Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: ТВ серија за Кочо Рацин, „Ферари“ на Мајкл Мен, симболичкиот јазик на соништата од Ерих Фром, Василичарски концерт во Национална опера и балет

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме ТВ серија, филм, концерт и книга. Гледајте, читајте, слушајте…

ТВ серија: „Црвениот поет“

Играната ТВ серија „Црвениот поет“, биопик за Коста Солев Рацин, ќе започне да се прикажува на ТВ Телма од 9 јануари.

„Црвениот поет“ е телевизиска серија во 10 получасовни (30 мин.) епизоди за животот и делото на Коста Рацин, еден од великаните на нашата поезија од дваесеттиот век, еден од најреволуционерните патриоти и еден од најромантичните уметници што ги дала нашата земја.

Сторијата на серијата го следи Коста Солев, извонредно талентиран млад поет кој се осмелува да пишува и објавува своја поезија на македонски јазик и покрај строгите забрани во времето по Првата светска војна. Згора на тоа, тој е комунист, уште една активност која тогаш е забранета од властите во Кралството Југославија, што му носи дополнителни тешкотии. Приказната прикажува извонредна борба и херојски настани низ Втората светска војна. Сето тоа ќе има страшни последици за него и неговата поезија…

Пред 115 години отпочна приказна која никогаш нема да заврши. Вечно ќе се раскажува затоа што таа приказна содржи се. Детски мечти и идеали, невозвратена љубов, разочарување, понижување, цензура, робија, војна, крв, смрт и секако – прекрасна поезија. Германците го имаат Гете, Французите – Бодлер, Шпанците – Лорка, Англичаните – Шекспир, Русите – Пушкин, Есенин, Пастернак…, напиша режисерот Никола Поповски.

Креатор и сценарист на серијата во продукција на „Сектор филм“ е Сашко Насев, а главната улога ја толкува Александар Ристоски. Директор на фотографија е Апостол Трпески, композитор Марјан Нечак, монтажер Ванчо Мираковски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Емилија И. Атанасовска, шминкер Симона Ристевска.

Ликовите во серијата – меѓу нив добро познати историски личности – ги толкуваат: Апостол Солев – Самоил Стојановски, Марија Солева – Кристина Христова Николова, Невенка Вујиќ – Наталија Теодосиева, Агент Мијо – Петар Мирчевски, Kоста Дете – Стефан Стерјовски, Учителот – Нино Леви, Свештеникот – Мето Јовановски, Панко Брашнаров – Јордан Симонов, Заптија – Борче Ѓаковски, Ѓорѓи – Дениз Абдула, Ганчо – Васко Мавровски, Перица (Петре Прличко) – Николче Пројчевски, Жандарм 1 – Пеце Ристевски, Меанџија – Младен Крстевски, Малина – Симона Димковска, Антун Колендиќ – Иван Јерчиќ, Господин Колендиќ – Борис Чоревски, Госпоѓа Колендиќ – Соња Михајлова, Каплар Матиќ – Филип Мирчевски, Аспарух – Живко Борисовски, Чедо – Горан Ников, Рифат – Един Јакубовиќ, Петровиќ – Роберт Вељановски, Коле Неделковски – Мартин Мирчевски, Стеван Галогажа – Здравко Стојмиров, Страхил Гигов, Страшо – Огнен Дранговски, Џелатот – Кољо Черкезов, Судијата – Митко Апостоловски, Обвинителот – Јовица Михајловски, Адвокатот – Владимир Ѓорѓијоски, Јосип Броз Тито – Петар Горко, Боби – Кирил Трајковски, Моша Пијаде – Петар Спировски, Шабан Шабаниќ – Александар Стефановски, Светозар Вукмановиќ-Темпо – Никола Тодоровски, Агент Јовиќ – Владимир Лазовски, Драгутин Шпулер – Предраг Павловски, Археолог Никола Вулиќ – Анастас Тановски, Професор Јован Радониќ – Марин Бабиќ, Банот Жика – Љупчо Тодоровски Упа, Иследникот – Кире Ѓоревски, Мино Миновски – Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Никола Вапцаров – Игор Трпчески.

Книга: „Заборавениот јазик“ – Вовед во разбирањето на соништата, бајките и митовите од Ерих Фром

„Заборавениот јазик“ – Вовед во разбирањето на соништата, бајките и митовите од Ерих Фром, во превод на Слободанка Марковска, во издание на „Гаврош“.

