Драган Ковачки, полковникот што ја напушти Армијата за да ѝ служи на партијата

Политички говор на омраза кон неистомислениците и политичките противници, радикализам и постојано бомбардирање на јавноста со дезинформации, недокажани афери и обвинувања. Ова се главните оружја во арсеналот на контроверзниот Драган Ковачки, поранешен полковник и началник на военото разузнавање на Армијата, кој ќе биде носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во 3 Изборна единица на претстојните Парламентарни избори.

Ковачки е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Р. Северна Македонија. Тој е една од најекспонираните фигури на неговата партија, која го профилира како експерт во областа на одбраната и безбедноста, дипломец на воени школи во земји на НАТО, патриот и учесник во конфликтот во 2001 година…Но, неговата кариера е полна со многу дамки и големи сомнежи за неговиот војнички и политички кредибилитет.

Јавноста неодамна дозна дека Ковачки не ги исполнил условите и бил одбиен од НАТО за безбедносен сертификат. Тој бил дисциплински казнет за закани кон претпоставените во Армијата. Бил и незаконски унапредуван за време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.  Иако Законот за служба во Армијата го забранува изразувањето и застапувањето политички ставови и убедувања во службата, додека беше дел од Армијата, Ковачки беше и висок партиски функционер и вршеше жестока партиска пропаганда во јавноста.

Медиумите пишуваа дека Ковачки важи за човек близок до Синиша Алексовски, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Иванов, чие име се споменуваше на судењата за настаните на 27 април, а и во информациски операции преку медиумите и социјалните мрежи за поткопување на безбедноста и евроатлантските интеграции на земјата.

Патот на Ковачки од Армијата кон политиката – од војник на Армијата до војник на партијата

Ковачки е роден во 1977 година во Делчево. Според биографските податоци објавени од медиумите, Ковачки завршил воена академија во РМ, Кралски колеџ за одбранбени студии во Велика Британија и Командно-штабна академија во Хрватска. Во Армијата и Министерството за одбрана најпрвин бил дел од специјалните единици, а потоа извршувал повеќе раководни функции, главно во армиското разузнавање, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, а Ѓорѓе Иванов Врховен командант. Се истакнува тоа дека бил припадник на специјалната единица „Волци“ и учесник во конфликтот во 2001 година, и дека бил добитник на повеќе признанија.

Неговото семејство потекнува од делчевското село Тработивиште. Како што раскажуваат делчевци, неговите родители во минатото биле симпатизери на СДСМ, а тогашни функционери од СДСМ лобирале за негов прием на Воената академија. Од средината на 90тите години кога заминува за Скопје, за пошироката јавност во Делчево е тотален анонимус, се до 2020 год., кога е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за пратеник во 3 ИЕ на 11 место на листата. Сепак, Ковачки не се прослави на изборите во родното Делчево, на кои тој и ВМРО-ДПМНЕ изгубија со 3420 гласови наспроти 4421 глас за листата на СДСМ.

По изборите во 2020, Ковачки неславно ја напушти армијата и стана пратеник. Член е на неколку собраниски комисии, за надзор над работата на АНБ и АР, за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика безбедност, и заменик-член е на Анкетна комисија за скандалот во онкологија. Но, наместо со конкретни предлози за подобрување на животот на граѓаните што го избрале, неговата активност во Собранието и во јавноста е главно поврзана со чести говори и партиски прес-конференции на кои ги напаѓа претставниците на институциите со шпекулации и дезинформации, но кои завршуваат со деманти и без никаков судски епилог.

Армиска кариера – одбиен за безбедносен сертификат од НАТО, незаконски унапредувања и дисциплински казни

Ковачки одбиен од НАТО за безбедносен сертификат, а се потпишал и во досието за безбедносен сертификат на воено лице што не го помина ветингот на НАТО

НАТО го одбила Ковачки за безбедносен сертификат во 2019 година, покажува дописот испратен до А1он, објавен на 19.03.2024 година. „НАТО канцеларијата за безбедност иако барањето за ветинг е повлечено, сепак ја комплетираше ветинг истрагaта и врз основа на заедничката проценка на двете тела погоре споменатата личност не ги исполнува стандардите на НАТО за да поседува НАТО безбедносен сертификат“, стои во дописот. Ковачки пак, за А1он тврдеше дека не е точно дека бил одбиен за НАТО сертификат, со тврдење дека не го повлекол барањето за добивање на НАТО сертификат.

Освен тоа, како што информираше МО во јануари 2021, воените претставници кои не го поминале ветингот од НАТО, добиле национални безбедносни сертификати во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а кај едно од лицата во досието фигурира и потписот на Ковачки: „..токму во едниот од овие сертификати, во досието фигурира потписот на Ковачки кој потврдува дека нема никаков проблем на тоа лице да му се издаде национален и НАТО безбедносен сертификат“, изјави полковникот Горан Василевски, раководител на Сектор – служба за воена безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана.

