Рацин: Не можам, убијте ме, но не можам против својот учител Крлежа, заради него станав комунист – станав човек!

Рацин.мк во неколку продолженија ќе ги приопшти сеќавањата на Антун Колендиќ, револуционер, современик, но пред сè близок другар на Кочо Рацин. Се запознале на почетокот на 30-те години од минатиот век и поминале разни премрежја во нивната револуционерна борба за слободата и самостојноста на Македонија како дел од некогашна СФРЈ.

На почетокот на есента 1940 година, кога се вратив во Скопје од концентрациониот логор „Билеќа“, повторно, по пет години, го сретнав Кочо Рацин. Таа средба беше толку невообичаена и потресна што – засекогаш – го запамтив добро и денот и местото и целиот разговор.

Беше околу 11 часот претпладне. Се враќав од факултетот, каде што работев во библиотеката. Денот беше сончев и многу топол. А датумот: 18 октомври 1940 година. Среда.

На средината на Камениот мост (кој сите Големосрби предизвикувачки, а без никаква основа секогаш го нарекуваа „Мост на Цар Душан“) го гледам и не можам да си поверувам на очите – Кочо Рацин. Брза, наведнат, со малку искривена глава загледан во текот на плиткиот, речиси безводен Вардар. Поминав брзо на неговата страна од мостот и се испречив пред него. Го запирам и го поздравувам. Искрено радосен поради ненадејната средба.

Рацин не ми ја прифаќа подадената рака и чудно, мрачно-сомничаво ме гледа. Запрепастен, речиси викам:

-Што ти е? Кочо, ти ли си?! – И го фаќам за рамењата, па му се внесувам в лице.

Сомнежот му игра во очите, додека се извлекува од мојата полу-прегратка. Се потпира на железната ограда на мостот и прашува:

-Зарем ти, Томчо (така тој секогаш го варираше моето далматинско „Тончи“ на свој, велешки начин), не знаеш?

И ме гледа прашално, но предизвикувачки.

-Што? Што се случило со тебе? – прашувам збунет.

Рацин е искусен, поминал и преживеал толку многу, па ја воочува мојата искреност. Дозволувајќи ми да му се придружам и, наскоро, пријателски да го фатам под рака, го продолжуваме патот заедно до блиското паркче, каде што седнавме. Потоа, разговарајќи цело време, преминавме во блиската акчилница [гостилница], во која и ручавме.

Исклучен од партијата како непријател и сомнителен елемент!

Тогаш ми ја раскажа својата тажна приказна.

Исклучен е од Партијата. Како непријател и сомнителен елемент! Кога побарал објаснување, објавен е бојкот врз него.

Затоа сметаше дека е провокација кога му пријдов. Се плашеше дека, како познат стар комунист и член на Комитетот, му приоѓам за јавно да го плукнам – што, со тага изусти, веќе му се случувало…

На моите прашања, полни со несфаќање и неверица, пополека исповедувајќи се и јадосувајќи се, кинејќи ги речениците, раскажува:

„Откако дојдов од Белград, немам никакво вработување. Динар немам заработено. Ни да аргатувам не ми даваат. Секој ден морам да се јавувам во полиција. Од што да живеам? Сега повеќе не сум сам, имам другарка. Се обратив до Партијата: дајте, другари, да се работи нешто! Секретарот – го знаеш – Перо Тиквар ми одговора: другарите од Белград кажаа да ја чекаме одлуката во врска со тебе и твојата ситуација…!“

[Перо Ивановски – Тиквар (1920), македонски комунист, организациски секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија во 1940-1941 година, во времето кога на чело на Покраинскиот комитет е Методија Шаторов – Шарло. По окупацијата на Југославија се вклучува во НОБ, но во април 1942 година е уапсен од бугарските власти. Од затвор бега во јули 1944 година и учествува во завршните битки за ослободување на Македонија и Југославија. Делегат е на Првото заседание на АСНОМ.]

Го прашувам: каква е таа ситуација. Рацин долго молчи и гледа во чадот од мојата цигара. И тогаш се свртува и ми се внесува в лице:

-Бараа да го нападнам Крлежа. Велат: важно е ти како Македонец мораш јавно да заземеш став, зашто вака испаѓа дека само ние, Црногорците, го прогонуваме!

