Дебата во организација на ИМА: На медиумите им се потребни проверувачи на факти

На македонските медиуми им се потребни проверувачи на факти во редакциите, треба да се насочиме кон посилно застапување на саморегулацијата на медиумите, да се стремиме кон воведување медиумска писменост уште од мали нозе кај децата, но и да направиме јасна дистинкција во земјава на професионалните од непрофесионалните медиуми. Ова беше кажано на денешната панел-дискусија „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“, организирана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА.

Фото: МЕТА

Според новинарот Атанас Кировски, ќе бидеме сведоци на уште позначителен развој на дип-фејкот во јавниот простор, земајќи го предвид брзиот напредок на вештачката интелигенција. Според него, прашање на време е кога ќе се соочиме со лиферувани содржини, за кои при соочувањето нема да можеме да си веруваме на сопствените очи во она што го гледаме или она што го слушаме како измонтиран глас и слика.

„Додека се констатира дип-фејкот, тоа ќе го емитувате во етерот, а при ваквиот развој во иднината, прашање е што тогаш ќе прават медиумските редакции, односно дали ќе им требаат специјализирани форензички тимови за да проверуваат дали е нешто дип-фејк или не. Технолошките предизвици за нашата струка ќе станат многу сериозни. Сега за сега, тоа не е дојдено во Македонија, но ние не сме изолирани, за многу кусо време ќе дојде и кај нас“, вели Кировски.

Арта Тахири, уредничка на вести во телевизијата Алсат-М на дебатата го пренесе искуството од САД, каде што секоја редакција без разлика дали е поголема или помала има дел за верификација на фактите. И Доналд Трамп не можеше да се појави на весник или телевизија ако неговиот говор не е верифициран, посочува Тахири.

„Секоја редакција треба да работи во тој правец“, вели Арта Тахири.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски вели дека справувањето со дезинформациите значи давање предност на саморегулацијата на медиумите, работење со децата од најмали нозе за тоа како треба да ги читаат вестите и на што може да им веруваат, како и јасно издвојување на професионалците од непрофесионалците во медиумскиот простор.

Во поделената јавност, рече Чадиковски, имате една вистина на една структура, која што свесно шири невистини и имате друга структура, која се обидува да наметне и да биде поблиску до вистината. Воедно, тој потсети дека невистини се шират и од парламентарни говорници, се шират од прес-конференции, од политичката елита, без разлика дали се од власт или опозиција.

Генералниот директор на Медиумската информативна агенција МИА, Драган Антоновски во однос на дезинформациите, потсетува дека невистини се шират и од парламентарни говорници, од прес-конференции, од политичката елита, без разлика дали е на власт или опозиција.

„Граѓанинот е збунет кој е изворот и што е она што вистинито и она што е невистинито“, вели Драган Антоновски.

Тој смета дека на справувањето со дезинформациите мора да работат сите во рамките на општеството, од професионалните новинарски здруженија и уредништвата на медиумите, до самото лидерство во земјата.

Слободата на медиумите и независноста од влијанија
Младен Чадиковски на дебатата спомена дека Македонија е најдобро рангирана годинава според слободата на медиуми во изминативе 15 години, но и дека тоа не е најдоброто рангирање историски. Во 2007 година, кога премиер бил Никола Груевски, Македонија била рангирана на 34-тото место на „Репортери без граници“. Сепак, само 7-8 години подоцна, Македонија падна на долниот дел од листата на „Репортери без граници“. Според него, нашата медиумска и демократска слика е лесно кршлива и податлива на влијание.

„Поентата е дека не постои никаква гаранција на кое место ќе се најдете во одреден момент и дека со тоа слободата на медиумите е освоена“, вели Чадиковски.

Според него, финансиската независност на медиумите е многу значајна и е недоволна во земјава.

Воедно, проблемот за слободата на медиумите е и во тоа што не успеавме да го смениме наративот во политичката и медиумската култура, којшто беше наметнат во изминатите 15 години, кога Македонија беше квалификувана како заробена држава.

„Не го сменивме наративот на политичкото дејствување, а тоа понатаму ни се мултиплицира и во медиумскиот простор. Ние сме секојдневно сведоци на тоа како културата на говор во политиката се заострува наместо да се намалува, како што имавме пред 2017 година, кога мислевме дека таа ќе се смени. Се чини дека политичките актери и оние на власт и оние во опозиција го продолжија истиот политички наратив во којшто се негува говор на омраза и лични дискредитации“, вели Младен Чадиковски од ЗНМ.

Генералниот директор на Медиумската информативна агенција МИА, Драган Антоновски вели дека кај медиумската писменост обично фокусот е на публиката, колку знае да ги препознава или знае да ги чита сите оние медиумски продукти кои излегуваат, меѓутоа нема медиумска писменост за оние коишто ги создаваат тие медиумски продукти.

„Мора да си погледнеме во сопствениот двор како го сработуваме тоа и на кој начин, и дали воопшто имаме капацитети“, вели тој.

Во однос на функционирањето на МИА, Антоновски се пожали дека имаат нестабилно финансирање, порачувајќи дека до денешен ден ги немаат добиено парите за враќањето на дописниците на МИА.

„Финансиската независност е една од клучните работи за сите медиуми“, порача Драган Антоновски.

Новинарот Атанас Кировски додава дека кај медиумите има многу сериозен проблем, со тоа што секоја година се намалува купувањето медиумски простор. Па така, кај телевизиите тоа е паднато на некои 12-13 милиони евра на пазарот и таа сума континуирано ќе паѓа надолу во иднина.

Клиентите инсистираат кај маркетинг агенциите парите да се префрлуваат на дигитален маркетинг, вели Кировски, на големите социјални мрежи како што се Јутјуб, Фејсбук и Инстаграм, каде што маркетинг агенциите можат прецизно да таргетираат на која публика се обраќаат и каков продукт да промовираат.

Кировски вели дека лошата финансиска состојба и слабиот медиумски пазар во земјава влијае и до тоа да не останат многу професионалци во новинарството, туку колегите да постануваат портпароли во разни институции или да се занимаваат со ПР, заради тоа што многу подоходовно е тоа отколку да се биде новинар и 24 часа да се биде под притисок.

„Не може да се биде слободен доколку не сте вие финансиски слободни“, вели Кировски.

Преземено од МЕТА

Треба да знаете
Moже да ве интересира