Ерих Фром како еден од највлијателните мислители на модерните времиња, во „Заборавениот јазик“ ни презентира инспиративна научна расправа за разбирањето на природата на искуството од соништата, поаѓајќи од тезата дека тие се напишани со еден универзален јазик што луѓето во модерноста го заборавиле, а тоа е симболичкиот јазик.

„Заборавениот јазик“ за првпат е објавен во 1951 година и претставува капитално дело на научната литература во доменот на хуманистичките науки и психијатриска практика. Делото на Фром е наменето за широк круг читатели кои настојуваат подобро да се разберат себеси и другите, посочува издавачот.

„Ако е вистина дека способноста за чудење е почеток на мудроста, тогаш оваа мудрост е тажен коментар за мудроста на модерниот човек. Колкави и да се придобивките од високиот степен на нашето литерарно и општо образование, ние сме ја изгубиле дарбата за чудење. Се мисли дека сѐ e веќе осознаено – ако не од нас лично, тогаш од некој специјалист чија работа е да го знае она што ние не го знаеме. Всушност, да се биде зачуден е непријатно, тоа е знак на интелектуална инфериорност. Дури и децата ретко се изненадуваат, или барем се обидуваат да не ни покажат кога ќе им се случи тоа; со годините, постепено ја губиме способноста за изненадување. Да се знаат точните одговори се чини дека е најважно; во споредба со тоа, да се постави вистинско прашање се смета за безначајна работа. Можеби токму ваквиот став е причината зошто една од најзбунувачките појави во нашето живеење – нашитесоништа – толку ретко предизвикува чудење и поставување прашања. Сите ние сонуваме; не ги разбираме сопствените соништа, а сепак се однесуваме како ништо чудно да не се случува во нашиот ум додека спиеме; чудно барем во споредба со логичките, целисходни активности на нашиот ум кога сме будни.“ (извадок од „Заборавениот јазик“).

Музика: Традиционален василичарски Гала оперски концерт

Традицијата во Националната опера и балет по повод празникот Василица продолжува. На 12 и 13 јануари ќе се одржи традиционалниот Гала оперски концерт.

На репертоарот се изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии, дуети, хорски делници и балетски точки од светски познатите дела од композиторите: Џ. Росини, В.А. Моцарт, В. Белини, Џ. Верди, У. Џордано, Ф. Лехар, Ж. Бизе, Џ. Пучини, Е. Калман, П. И. Чајковски и други.

Под диригентство на гостинот Клод Лапалм од Канада, добитник на голем број престижни награди и признанија, а во режија на Дејан Прошев, ќе настапат оперските солисти: Весна Ѓиновска Илкова, Сандра Митровска, Благица Поп Томова, Наде Талевска, Николина Јаневска, Биљана Јосифов, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Игор Дурловски, Владимир Саздовски заедно со хорот, оркестарот и балетот на Националната опера и балет.

Весна Ѓиновска Илкова

Концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска, а кореограф е Саша Евтимова.

Националната опера и балет го востанови овој концерт во 1995 година. Концертот низ годините потоа стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас.

Филм: „Ферари“ на Мајкл Мен

Кога ќе се спомене Ферари, апсолутниот синоним е за врвна автомобилска технологија. Има ли приказна во октаните и звукот што го карактеризираат престижниот автомобилски бренд „Ферари“.

Тоа е биографската приказна за Енцо Ферари. Дејствието на филмот „Ферари“ е сместено во летото 1957 година, кога автомобилската империја на Енцо Ферари е во криза.

Енцо е поранешен прославен автомобилски тркач кој станал претприемач, кој со сопругата Лаура направил фабрика „од ништо“, но проблемите во бракот стануваат сè поголеми откако го губат синот Дино. Енцо се турка себеси и неговите возачи до работ на издржливоста во „Mille Miglia“, трка долга 1.000 милји (1.600 километри) низ Италија…

Во режија на проверениот мајстор Мајкл Мен (Michael Mann), со Шајлин Вудли, Адам Драјвер, Сара гадон, Пенелопе Круз и Патрик Демпси (Shailene Woodley, Adam Driver, Sarah Gadon, Penélope Cruz, Patrick Dempsey) во главните улоги, „Ферари“ е ролеркостер на емоциите и ритамот со висока „туража“.

„Ферари“ е на репертоарот на „Синеплекс“ во два вечерни термини, од 19.15 ч. и 21,45 ч.

Треба да знаете
Moже да ве интересира