Одделенијата за интензивна нега во земјава се соочуваат со сериозен недостиг на медицински сестри, предупредуваат од Здружението на медицински сестри по анестезија, реанимација и интензивна нега, оценувајќи дека ситуацијата станува критична. Наместо стандардот „еден пациент – една сестра“, реалноста е драматично поинаква: една медицинска сестра се грижи за четири до пет пациенти во најтешка состојба.
„Ова е алармантно. Станува збор за пациенти кои се под 24-часовен мониторинг и бараат постојана грижа. Со ваков однос, ризикот се зголемува“, изјави претседателката на здружението, Јулијана Казанџиска.
Главните причини за недостигот се ниските плати, недоволното вреднување на професијата и преголемиот обем на работа. Комбинацијата од овие фактори, според здружението, доведува до масовно напуштање на работните места и заминување во странство.
„Медицинските сестри се сè помалку вреднувани, а сè повеќе оптоварени. Затоа заминуваат – или од професијата, или од државата“, предупредуваат од здружението, нагласувајќи дека токму одделенијата за интензивна нега се местото каде се лекуваат најкритичните пациенти.
Оттаму апелираат здравствените власти итно да реагираат и да понудат системско решение пред проблемот да прерасне во целосен колапс на интензивната нега, бидејќи, како што велат, ова не е само проблем на медицинските сестри, туку на целиот здравствен систем.