-Јас се оградив и од „Печат“ и од целата Крлежина група, но не можам – убијте ме – но не можам против својот учител. Од него, од неговите „Пламен“ и „Книжевна република“ станав комунист, што за мене значи: станав човек!

Мирослав Крлежа

[Во тој период во полн ек е т.н. „судир на книжевната левица“ и раководството на КПЈ, како дел од кампањата за целосна сталинизација на Партијата, поведе кампања против „Печат“, списание кое од 1939 до 1940 година го покрена Мирослав Крлежа (1893-1981), а чии соработници беа и Марко Ристиќ, Васо Богданов, Милан Дединац, Звонимир Рихтман, Оскар Давичо и Крсто Хегедушиќ. Како дел од оваа кампања, покрај Рацин во Македонија, во Словенија е исклучен Братко Крефт, познат драматург и критичар. „Пламен“ (1919) и „Книжевна република“ (1923-1927) се списанија чиј двигател беше Крлежа и кои, покрај врз Рацин, извршија силно влијание врз многу комунисти во Југославија.]

Ми раскажува Рацин како, наместо статијата за која му е наредено да ја напише против Васо Богданов, напиша нешто сосема друго за „Млада култура“. Зоговиќ го нападна и му викаше дека е компромисер и колебливец. Не му платија неколку коректури ниту статијата во „Млада култура“. Повеќе не сакаа со него ниту да разговараат…

[Васо Богданов (1902 – 1967), Крлежин соработник во „Печат“. Член на КПЈ од нејзиното основање во 1919 година. По Втората светска војна е професор на Загрепскиот универзитет и дописен член на ЈАЗУ. Радован Зоговиќ (1907 – 1986), црногорски комунист и поет. Личен пријател на Рацин со кој, за време на неговиот престој во Скопје, едно време е состанар. Кон крајот на 1930-тите, заедно со Милован Ѓилас, исто така Црногорец, е еден од главните противници на Мирослав Крлежа во т.н. судир на книжевната левица. По 1948 година, поради поддршката на СССР се повлекува од јавниот живот. На почетокот на 1960-тите, по периодот на стигматизација, Мирослав Крлежа прв ја печати неговата поезија.]

„Единствено Јован Поповиќ се покажа човечки, како другар. Ми даде 200 динари и ме посоветува: Важно е да ја избегнеш оваа сегашна гужва. Молчи! Оди во Загреб, кај Галогажа – стари сте другари. Тој те знае уште од Четвртиот конгрес… Или, уште подобро. Оди во Македонија. Па се прослави со своите ‘Мугри’. За вечноста тоа ти е запишано. Таму ти е местото. И оние долу не се така крути како овие овде денес…“

„Се јавив“ – тажно, потонат во минатите, тешки денови, ми раскажува Рацин – „во Загреб.“ Залудно го барал Галогажа и дома и во редакцијата.

Никому не му се јавил.

„Не смеев ниту да се јавувам ниту подолго да останувам во Загреб. Се плашев другарите да не помислат дека барам врска со Крлежа… И така дојдов во Скопје…“

Избегнуван од комунистите во родниот Велес

Уште пред него, со тага раскажува Рацин, во Скопје пристигна „карактеристиката“. Никој не му кажал никогаш зошто го теретат и обвинуваат. Воопштено, другарите на кои им се обраќаше, му кажуваа дека „неговиот случај“ се разгледува во Белград. Во родниот Велес беше уште полошо. Таму комунистите директно го избегнуваа. А од друга страна мораше секојдневно да се јавува во полицијата, која му забрани – без дозвола – да го напушта Велес.

Групен портрет со другарите во Велес (Рацин е доле, во средина)

Тогаш на старото стругарско тркало почна повторно да работи како грнчар. Обликува и испече стотина стомни. Ги продаваше на пазар една негова роднина. Од тоа животареше. Не пишуваше ништо. „Ми се згади од пишувањето и од лажливоста на поезијата!“… Не се уби, иако повеќепати за тоа размислуваше, само благодарение на љубовта и поддршката на своите домашни.

Еден ден му соопштија од Среското началство дека може да отиде во Скопје и лично да му се јави на банот на Вардарската бановина.

