ФЕЉТОН: Поетот е поет затоа што е борец, борецот е борец затоа што е поет

Како што кај него народната поезија се одрази на стилот и на поривот да се пишува на македонски, така и неговата поезија се одрази кај сите повоени македонски автори, да пишуваат и рациновски – на македонски!

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува трудот на Иван Антоновски* – Ни треба ли нов „Огномет“ како Рациновиот?

„Кога зборуваме за поетот Кочо Рацин, ние мислиме и на човекот Кочо Рацин, на оној самопрегорен работник и истакнат борец за правата на својата работничка класа и својот народ, а кога зборуваме за борецот Кочо Рацин ние со тоа истовремено го подразбираме и оној поет чие име, неразделно врзано за сегашнината на нашата поезија и нашата литература, стои на првата страница во новата развојна фаза на таа поезија и таа литература. Поетот и борецот во личноста на Кочо Рацин претставуваат таква нераскинлива целост што можеме сосем оправдано да тврдиме дека во неговата личност на специфичен начин се овоплотило неговото време. Поетот е поет затоа што е борец, борецот е борец затоа што е поет. […]“

Ова го има истакнато македонскиот класик, Ацо Шопов, токму во Рациновиот Велес, во 1963 година – кога се навршени 45 години од раѓањето на творецот што во периодот меѓу двете светски војни започна нова страница на историјата не само на македонската книжевност, туку и на македонската култура. Денес, не малку децении потоа, се запрашуваме, колку наполно сме свесни за оваа димензија на Рациновата личност и за значењето на Рацина за македонскиот код. Колку денес знаеме соодветно да го вреднуваме и неговиот идеал, и неговиот севкупен подвиг – колку вистински го разбравме Конески кога ни порача дека Рацин е „најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек“?

Поттикот за ова прашање и произлегува од дилемата колку денес, сме достојни не само формално, туку суштински да речеме: ние сме Рацинови наследници? Колку со нашиот влог во нашето време го оправдуваме тоа што припаѓаме на Рациновиот род – и со нашето залагање за новите страници на нашата национална, не само книжевна и културна историја, и со односот кон неговото дело? При што, непорно, едното без другото не е остварливо…

Рацин запиша: „Ако куќа не направив / со високи шимшир порти, / куќа цел свет братски ми е / братски срце што отвора, / срце − порта највисока, / срце − куќа најширока.“ И денес, 115 години по неговото раѓање, светот е куќа на Рацин, но критички оврнувајќи се кон неговиот опус, недвомислено се констатира дека тој опус е куќа на македонскиот збор, и тоа не само на поетскиот, туку и на прозниот, куќа и на македонската современа критичка, есеистичка, публицистика мисла, како и на идеолошките доктрини што се клучни за македонскиот XX век. Колку во последниве неколку децении, особено во последниве години, вистински успеавме и дали вистински се потрудивме да ги заврстиме темелите на таа куќа, кои впрочем се темели на сиот наш натамошен книжевен и културен развиток? Да не се подрива некој од столбовите издигнати во триесеттите години на минатиот век?

Рациновиот подвиг не започнува со „Бели мугри“, туку многу претходно – општествено-политички уште пред да се случат неговите први книжевни објави – стиховите од „Синови на гладот“ и прозниот, но едновремено и есеистички, програмски текст, формално определен како расказ, „Резултат“ кој неслучајно започнува со: „Сега пред нас преку движењата на раката и траги на мастило ќе ставам и трага на мислата, како резултат од процесите на мојот живот. И сега ќе се обидам спрема него да ја дограбам последната врвица што ми преостанува во мојот живот, на патот за Иднината“.

Впрочем, речиси сето негово творештво е резултат на овој порив и на оваа негова определба, зашто „мојата Сегашност е разрешена од спознанието: дека сум јас работник, роб на господарот којшто за готови пари ја купува мојата сила…“  Дали нашата Сегашност е разрешена од вакво спознание и дали се чувствува потреба од реактуализација на неговиот став: „…ми се чини дека работата за рушењето на овие услови е многу попродуктивна одошто работата под нив, зашто сметам дека таа работа по ништо не се разликува од животинската работа, и дека само тогаш кога ќе ги снема нив – работата за човека ќе биде благослов, насмевка и надеж на Природата за неговиот труд! А дотогаш… дотогаш рушењето е попродуктивно. Тоа ми е последниот Резултат“ .За Рацина, тоа „рушење“ на кое му остана доследен до кобниот истрел на Лопушник, вушност се остваруваше со градење – со градење токму на таа „куќа на македонската современа историја“.

Затоа, по неговите стихови од младините, песните за Раца, и по неговата „Антологија на болката“, уште во 1931 година, „Рациновото доаѓање во Скопје го привлече вниманието на младите прогресивни литературни творци во градот – Чедомир Миндеровиќ, Радован Зоговиќ, В. Кукаљ, Јован Ѓорѓевиќ, Александар Аксиќ и други. Тој ја согледа потребата од издавањето на гласило на младите напредни писатели од Македонија, уште од 1931 година, кое треба да им даде израз на прогресивните погледи и сфаќања за литературата и нејзината мисла, на уметничкиот збор и критика, пред сè, средиште на идеолошката револуционерна насоченост на луѓето од перо во Македонија. Но до тоа не дојде. (…)“, како што се сеќаваше и запиша Перо Коробар. Впрочем, Рацин е првиот, а во таа половина на деценијата и единствениот што ја понесува идејата којашто за жал, наполно се оствари дури во слободна Македонија.

Оттука и дилемата како ќе изггледаше македонската современа, меѓувоена, а потоа и повоена книжевна и културна стварност ако Рациновата идеја се остварела и ова гласило се случело? Но и уште поголемата дилема – дали до тоа гласило не дојде затоа што Рацин бил единствениот дотолку наполно свесен за значењето на ваквото гласило и во националниот конткст во тој период на триееттите години на минатиот век – интелектуалец од таков формат во тој период? Неслучајно препознаен од неговиот сомисленик Стеван Галогажа – оној што го поттикнувал да го доврши и неговиот роман „Афион“, очекувајќи дека од него ќе произлезе не само обид, туку и важно дело во рамките на тогашната југословенска книжевност, дело кое нема да биде значајно само во нашиот македонски книжевен контекст поради спецификите на македонскиот книжевен развој. Не се помни дека за некој друг македонски автор во тој период имало таков интерес да биде прочитан и објавен…

И затоа, не треба да заборавиме дека иако гласилото што го посакувал и предлагал Рацин не се случило, пред точно 91 година или шест години пред „Бели мугри“ е објавена и една друга поетска книга –  збирката ‘Песни‘ (1932) на Кочо Рацин, Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ. „Нејзиното издавање претставуваше забележлив настан во културниот и политичкиот живот во Скопје и Македонија. Збирката посебно побуди жив интерес во Велес. Рациновиот ‘Ватромет‘, има запишано Перо Коробар, „беше особено забележан, пред сè, поради јасно изразениот пролетерски повик, јасната визија за престојната бура и оган на револуцијата и борбата на работничката класа, на народните слободарски стремежи и полет за кршење на ропските пранги и раѓање на слободата.“

Колку е и денес актуелна Рациновата „Огномет“? Во 1935 година, во литературниот критичар Н. Костин, покрај повеќето прикази и осврти за литературните појави во тој период, како што нотира Весна Мојсова-Чепишевска, се осврнува и на поетската збирка „1932“ на тројцата поети-работници. Колку денес имаме историско-валозирачки однос кон тоа што некоја поетска книга на поети-работници издадена во Скопје поттикнува на критика некого во Загреб? Рецензентот Костин има забележано дека единствениот кон не потпаднал под лирско малограѓански хаос според критичарот е токму нашиот Рацин, при што одделно ја нагласува и неговата песна „Огномет“.

Стиховите со кои триумфира твојата песна: „Осамнува!/ Во противречности!“, како што ќе нагласи Мојсова-Чепишевска се стихови што Рацин им ги упатува на сите оние што се како него и посакува тие со сопствени сили да се преобразат, а со нивната преобразба да се преобрази и светот. Но, за жал, денес, и ние осамнуваме во противречности. Некогаш и самуваме во противречности! Ни треба ли нов „Огномет“ како Рациновиот?

(продолжува)

Првичната верзија на текстот беше беседа на централната свеченост по повод 115 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, одржана во Велес на 22 декември 2023 година.

*Авторот е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во графичкиот дизајн на текстот користени се ВИ портрети чиј автор е Небојша Гелевски-Бане.

Треба да знаете
Moже да ве интересира