„Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје.
Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија“ – истакнува во својата рецензија за книгата „Книжевна мапа на Скопје“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови талкаат по улиците на Скопје.
Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.
Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа. Авторка на илустрациите за книжевните мапи е Моника Илкова.
(Пери)Скопските приказни во „Зора зад аголот“ од Димитар Солев
„За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град…“
Романот „Зора зад аголот“ (1984) се смета за современа хроника на градот Скопје во втората половина на XX век. А во поговорот на делото, Паскал Гилевски ќе напише дека всушност е „бележита, богата и значајна хроника, не само за Скопје, туку и за Македонија воопшто“(поговор на Паскал Гилевски, Солев, 2004: 171). Солев и со овој роман продолжува да ги исполнува улиците на книжевната мапа на Скопје.
Она по што е специфичен овој роман, а е особено значајно и интересно за темата на оваа студија, е начинот на кој е пренесена, „насликана“ и „наслушната“ атмосферата на градот. Имено, станува збор за една невообичаена раскажувачка техника. Нараторот, Цабланко Колиштрк, син на Коле Колиштрк (кој по татко потекнува од клунот на Силјана Штркот), воведува ликови видени преку неговиот перископ (од огледалца и мукава) „вденат“ во влезот на меаната. Перископот е неговиот оптикум, а читателите преку ги запознаваат нештата преку неговата диоптрија.
„’Зора‘ обично почнува да се полни од девет наутро, а да се празни најчесто од девет навечер. За тие дванаесет часа, додека мојот перископ е вденат во нејзиниот отворен влез, во ’Зора‘ поминуваат секакви луѓе: работници на топла чорба, студенти на нови сокови, новинари на први чашки, службеници на скришен вињак, директори на службен ручек, уметници на последно допивање, домаќини на скромна скара, дивидејќи на слатко кафе, хористи на танки шприцери, апсолвенти на бела мастика, амали на точено пиво, професори на домашна ракија, ергени на тукашна туршија и режисери на чепкалки за заби.“ (Солев, 1988: 201)
Преку сите овие ликови (набљудувани преку перископот што знае нешта за кои другите не знаат), внатре во кафаната се внесуваат приказни од надвор, во градот. Нивните приказни, секоја посебна за себе, преку нивните главни ликови, се сретнуваат тука, во кафаната „Зора“ и ја раскажуваат големата (пери)скопска приказна.
Старделов ќе ја нарече „Зора зад аголот“, „длабоко животно опредметена проза“, определувајќи ја поетиката на Солев како документаристичка. А Солев во самиот роман ќе даде своевидна дефиниција за тоа што претставува романот:
„Јас не измислувам, јас само замислувам. А, ова што ќе го кажам не е ни измислица, не е ни замисла, па дури ни домислување, туку само измрдана слика, преку пикнатото огледало, што го составува мојов перископ, кој како набрана сурла се протега од балконов на ’Зора‘ низ Зоолошката градина, до Градскиот парк.“ (Солев, 1984:127)
Меѓу другото, „Зора“ е кафеана која навистина постоела во Скопје, на „Илинденска“.
Двете воведни реченици во делото: „За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град…“ (Солев, 2001: 171) се одлична метафора за двата главни простори на овој роман: меаната „Зора“ (внатрешниот) и градот Скопје (надворешниот). За нараторот меаната е буниште, а градот среќа. И навистина, во овој роман, за разлика од атмосферата во збирката раскази „Зима на слободата“, преовладува една поинаква, потопла, па и повесела атмосфера на повоено Скопје. Овде градот навистина живее и помалку или повеќе, е среќа. Секој (од ликовите) со својата. A ликовите се обични, „мали“ луѓе, со „мали“ приказни, што заедно ја градат „големата“ приказна за градот Скопје.
Сукцесивното воведување на нови ликови и настани, прилега на процес на редење на една сложувалка чии делчиња се со различни бои, форми и големини, а сепак совршено се склопуваат и вклопуваат, имаат еднаква важност и создаваат една целосна, шарена, широка и жива слика за градот Скопје во педесеттите години од минатиот век.
Различните ликови од скопските улици, ги оставаат во кафаната „Зора“ своите приказни, претворајќи ја во сцена на едно „градско милје“, со што стануваат дел од улиците на книжевната мапа на Скопје. Тука се: Нестор Клисарски, Славе Вардарецот, Трајко Папаз, Доктор Муквос, Цеве Топола итн.
Сите овие ликови, штом ќе го поминат прагот за излегување од кафаната „Зора“, стануваат бодлеровско-солеви, фланери боеми, талкачи низ градот и неговите улици. А бидејќи секој од нив има свое посебно место во градот: дрво во паркот, место крај Вардар, ателје, ординација, ќоше, улица… останува прашањето дали градот е оној што ги прави ликовите или ликовите се оние што го прават градот? Преку судбините на овие ликови (прикажани преку нивното минато и нивната сегашност), Солев го прикажува и духот на времето и луѓето во Скопје по ослободувањето.
Романот изобилува со детални описи за кафаната и околината, за некогашната скопска калдрма, за липите, за скопските плажи, за корзото на главната улица што „тече“ од железничката станица и „дотечува“ до плоштадот пред мостот, за детските игри од скопските улици и жешките и тешки, скопски лета.
Како вистински писател урбофил, со доживувањата на градот од страна на ликовите, но и со деталните описи на скопските улици и разните мириси, во различни годишни времиња, што се шират по нив, Солев успева да го пренесе своето топло чувствување на градот.
На крајот на романот, кафаната „Зора зад аголот“, е срушена од земјотресот, а со неа е срушено и „стојалиштето на нараторот“, Цабланко Колиштркоски, „денгубниот гледач од балконот на ’Зора‘, пишувачот на овие редови…“.
(Продолжува)