Се поставува прашањето, зошто НАТО не му издаде безбедносен сертификат, дали поради тоа што Ковачки работи за интереси на земји кои се против членството на земјата во НАТО? 

Ковачки напредувал во Армијата противзаконски и вонредно, без исполнување на условите

Повеќе факти укажуваат на тоа дека вртоглавиот напредок на Ковачки во Армијата се должи на неговиот партиски ангажман и блискоста до високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ додека оваа партија е на власт.

Ковачки беше противзаконски унапреден и назначен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада од поранешниот претседател Иванов. Унапредувањето беше поништено од претседателот Пендаровски, по одлуката на Антикорупциската комисија, која утврди дека Иванов донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година ги извршил за време на изборниот период.

Во ноември 2022, медиумите објавија дека Ковачки спротивно на законот бил унапреден во чин полковник на 26.5.2016 година, 3 месеци пред законски предвидените рокови. Ковачки сакал предвреме да го унапредат, но, не бил оценет дека „особено се истакнува“, односно му недостасувале одлични оценки што се законски услов. За физичка неспособност Ковачки добил оценка 2-ка.

И во 2001 година, Ковачки, како што и самиот објави, бил „вонредно унапреден во повисок чин капетан за заслуги во одбрана на татковината“.

Ковачки казнет поради закани кон началникот на Генералштабот Ѓурчиновски

Во март 2021, медиумите известија дека полковникот Ковачки бил дисциплински казнет поради закана „Долга е раката на ВМРО“ кон началникот на Генералштабот на Армијата, Васко Ѓурчиновски преку вибер комуникација, на која покрај заканата, клеветел и обвинувал. Од Министерството за одбрана информираа дека Ковачки добил дисциплинска мерка шест месеци пониска плата за 30 отсто. Главната военодисциплинска комисија предложила и најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува престанок на работниот однос.

Ковачки противуставно предложен за технички министер за внатрешни работи пред изборите во 2020 година

Иако Уставот предвидува со полицијата да раководи цивилно лице, додека се уште беше дел од Армијата, Ковачки беше противуставно предложен од ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи во техничката влада пред Парламентарните избори во 2020. Откако предлогот беше одбиен од тогашната Влада,  Ковачки беше „извисен“ од неговата партија, а технички министер во МВР беше избран Наќе Чулев.

Ковачки против ЕУ – се обиде да го запали па го искина „францускиот предлог“, по што доби остри критики од Вархеји

На 14 јули 2022, на расправата во Собранието за „францускиот предлог“,  Ковачки по неговиот говор се обиде да го запали документот за францускиот предлог, но не успеа бидејќи запалката не му работеше, по што го искина документот на говорницата. За овој потег стигнаа остри критики од еврокомесарот за проширување Вархеји.   „Ова е момент за отрезнување за Северна Македонија, но и за опозицијата. Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“, порача Вархеји во интервју за „Еуроактив“ во кое го критикуваше односот на македонската опозиција кон францускиот предлог и процесот на приближување на земјата кон ЕУ.

Ковачки – ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за ширење на дезинформации, недокажани обвинувања, афери и шпекулации

Типичен пример за дезинформациите на Ковачки е случајот од ноември 2023 година, кога тој објави на Фејсбук фотографија од концерт на Лепа Брена од Софија, која се обиде да ја претстави како фотографија од салата Борис Трајковски во Скопје во која се одржа Самитот на ОБСЕ. Потоа и самиот потврди дека објавил лажна вест: „откако приметив дека фотографијата не е вистината веднаш го избришав“. Ковачки стана предмет на потсмев во медиумите и на социјалните мрежи, но, наместо да се извини за манипулацијата, тој изнесе политички обвинувања кон тие што посочиле на лажната објава.

Во 2020 година Ковачки ширеше дезинформации за наводен сканадал за набавка на машини од АРМ, кои беа демантирани од МО. Во октомври 2022 година, Ковачки ширеше дезинформации дека од подрачно одделение на МО се украдени документи со назнака „строго доверливо“. Во ноември 2022, Ковачки ширеше дезинформации дека министерката за одбрана Петровска поседува хациенда со базен во Радишани. Во март 2023 година, Ковачки ширеше дезинформации дека на Косово биле уапсени припадници на военото разузнавање испратени од министерката Петровска. Во ноември 2023 г., Ковачки ширеше дезинформации за Самитот на ОБСЕ во Скопје. Во декември 2023 г., Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ поттикнуваа ширење дезинформации и шпекулации за случајот со убиството на Вања.  

Ниту една од дезинформациите што Ковачки редовно ги пласираше на прес-конференции и на социјалните мрежи не беше докажана пред институциите. Напротив, дезинформациите беа постојано демантирани од институциите, а Ковачки е даден и на суд за клеветење, каде што тој се обидува да ги одолговлекува судењата. Пример за тоа е неговото појавување без документ за идентификација на рочиштето со минстерката Петровска. Сепак судот не го казни Ковачки за овој прекршок. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира