Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали сè ќе си дојде на своето: Исцртување на „триаголникот на меланхолијата“ на Софискиот филмски фестивал

Сенката на старата изрека со споредбата за костурите скриени во ормарот и духовите што шетаат по таванот како да лебди на повеќето наслови од официјалната конкуренција на годинешниот СИФФ

Од Софија

Стојан Синадинов*

„Сè ќе си дојде на своето“. Така гласеше реченицата со која го опишавме филмот мексиканскиот филм „Сухо“ (Sujo) на Астрид Рондеро и Фернанда Валадез (Astrid Rondero, Fernanda Valadez) од официјалната конкуренција на 28. Интернационалниот филмски фестивал во Софија (СИФФ), која некако често се провлекува како мотив низ бројни наслови од латиноамериканските кинематографии. А таа реченица, и тоа колку, им прилега на судбинските турбуленции и во останатите филмови од официјалната натпреварувачка конкуренција кои ги претставивме во преходниот извештај од СИФФ.

„Сè за семејството Левкович“

Ако „Сè за семејството Левкович“ (All About The Levkoviches) на унгарскиот режисер Адам Брајер (Adam Breier) со суптилниот хумор од ризницата на чешката филмска школа – но и романите на Ефраим Кишон, израелски писател со потекло од Будимпешта – ги аспектира разумските промисли за нарушените семејни врски, а „Сухо“ апелира за вашата длабока емпатија, тогаш „Надвор од маглата“ (Beyond the fog) на јапонскиот режисер Мурасе Даичи (Murase Daichi) ви ги плени очите со визуелноста. Тоа е тој „триаголник на меланхолијата“ кој го исцрта изборот на највпечатливите филмови во официјалната конкуренција на годинешното фестивалско издание. Секако, не и единствениот, бидејќи одличната селекција понуди уште филмофилски задоволства.

Во „Брандо со вештачко око“ (Brando with a Glass Eye) на австралискиот режисер од грчко потекло Антонис Цонис (Antonis Tsonis) го следевме авторскиот ракопис вдахновен со дузина мотиви од историјата на светскиот филм. Главниот јунак Лука е актер во обид, кој сака да замине од Атина во САД за да го студира прочуениот „Метод“ во школата на Стела Адлер. Нема пари, па со брат му решаваат да ограбат некој човек, но Лука ранува случаен минувач…

„Брандо со вештачко око“

Од „Таксист“ на Мартин Скорсезе, преку „Трамвајот наречен желба“ на Тенеси Вилијамс со иконичниот Марлон Брандо, филмот на Цонис е натрупан со цитати и посвети во потрагата по достојна сторија за злосторството и покајувањето, заблудите и самопронаоѓањето.

Во „Предупредување“ (The Capture) на романскиот сценарист и режисер Ади Војку (Adi Voicu) следевме слично самопреиспитување на главниот лик Сами, визуелен уметник кој снима сè околу него во потрага по вистинсмкиот мотив за неговиот арт проект. Кога ќе започне да ги снима насилните протести на улиците на Букурешт, станува мета на полицијата, која го апси заедно со десетина други (не)случајни минувачи: главниот интерес на полицајците е неговата снимка на која е забележано како тие претепуваат еден демонстрант до смрт.

„Предупредување“

Сами ќе има несакана прилика да провери која е точката на топење на неговиот морални начела, и дали тие се суштински дел од уметноста што сака да ја создава. Посебно што се работи за ангажирана уметност? Креиран во комбинирана техника на „лажен“ документарец и минималистички стил на израз, „Предупредување“ е визуелен есеј во клучот на жанполсартовски егзистенцијализам за храброста и кукавичлукот во репресивни општества.

А дека сите не се предаваат дигајќи ги рацете високо во вис ни покажа унгарскиот автор Шаболч Хајду (Szabolcs Hajdu) – член на фестивалското жири – со неговиот филм „Денот на Калман“ (Kálmán-nap / Kalman’s Day), прикажан надвор од конкуренцијата. Сценаристот, режисер, актер и продуцент Хајду е наградуван автор на престижни меѓународни филмски фестивали, но последнава декада го има почуствувано „орбанизмот“ на неговиот грб. Не се преда(ва)л, па форматиран како расен независен автор пишува и поставува театарски пиеси, а една од нив и ја филмувал минатата година. Тоа е токму „Денот на Калман“, драма што ги преиспитува односите на две брачни двојки.

