Дали Нирнберг 2.0 ќе го поистоветува рашизмот со нацизмот?

Трибуналот во Нирнберг 1945 г.

Украинскиот Центар за борба против дезинформации подготви анализа со наслов „Дали навистина е можно да се уапси путин?“ (Чи реально посадити путіна) на 30 март годинава. Од анализата произлегуваат низа нови прашања на кои одговор се обидува да даде оваа нова анализа, подготвена од група соработници, специјално за ЦИВИЛ Медиа.

Создавањето на специјален кривичен суд или трибунал за казнување на највисокото руско раководство за злосторството агресија останува едно од основните прашања за Украина и меѓународната заедница.

Досега конечната одлука за формата и принципите на функционирање на овој орган на меѓународната правда не е донесена, меѓутоа во новинарските кругови го доби името Нирнберг 2.0 по аналогија со процесните дејствија на Нирнбершкиот трибунал (20 ноември 1945 г. – 1 октомври 1946 година) против воените злосторници на нацистичка Германија.

Прво, повикувањето на Нирнберг се должи на фактот што тој стана единствениот град во кој до денес се одржал меѓународен кривичен трибунал, каде што се одржувале судења, вклучително за извршување на злосторството агресија (односно злосторство против мирот).

Второ, вооружената агресија на руската федерација е најголемата војна во Европа од 1945 година и оправдано е правниот одговор да биде сличен на она што го спроведе меѓународната заедница по Втората светска војна.

Трето, злосторствата извршени од режимот на путин во Украина одговараат на сите карактеристики на злосторствата осудени на Нирнбершкиот процес. И затоа, правната процедура и механизмите на овој процес може и треба да бидат искористени како основа на идниот меѓународен трибунал против рашистичкиот путински режим на рф, кој во суштина е идентичен со нацистичкиот режим на хитлерова Германија.

Практично, сите обвиненија поднесени против нацистичките злосторници на Нирнбершкиот процес одговараат на злосторствата извршени од путин и неговата придружба против Украина. Вклучително, на водачите на режимот на Хитлер им се судеше за:

  1. Соучесништво во планирање и заговор на Нацистичката партија со цел извршување на злосторства, агресија од големи размери на меѓународно ниво;
  2. Злосторства против мирот – планирање, подготовка, започнување и водење на агресивна војна или војна како резултат на прекршување на меѓународни спогодби и договори;
  3. Воени злосторства – прекршување на законите и обичаите на војната, вклучително убиства и суров третман во однос на цивилното население на окупираната територија или воените заробеници, грабеж на државен или приватен имот, бесмислено уништување на градови и села или нивно разорување, што не е оправдано со воена неопходност;
  4. Злосторства против човештвото – убиства, истребување, поробување, депортација и други нечовечни дејствија извршени врз цивилното население или прогон од политички, расни или верски причини.

Како што можеме да видиме, вистинската разлика помеѓу злосторствата на нацистичкиот рајх на хитлер и рашистичкиот режим на путин е само во тоа што првиот беше уништен од меѓународна коалиција, а целата владејачка елита беше осудена, во вториот случај, ова сè допрва ќе биде.

Затоа, подготовката и започнувањето на злосторството агресија против Украина стана појдовна точка за извршување на други воени злосторства против украинските граѓани. Патем, токму започнувањето и водењето на агресивна војна беше главното злосторство во Нирнбершкиот трибунал.

Веќе се преземени одредени чекори за создавање на меѓународна судска структура. На крајот на април 2022 година, Парламентарното собрание на Советот на Европа усвои резолуција за поддршка на создавањето на специјален трибунал. На 19 мај 2022 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која се повикува ЕУ да го поддржи создавањето на специјален трибунал и да ги обезбеди потребните човечки и буџетски ресурси, административна, истражна и логистичка поддршка.

Симболично е тоа што на иницијативата за создавање на специјален трибунал за русија се приклучија и поранешниот обвинител на Нирнбершкиот воен трибунал, 102-годишниот Бенџамин Ференц и екс-претседателот на Европскиот суд за човекови права, сер Николас Браца.

Главниот правен проблем останува создавањето на меѓународно судско тело кое би имало надлежност да ги изведе пред лицето на правдата највисоките функционери на рф за злосторството агресија. Иако постојаниот Меѓународен кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на путин, тој нема овластување да го истражува злосторството агресија.

Поради правото на вето на русија, Советот за безбедност на ОН не може да ги оквалификува руските дејствија како агресија и да примени принудни мерки. Исто така, украинските национални судови не можат да отворат кривична постапка против рускиот претседател, шефот на владата или министерот за надворешни работи, бидејќи сите тие уживаат лични службени имунитети.

! Затоа, клучна карактеристика на создадениот трибунал треба да биде присуството на овластувања за истражување и изведување пред лицето на правдата за сторено злосторство агресија против Украина без никакви лични службени имунитети, што конечно ќе ѝ овозможи на светската заедница да ја докаже сличноста на носителите на нацизмот и рашизмот.

Изборот на најдобрата опција и времето на формирање на трибуналот зависи од политичката волја на меѓународните партнери и од времето на победата на Украина во војната.

Извор: CivilMedia

Треба да знаете
Moже да ве интересира