изнесувам партиската линија, како и ставот на нашиот Месен комитет на Скопје. Ние се подготвуваме за борба, го мобилизираме членството и симпатизерите, собираме оружје…

Брзо се воодушеви. Очите му блескаат. Се преобрази.

Му велам да остане во Скопје и дека сега – сигурен сум – ќе успееме и неговиот „случај“ да го решиме. Сега е друга ситуација…

Го оставив да спие во тој наш конспиративен стан.

Веќе утрото го побарав организацискиот секретар на Комитетот Перо Тиквар и му го раскажав синоќешниот разговор. Се согласува дека треба конечно да се реши „целиот тој јазол“ и, откако му соопштив каде го засолнив Рацин, ми соопшти дека тој ќе поразговара со другарите и со Рацин! Бидејќи јас инсистирав на заклучоците од тие разговори, Перо Тиквар изречно ми нагласи: „… не треба повеќе да се мешаш и да интервенираш за него, зашто некои другари веќе одамна тоа го замеруваат…!“

„Случајот Рацин“ е решен – позитивно за Партијата и за Рацин

По неколку дена, при една средба, го прашав Тиквар што има ново во врска со Рацин. Ми одговори дека тој подробно разговарал за целата работа и на Рацин му ја соопштил одлуката: „да се врати во Велес и да му се стави на располагање на Комитетот“!

Рацин – ми вели Тиквар – веднаш отпатувал за Велес.

Знаев што значи во тие први месеци од окупацијата секој комунист, симпатизер и воопшто чесен човек. Затоа бев сигурен дека, по ова што ми го кажа членот на Покраинскиот комитет, „случајот Рацин“ конечно, добро и позитивно за Партијата и за Рацин – е решен…

Тркалото на настаните – летото на таа судбоносна 1941 година – повикот на Партијата на востание, формирањето и моето заминување во Првиот скопски партизански одред, борбите, илегалноста, „специјалните“ задачи и бурните текови на сите тие години на револуционерна војна направија да го изгубам од вид – и од сеќавање – својот стар другар Рацин.

Дури во 1945 година дознав дека тој одамна, уште во летото 1943 година, загинал. Не знаев никакви детали, но бев сигурен дека загинал јуначки, во борба!

Подоцна, речиси 30 години подоцна, при учеството на „Рациновите средби“ во Велес, слушнав неколку варијанти на описот на подробностите околу Рациновото загинување.

Најпотресните подробности ми ги раскажа мојот стар, од времето на илегалноста, другар Мино Минов, од чиј куршум е смртно погоден и падна Рацин…

Подоцна во архивите и книгите најдов повеќе документи, податоци и „сеќавања“ на нашите луѓе, повеќето функционери, кои понекогаш, со тие „сеќавања“ на Рацин си ги дополнуваа своите стилизирани биографии – или позициите во хиерархиската скала на нашата стварност.

Внатрешноста на скопскиот затвор пред Втората светска војна

Рациновите стихови како алузија на Сталиновите чистки

Избрав и препишав некои кои ја илустрираат мојата слика за Кочо Рацин.

Така:

Воислав И. Илиќ, во статијата „Насмевката на Мона Лиза и Рациновите критички погледи“, која е прочитана како реферат на „Рациновите средби“, Велес, 1974 година, кажува:

„Рацин е цврсто поврзан со групата: Галогажа, Поповиќ, Зоговиќ, Миндеровиќ, па сепак не се приклучи како дискутант против ‘ревизионистичкиот’ фронт на ‘Данас’ и ‘Печат’. И тоа ниту пред ниту по статијата ‘Quo vadis Крлежа?’ на А. Б. Ц. [објавена во 1933 година]. Во ниту еден свој критички или полемички натпис тој не расправа за автономноста на уметничкото мислење, ниту за Крлежините сфаќања во предговорот на Хегедушиќевите ‘Подравски мотиви’. Дури ниту во алузии…

Во текот на 1939 година, во времето на ‘Антибарбарусот’, иако е поврзан со списанието ‘Уметност и критика’, со тој нов орган на ‘социјалниот картел’, тој ниту тука па ниту тогаш не објавува ниту еден прилог кој би ја поткрепил генералната теза за варварството на Антибарбарусот, туку, напротив, објавува статија за Мона Лиза, со така отворени широки погледи и сфаќања за вредноста на уметничката слобода.“

(Воислав И. Илиќ „Усмевот на Мона Лиза и Рациновиот критички аспект“ во „Современата литературна критика и марксизмот“; „Данас“ е списание кое се издава во 1934 година и во кое соработува Крлежа. Крсто Хегедушиќ е хрватски сликар, наивец. „Дијалектички антибарбарус“ е познат есеј на Крлежа од 1939 година, во кој тој полемизира со своите противници во судирот на книжевната левица. Спомнатата статија на Рацин е „Блазирани глупости за насмевката на Мона Лиза“, објавена во „Млада култура“ во 1939 година.)

Далеку поконкретно и понепосредно за таа Рацинова положба и држење по повод „судирот на книжевната левица“ ми раскажуваше мојот професор и долгогодишен другар академикот Душан Недељковиќ. И тоа долго, подробно.

Наместо да се обидувам да се сетам на тие негови многу приказни во врска со овој Рацинов судир со официјалниот став на Комунистичката партија на Југославија, поедноставно е да препишам две страници од студијата на Недељковиќ за Рацин.