Рацин ми објаснува од каде тој повик:

„Јас му се жалев на Јован Костиќ (Костовски. Инаку, наш заеднички пријател кој работеше како уредник во дневникот „Вардар“) и тој вети дека лично ќе му ги пренесе на банот моите жалби на незаконитоста на полициското малтретирање во Велес. Јован тоа и го направи. И така дојде до повикот од Бановината.“

Банот го примил убаво Рацин. Му соопштил дека ќе добие постојана работа во редакцијата на весникот „Вардар“ и дека сите песни и дела напишани на српски (банот го употреби терминот „на литературен јазик“) ќе му биле објавени. Рацин признава дека бил збунет и изненаден. Сепак, му одговорил на банот со директно прашање: „Што се бара од мене како противуслуга?“

Банот одговорил дека Рацин погрешно ја сфатил неговата понуда. Никој него не мисли да го купува, туку владата го цени како поет и културен работник, па сака – едноставно – да му помогне и да му овозможи да работи…

Рацин го поставил следното прашање, знае ли банот дека тој мора да се јавува редовно во полиција, која му забрани да го напушта Велес.

Банот го прекинал со категоричната изјава дека таа полициска мерка веќе е укината!

Го прашал банот што би била неговата должност во весникот „Вардар“ (тоа беше скопски дневен весник на српски јазик кој го субвенционираше Бановината). Банот одговори дека би го работел она што и порано го работеше во тој весник т.е. би ја водел коректурата, а би можел да ја води и културната рубрика.

Најпосле го поставил и последното прашање. Знае ли банот дека тој, Рацин, е комунист?

Банот, смешкајќи се, одговорил дека тој го има целото негово животно досие. Од денот кога е избран за младински делегат за Четвртиот конгрес на забранетата Комунистичка партија на Југославија до неговата средба и расправа со комунистите во Белград, Загреб, Скопје и Велес!

Рацин признава дека бил разоружен и збунет. Едноставно не знаел што да направи или да каже. Банот тогаш му помогнал и го завршил разговорот со зборовите: „Знам во каква сте ситуација и затоа Ви оставам време да размислите. Кога ќе одлучите, јавете ми се, работата ќе Ве чека! – а при заминувањето му нагласил: – Повеќе не морате да ѝ се јавувате на полицијата!“

Опортунист и колебливец, троцкист и шпион!

Истиот ден Рацин во Скопје го пронашол членот на Покраинскиот комитет Петар Ивановски – Тиквар и сè му раскажал, барајќи од него став и одговор. Тиквар рекол дека работата ќе му ја пренесе на Комитетот и дека ќе му биде соопштен одговорот. Преку месец дена никој ништо не му одговорил, а тогаш членот на Комитетот од Велес му соопштил дека е исклучен од Партијата и дека Партијата прогласува над него, како антипартиски елемент и ликвидатор: бојкот!

Другарот од Комитетот му објаснил, на неговите прашања, дека одлуката за исклучување дошла од Белград, а одлуката за бојкотот од Покраинскиот комитет и тоа затоа што му се нудел на банот и на властите да стапи во служба!

„И оттогаш – речиси плачејќи завршува Рацин – ниту еден друг, ниту симпатизер ниту познаник, повеќе не разговара со мене – ме избегнуваат како лепрозен…!“

Јас сум првиот комунист, по месец дена бојкот, со кој можел – како со човек – да поразговара.

Се запрепастив.

Додека го слушам и го гледам вака убиен, разочаран, понижен, низ главата ми прелетува мислата дека, враќајќи се од Загреб, го донесов новиот број од „Срп и чекан“ во кој е и директивната статија која токму повикува на бојкот на сите антипартиски елементи. Сепак, без разлика на таа отворена директива и понатаму разговарам со него.

Му кажувам дека мора, по секоја цена, да ја расчисти работата; ми одговора дека сè се обидел, но никој не сака ниту да разговара со него. Отворено му дофрлаат дека е троцкист и шпион!

Рацин меѓу политичките затвиреници во затворот во Сремска Митровица

Ме прашува што да прави – како да ја помести работата од мртва точка. Бидејќи сето тоа време, додека сето ова се случуваше со Рацин, јас бев во конц-логорот „Билеќа“ (од 2 јануари 1940 до крајот на јуни истата година), а потоа надвор од Скопје, ништо од сето ова не знаев. Затоа му велам дека веднаш ќе ја видам работата со другарите и дека потоа ќе му одговорам.

