Македонија од 18:00 часот против Летонија во Рига ќе го игра третото коло од Лигата на нациите, а селекторот Милевски се одлучи за тим без изненадувања.
За македонската репрезентација во Рига ќе истрчаат Димитриевски на голот, Алиоски, Муслиу, Манев и Ашковски во одбраната, Атанасов и Исник во средината, Барди и Бабунски од страните, а Елмас и Миовски во нападот.
Со овој тим Милевски ќе се обиде да оствари победа во Рига и Македонија да го задржи првото место во групата 4 од Лигата Ц во Лигата на нациите.
„Имаме почит кон Летонија, но целиот фокус е на нашата игра и тоа како ќе изгледаме ние на терен. Потенцирам дека Македонија ќе се прашува за првото место во групата“ – рече Милевски на прес-конференцијата пред натпреварот.
Македонија во моментов со 4 поени е на првата позиција по два одиграни натпревари пред Ерменија и Летонија кои имаат по 3, додека последни со еден поен се Фарските Острови.
По натпреварот со Летонија, Македонија во недела ќе гостува кај Ерменија.