Шаболч Хајду

Калман и Олга се сопружници заситени од емоциите во нивниот брак, па кога на гости ќе им дојдат пријателите, брачен пар во постојана кавга, како што тоа обично бидува, проблемите се мултиплицираат. Како во принципот со скршените огледала, проблемите на едниот брачен пар се прекршуваат во деформирани облици кај другиот – и обратно! – поставувајќи и непријатните прашања и дознавајќи и уште понепријатните искрени одговори.

Во семејните портрети полни со дисфункционалнот од филмовите во официјалната конкуренција на СИФФ пленеше „Пловидба“ (Afloat) на турската авторка Аслихан Уналди (Aslihan Unaldi). Двочасовната вивисекција на состојбите во семејството на интелектуалецот-дисидент, неговата сопруга и двете ќерки започнува кога наспроти опасноста дека ќе биде набргу затворен – по изречената судска казна заради критиките на актуелните состојби во турското општество – тие сепак решаваат да заминат на мини-крстарење со јахта по Медитеранското Море.

Пластичниот превод на бугарски јазик на фестивалската проекција – „Морските бранови се женски“ – ја доловува интимната драма со бројни меѓусебни обвинувања за неверство, непосветеност на семејството и отуѓеност за време на крстарењето како нивна семејна традиција. Но, во суштина, сите членови на семејството се борат да не ги предадат сопствените идеали за животот, без разлика на тоа колкава е цената што ќе треба да ја платат за тоа.

Сенката на старата изрека со споредбата за костурите скриени во ормарот и духовите што шетаат по таванот како да лебди на повеќето наслови од официјалната конкуренција на годинешниот СИФФ. Поточно, и во двата филмови од бугарска копродукција – „Зошто го сакам лошото време“ (Защото обичам лошото време / Because I Love Bad Weather) на Јана Лекарска и „Стапица“ (Клопка / The Trap) на Надежда Косева – како и во романско-бугарско-српската копродукција „Хорија“ (Horia) на Ана-Мариа Команеску (Ana Maria Comanescu).

Лекарска во нејзината навидум едноставна сторија за повторната средба, по многу години, на некогашните тинејџери – а сега млада деловна жена и успешен сликар со интернационална кариера – ги извлекува старите емоции од безгрижните лета поминати во викенд населбата покрај морето, но, дали нејзините јунаци ќе знаат да се справат со нив? Емоционалната закоравеност често ги крие најинтимните стравови од соочувањето со животните неуспеси, колку тоа да им изгледа поинаку на другите.

„Зошто го сакам лошото време“

Во „Стапица“, пак, Косева ја допира старата, но сè уште постоечка болка на посткомунистичкото преиспитување на грешките од стариот тоталитарен систем. Секојдневието на осамениот пензионер Јово Божек – чија жена починала, а ќерката со семејството живее во туѓина – ќе биде прекинато од дрската желба на локалниот моќник да организира лов на капитален примерок од дива свиња за неговиот бизнис-партнер од странство.

Божек е искусен ловец и живее во склад со природата уште од дамнина – кога не сме знаеле за терминот еколошка свесност – а на новопечените моќници им треба неговото куче-трагач, па ќе биде исправен пред дилемата дали да го трампа знаењето и искуството во замена за обезбедување престој на неговите нови пријатели, самохраната мајка и нејзиното дете, кои можат да биде протерани од земјата…

На крајот на овој извештај, но секако не и најмалку важно, е младешко полетниот „Хорија“ на Ана-Мариа Команеску. Младиот Хорија, кој само за неколку дена треба да стане полнолетен, живее со татко му, автомеханичар кој се труди да му ја пренесе љубовта и посветеноста кон моторите. Хорија сè уште не знае што би правел во животот, но решава да тргне со стариот репариран романски мотоцикл „Мобра“ (за поблиска споредба, ексјугословенската варијанта би била „Томос АПН 15“) на другиот крај од земјата само да ја види симпатијата од минатото лето.

Во манир на забавен movie-on-the-road, „Хорија“ ги исполни сите услови за забавен филм низ кој профилираат симпатични карактери и ситуации. Се чувствува и продукцискиот манир на една од продуцентите, Ада Соломон, добро позната по соработката со Раду Жуде и нивните многу успешни проекти. Поточно, „Хорија“ има многу суптилни посвети на овој поджанр, а може да го гледате и како модерна варијатна на „Аферим“ на Жуде, со забавна споредба на времињата на приказните, кои се во распон од век и половина.

*Стојан Синадинов е член на ФИПРЕСЦИ жирито на 28. СИФФ

Треба да знаете
Moже да ве интересира