„Рацин во ноември 1938 година во списанието ‘Младост’ ја објави својата голема ‘Балада за стапката’, во која пее против насилството и теророт…“

(„Баладата“, за која пишува професор Недељковиќ, зборува за „со клинци поткована стапка“, а завршува со стиховите:

„Слушни,
стави го увото на пулсот на денот,
ох, слушаш ли,
го слушаш ли нејзиниот проклет татнеж,
подмолен?“

Штом се појави „Баладата“, предизвика голема дискусија помеѓу левичарите, зашто некои истакнати комунисти ѝ замерија дека: алудира на крвавите чистки во СССР – забелешка на А. К.)

Јосиф Висарионович Сталин

„Таа Рацинова ‘Балада’“ – продолжува Недељковиќ – „објавена во Белград, ги загрижи и некои од најдобрите Рацинови другари во Скопје. Помеѓу нив и Душко Поповиќ, поетов другар од робијата во Сремска Митровица… Тој во зимата истата година во мојот факултетски кабинет, во присуство на… Блажо Орландиќ, тогашен инструктор на ЦК КПЈ за Македонија, директно го праша Рацин: што всушност значи таа негова ‘Балада за стапката’. Зошто – го прашуваа Рацин – додека од сите радиостаници одекнуваат заглушувачките и застрашувачки чекори на фашистичките цокули, во таа балада фашистите не се спомнуваат, па така некако испаѓаат тие цокули општи, толку општи што секој се прашува: дали тука не се работи за нашите, сопствените…?

Најцрни „клинци“ на цензорски и инквизиторски сомневања од страна на сопартијците

„Нема потреба да се апстрахира“ за нашите сопствени, „туку се работи, драги и мил мој другар Душко, за твоите сопствени стапки потковани со клинци“ сè додека ти така ми се обраќаш мене и на мојата песна со најцрни „клинци“ на цензорски и инквизиторски сомневања и подозрение, па го газиш она што е понежно и почуствително од секое човечко срце – а тоа е чувството на нова човечка убавина, ослободена токму од секоја „со клинци поткована стапка“…

Поповиќ се обиде, протестирајќи, да го прекине. Но, Рацин не се даваше. Со својата позната тажна насмевка и со тивкиот, ненаметлив глас, продолжи:

„Но тоа што ти сега го правиш и не е она најлошото. Има и многу полоши работи. Тоа е кога ти и јас ќе станеме секој свој цензор и инквизитор и кога ќе почнеме, со своите ‘со клинци потковани стапки’, сè по ред во себе да газиме, така што од нас ќе остане само нечиста крпа со која не можеш ниту да се исекнеш… Така, наместо во практиката нашата критика и самокритика да го разбие лажното и да го замени со вистината, а злото со доброто, таа се претворила во својата апстрактна и формална спротивност. Вечно гониме некои ‘вештици’ околу себе и во себе. Така сите стануваме ‘вештици’, па глупаво се давиме во проклетството не само на општата, туку и на својата сопствена тиранија, која ја вршиме врз себе и врз другите. Меѓутоа, барем од оваа последната би можеле да се воздржиме. Мислам дека тоа би било револуционерен услов на акцијата на совладување и укинување на бучната фашистичка тиранија. Ете, затоа својата ‘Балада’ дефинитивно ја насочив против општото проклетство на секоја тиранија, а моите читатели веќе го имаат во ушите неподносливиот топот на фашистичките потковани чизми…

Впрочем, продолжи Рацин, народните маси од светот се обединуваат и креваат против фашизмот и стратешката цел на неговото уривање ќе се оствари. Затоа правецот на нашиот главен удар пред сè и над сè мора да биде истакнувањето на хуманизацијата на нашите односи, држења, контакти, со цел да ги привлечеме народните маси и да бидеме на чело на победата.

Мојата ‘Балада’ е насочена во тој правец!“

(Продолжува)

Антун (Антон) Колендиќ (Омиш, Хрватска, 1914 – Марина ди Рагуза, Сицилија, Италија, 29 април 1999), е југословенски комунист, амбасадор, публицист и учесник во НОВ. Член на СКОЈ во 1932, а на КПЈ во 1933. На почетокот на 1934 тој дошол од Загреб во Скопје со задача да ја обнови партиската организација во Скопје и да ја поврзе со Централниот комитет на КПЈ. Во Скопје Колендиќ го обновил и Обласниот комитет за Македонија и бил на негово чело како привремен секретар. Во декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на четири години. Казната ја одлежува во затворот во Сремска Митровица. На 12 јануари 1940 година е интерниран во концентрациониот логор во Билеќа.

По бугарската окупација на Македонија, Колендиќ станува член на Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август 1941, каде што е партиски секретар, а по распуштањето на одредот живее во илегала и одреден период престојува во Бугарија. Во мај 1942 година во процесот против борците на Првиот скопски одред бугарскиот воен суд во Скопје во отсуство го осудува на смрт со бесење. По крајот на војната работи како уредник на весникот „Борба“, а потоа е долгогодишен дипломат во југословенските дипломатски претставништва во Софија, Виена, Грац и Западен Берлин, припадник на разузнавачкиот сектор. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи одликувања на СФРЈ.

Текстовите во овој фељтон се базираат на мемоарите на Колендиќ врзани за Рацин, за прв пат објавени во белградското списание „Књижевност“ 1986 година (бр. 1-2, 231-240 стр. и број 3, 513-521 стр.) и на необјавениот ракопис „Животот и смртта на Кочо Рацин“, чии извадоци за прв пат се печатени во списанието „Млад борец“ во 1990 година (од 21 февруари и 7 март 1990 година). Текстовите се во превод на Здравко Савески, наведени според онлајн изданието „Марксист“.

Опремата на текстот е редакциска. За насловната графика на фељтонот се искористени ВР портретите на Кочо Рацин на Небојша Гелевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен