„Денови на поезијата“ во „Скопје Сити Мол” – збор имаат македонските поети!

За првпат во регионот, а веројатно и во Европа, трговски центар од затворен тип неколку дена во целост ќе биде посветен на поезијата. Од 21 до 24 март, во „Скопје Сити Мол“ ќе се одржи манифестацијата „Денови на поезијата“, по повод Светскиот ден на поезијата, а во знак на 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Кочо Рацин и на 80 години од објавувањето на „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.

Несекојдневен и исклучителен настан кој на најшироката публиката ќе ѝ даде можност да ужива во поезија од македонски поети од сите генерации, а додека се движи низ молот и да ги запише своите омилени стихови на „Sидот на поезијата”. Поезијата ќе се чита, слуша и доживува непрестано, преку богата програма со низа настани на различни локации во „Скопје Сити Мол“. Покрај стиховите на Рацин и Шопов, во просториите на молот ќе одекне и поезијата на класиците Гане Тодоровски и Матеја Матевски, по повод 95-годишнината од раѓањето, како и на Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ, за кои годинава се чествуваат девет децении од раѓањето. Посебно место ќе има и поезијата на автори од поновите генерации, а одделно внимание ќе им биде посветено и на најмладите автори.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе се одржи во главниот влез на „Скопје Сити Мол“, во четврток, 21 март, со почеток во 18 часот и ќе го води првенецот на Македонскиот народен театар, актерот Никола Ристановски.

Во изведба на Ристановски, публиката ќе чуе дел од поезијата на македонските класици, а беседата на отворањето ќе ја одржи Весна Мојсова-Чепишевска. Поезијата на Шопов ќе се чуе и на повеќе јазици, во превод на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, при што збор ќе земе и деканот, Владимир Мартиновски.

Од следниот ден – 22 март, на различни локации низ трговскиот центар ќе се одржат настани што ги поврзуваат сите генерации – поетски читања во книжарницата „Литература.мк“, проекција на анимирани филмови инспирирани од поезијата, разговори со македонски поети, рецитаторски натпревар за ученици од сите основни и средни училишта од државата, настани посветени на најмладите и особено на досега неоткриените таленти за кои „Скопје Сити Мол“ обезбеди и пригодни награди. Поканети се сите што ја сакаат поезијата и што уживаат во книжевноста.    

Сите посетители на „Скопје Сити Мол“ кои на „Ѕидот на поезијата“ ќе напишат по некој свој или пак некој омилен стих од ним драг поет ќе добијат ваучер за попуст во локалите „Amigos”, „Play”, „Trend” и „La Cucina”. 

„Синеплекс” ќе ги отвори своите врати за љубителите на поезијата кои ќе имаат можност да го проследат анимираниот омнибус „Небиднина” (кратки анимирани филмови инспирирани од поезијата на Ацо Шопов во продукција на „ФлипБоок“), а воедно и да се сретнат и да разговараат со авторите. 

Поезијата да допре до најшироката публика е идеја зад која најпрво заеднички застанаа „Скопје Сити Мол“ и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, а поврза повеќе институции и компании – Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, книжарницата „Литература.мк“, „Синеплекс“, „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“. Сите тие учествуваат во програмата со која од 21 до 24 март, во „Скопје Сити Мол“ главен ќе биде поетскиот збор.

„Поезијата е предизвик за патување кон непознатото.“, запиша Шопов во 1970. Во 2024, заеднички да патуваме кон непознатото – во „Скопје Сити Мол“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира