Триумф на новата генерација мексикански автор(к)и на Софија Филм Фестивал, специјална награда за Вардан Тозија

Во извонредно силната конкуренција на филмови од Балканот, „М“ на Вардан Тозија ја доби специјалната награда на жирито за креативна работа со деца на филм

Од Софија

Стојан Синадинов*

На вчерашната свечена церемонија на затворањето на 28. Софија Филм Фестивал (СИФФ) беа доделени наградите за авторите на филмовите во неколку програмски селекции. Големата награда „Софија – Град на филмот“ за најдобар филм во официјалната натпреварувачка конкуренција – во која учествуваат први и втори наслови на авторите – ја освои филмот „Сухо“ (Sujo) на Астрид Рондеро и Фернанда Валадез (Astrid Rondero, Fernanda Valadez) од Мексико.

Астрид Рондеро

Специјалната награда на фестивалското жири предводено од унгарскиот автор Шаболч Хајду (Szabolcs Hajdu) му беше доделена на „Предупредување“ (The Capture) на романскиот сценарист и режисер Ади Војку (Adi Voicu), наградата за најдобра режија на „Девојките си остануваат девојки“ на Сучи Талати, режисерка од Индија, а почесната награда на „Надвор од маглата“ (Beyond the fog) на јапонскиот режисер Мурасе Даичи (Murase Daichi).

Наградата на Меѓународната асоцијација на филмските критичари и новинари ФИПРЕСЦИ му припадна на филмот „Сè за семејството Левкович“ (All About The Levkoviches) на унгарскиот режисер Адам Брајер (Adam Breier).

Вардан Тозија

Во извонредно силната конкуренција на филмови од Балканот наградата ја освои Кристина Јоакемиди (Christina Ioakeimidi) од Грција со нејзиниот филм „Медиум“ (Medium), додека, пак, „М“ на Вардан Тозија ја доби специјалната награда на жирито за креативна работа со деца на филм.

„Лекциите на Блага“ на Стефан Командарев ги освои наградите во категоријата „Нов игран бугарски филм“, како и наградата на бугарските филмски критичари.

Наградата за посебен придонес на филмот „Наградата на Софија“ годинава и беше доделена на култната бугарска актерка Цветана Манева, додека, пак, српскиот режисер Радивое Раша Андриќ ја доби специјалната награда на СИФФ за неговото творештво.

Раша Андриќ (лево) и Стефан Китанов, директор на СИФФ

Во конкуренцијата на документарни филмови триумфираше белгиско-француската копродукција „Саундтрак на државниот удар“ (Soundtrack to a Coup d’Etat) на режисерот Јохан Гримонпрез (Johan Grimonprez).

Интернационалниот Софија Филм Фестивал се одржува од 13 до 31 март, и освен во престолнината фестивалот има паралелни изданија во неколку градови во Бугарија. Официјалниот натпреварувачки дел беше затворен со новиот филмски хит на Софија Копола, „Присила“, а во десетината селекции учествуваа над 200 наслови.

*Стојан Синадинов е член на ФИПРЕСЦИ жирито на 28. СИФФ

Треба да знаете
Moже да ве интересира