Закажуваме состанок за идната недела, зашто тој мора да се врати во Велес. Тој ќе ме побара кај мене дома. Го знае добро стариот мој, па баш сака и со него да поразговара.

Истиот ден го најдов членот на Покраинскиот комитет Блажо Орландиќ и му раскажав што слушнав; ми кажува дека го знае сето тоа, но дека одлуката не е нивна, туку е наредба одозгора!

[Блажо Орландиќ (1914 – 1943), црногорски комунист. Член на КПЈ од 1933 година. Студира на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1933 година е уапсен и е осуден на една година затвор. Од робија во Сремска Митровица се вратил во 1938 година. Во летото 1939 година е поставен за секретар на ново-формираниот Покраински комитет на КПЈ за Македонија… По окупацијата на Југославија се враќа во Црна Гора и учествува во кревањето на востанието во Црна Гора. На почетокот на 1943 година е тешко ранет во борба против Германците и четниците. Убиен е од Германците и усташите при префрлањето во партизанската болница во Дрвар. По војната е прогласен за народен херој.]

Вели дека кога тие во Комитетот расправале за целиот овој случај, не можеле партиски да го казнат, зашто од Белград веќе претходно им е јавено дека Рацин е исклучен од Партијата поради „опортунизам и колебливост“. Тие не знаеле како да го казнат поради „одењето кај и преговорите со банот“. Тогаш, вели, делегатот од Велес барал да се донесе одлука за бојкот. Така и беше, завршува Орландиќ!

Се обидувам да го убедам Орландиќ за неправилноста и штетноста од оваа одлука. Тој во многу што се согласува со мене, особено е против бојкотот, но, додава, дека тој тука не може ништо да помогне. Работата е во рацете на Белград и Велес!

А покрај тоа повторува да не се мешам во расчистувањето на „случајот Рацин“!

Сфаќам добро на што мисли. Сепак, не го послушав.

Кога Рацин, следната недела, според договорот дојде – остана цел ден, како гостин на татко ми; јас, како единствено реално и паметно го советував веднаш да отпатува за Белград и лично да му се јави на Иво Лола Рибар. Со Лола бев добар пријател и заедно излеговме од „Билеќа“. Знаев дека е член на Централниот комитет. На Рацин му ја дадов адресата на Лола и лично писмо. А мојот татко, кому Рацин му кажа за своите неволји, му даде 500 динари за по пат. Рацин, не враќајќи се во Велес, директно од кај нас замина на станица и седна за возот за Белград.

Последен пат Рацин го видов и со него разговарав на еден „илегален“ ручек во 1941 година.

Но, пред тоа морам – поради „историската вистина“ да изнесам три објавени изјави на луѓето кои имаа, на еден или друг начин, директна врска со оваа Рацинова партиска казна.

Тиквар, Колишевски и Ацева за исклучувањето на Рацин од партијата

Тоа е, прво, Перо Ивановски – Тиквар, организациски секретар на Покраинскиот комитет за Македонија во 1940 година, кој пишува:

„Одлуката за казнување на Кочо Рацин ја донесе тогашното покраинско раководство на септемвриската седница во 1940 година, на која присуствуваа, помеѓу останатите, и другарите Светозар Вукмановиќ – Темпо, Сретен Жујовиќ, Методија Шаторов – Шарло, Петар Ивановски – Тиквар, Вера Ацева и други… Одлуката е објавена во Билтенот на Покраинскиот комитет број 4 од 30 октомври 1940 година со зборовите:

‘Поради своето недолично држење поетот Кочо Рацин се казнува со бојкот. Никој не смее да се дружи со него ниту со него да разговара!’

… Морам да нагласам дека пред одлуката никој ниту го сослуша ниту разговараше со К. Рацин…“

(Објавено во 1972 година во книгата „К. Рацин во спомените на современиците“)

Во истата книга Лазар Колишевски пишува дека во 1941 година во август бил во Софија и таму, помеѓу групата Македонци, го сретнал и Кочо Рацин, кого го видел првпат тогаш.

„Рацин – пишува Колишевски – не можеше да ја скрива горчината и болката што ја чувствуваше поради партиската казна и положбата во која се наоѓаше… Сметаше, и тоа самиот директно ми го кажа, дека разговорот со банот веројатно е само формален повод за неговото исклучување од Партијата, а всушност се работело за лична пресметка со него…“

Најпосле, Вера Ацева, во своите „Сеќавања“ на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија одржана во Скопје во септември 1940 година, пишува:

„На Покраинската конференција, помеѓу останатото, е донесена одлука за бојкот над поетот и комунистот Кочо Рацин… Предлогот во име на Покраинскиот комитет го поднесе Перо Ивановски – Тиквар. Во образложението за поетот Рацин е кажано дека (од Белград) е протеран од полицијата во родното место – Велес, без право да го напушта градот и дека морал секојдневно да се јавува во полиција. И тоа по два до три пати дневно! Отишол кај скопскиот бан Рафајловиќ на разговор, иако пред одењето Покраинскиот комитет му порачал дека не смее тоа да го направи, т.е. да не оди кај банот на разговор.

Рацин од банот барал да му се тргне забраната за движење и излегување од Велес и да не му се оневозможува објавувањето на литературни дела. Банот бил многу љубезен кон Рацин и му ветил дека ќе му биде тргната забраната за движење и дека ќе му се овозможи печатењето на литературни дела – и дури лично му се понудил дека тој – банот – ќе му напише предговор, но Рацин треба да го даде да се преведе на српски јазик. На крајот, се договориле Рацин уште еднаш да дојде кај банот и тој го поканил на ручек за дефинитивно да се договорат околу тоа објавување. За целата оваа работа Покраинскиот комитет беше известен и тој му порача на Рацин да се откаже од сите овие комбинации и повеќе да не оди кај банот.

Меѓутоа, Рацин не ја прифати оваа порака на Покраинскиот комитет и повторно отиде кај банот…

На крајот на конференцијата е изнесено дека Кочо Рацин не е член на Партијата, но не е ништо кажано ниту кога ниту од кој ниту зошто е исклучен. Затоа, единствената казна која можеше да се примени на него беше: бојкот!

Во образложението не е објаснето дали Рацин отиде кај банот на своја иницијатива или банот го повикал на разговор. Исто така, не е кажано ниту кога се случувала целата таа работа…

Предлогот за бојкот на Кочо Рацин беше прифатен (од конференцијата) без дискусија. Дури, никој ништо не праша…!“

(Продолжува)

Антун (Антон) Колендиќ (Омиш, Хрватска, 1914 – Марина ди Рагуза, Сицилија, Италија, 29 април 1999), е југословенски комунист, амбасадор, публицист и учесник во НОВ. Член на СКОЈ во 1932, а на КПЈ во 1933. На почетокот на 1934 тој дошол од Загреб во Скопје со задача да ја обнови партиската организација во Скопје и да ја поврзе со Централниот комитет на КПЈ. Во Скопје Колендиќ го обновил и Обласниот комитет за Македонија и бил на негово чело како привремен секретар. Во декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на четири години. Казната ја одлежува во затворот во Сремска Митровица. На 12 јануари 1940 година е интерниран во концентрациониот логор во Билеќа.

По бугарската окупација на Македонија, Колендиќ станува член на Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август 1941, каде што е партиски секретар, а по распуштањето на одредот живее во илегала и одреден период престојува во Бугарија. Во мај 1942 година во процесот против борците на Првиот скопски одред бугарскиот воен суд во Скопје во отсуство го осудува на смрт со бесење. По крајот на војната работи како уредник на весникот „Борба“, а потоа е долгогодишен дипломат во југословенските дипломатски претставништва во Софија, Виена, Грац и Западен Берлин, припадник на разузнавачкиот сектор. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи одликувања на СФРЈ.

Текстовите во овој фељтон се базираат на мемоарите на Колендиќ врзани за Рацин, за прв пат објавени во белградското списание „Књижевност“ 1986 година (бр. 1-2, 231-240 стр. и број 3, 513-521 стр.) и на необјавениот ракопис „Животот и смртта на Кочо Рацин“, чии извадоци за прв пат се печатени во списанието „Млад борец“ во 1990 година (од 21 февруари и 7 март 1990 година). Текстовите се во превод на Здравко Савески, наведени според онлајн изданието „Марксист“.

Опремата на текстот е редакциска. За насловната графика на фељтонот се искористени ВР портретите на Кочо Рацин на Небојша Гелевски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира