Бизнисот на големите земјопоседници е многу попрофитабилен, или по хектар или по ангажиран работник. Ова објаснува зошто земјоделците во Грција и Шпанија, како и во јужниот дел на Италија и Франција, беа најподготвени да излезат на патиштата: пред шест децении, тие добија договор што не ги штити нивните интереси
Пишува: Јанис ВАРУФАКИС
Манос припаѓа на семејство од Тесалија кое се занимава со земјоделство веќе шест генерации. Кога го прашав да објасни зошто сакал да го вози тракторот 400 километри за да го паркира пред парламентот во Атина, тој одговори кратко: „Ако не го сторам ова, мојата фарма наскоро ќе исчезне, како и селото. училиштето, задругата, поштата и банката“.
Приказната на Манос не е нова и не е ограничена само на Грција. Навикнати сме земјоделците, особено француските земјоделци, секој час да блокираат патишта и да им изнесуваат барања на политичарите пред да се вратат на фармите. Понекогаш организираат големи акции, како во Брисел во 2012 година, кога меѓународната коалиција на фармери ја испрска зградата на Европскиот парламент со тони млеко во знак на протест против намалувањето на квотите на ЕУ.
Во последниот бран протести, новина е што покрај демонстрантите на кои веќе сме навикнати, на улиците на главните градови на Европа излегуваат и некои нови. На ТВ екраните ја следиме мобилизацијата на земјоделците низ Европа, од Полска до Ирска. Никогаш не сме виделе германски и дански земјоделци, традиционално многу побогати од нивните колеги во грчко-латинската зона, да ги блокираат улиците на големите градови со трактори во толку голем број и со толкава страст.
Кога ќе ги прашате данските и германските земјоделци зошто протестираат, одговорите се слични на оние што ги понуди Манос: Тие велат дека нивниот начин на живот и нивната способност да ја обработуваат земјата се загрозени. Јас им верувам. Но, слична егзистенцијална закана ги погодува британските фармери, а сепак тие не ги блокираат патиштата. Речиси половина од британските производители на овошје и зеленчук и една третина од производителите на млеко се соочуваат со банкрот во следните две години. Зошто нема лути трактористи на Пикадили или Трафалгар? Ова е веројатно под влијание на културните разлики, но верувам дека одредени структурни карактеристики на Европската унија може исто така да објаснат зошто европските фармери протестираат додека нивните британски колеги не.
Теоретски, ЕУ е бастион на либерализмот на слободниот пазар; но вистината е дека ЕУ го започна животот како картел на производители на јаглен и челик, кои отворено и под заштита на законот ги контролираа цените и производството, поддржани од мултинационалната бирократија. Правните и политичките овластувања на бирократскиот апарат – првата Европска комисија – ги надминаа овластувањата на националните парламенти и демократските процеси. Неговата прва задача беше да ги укине сите ограничувања на движењето и трговијата со челик и јаглен меѓу земјите-членки. И навистина, каков меѓудржавен картел би бил тој ако треба да се стопираат неговите производи и да се царини на границите? Во следните чекори, Брисел го прошири картелот на други производи, кооптирајќи ја индустријата за електрични апарати, производителите на автомобили и, се разбира, банкарството. Третиот чекор, по укинувањето на царините за индустриските производи, беше укинувањето на сите царини.
Но, за жал, ваквото отстранување на тарифите донесе неконтролирана конкуренција од увозното млеко, сирење и вино, на што француските и германските производители не беа подготвени да се согласат. Како Брисел доби согласност од големите, богати и затоа политички моќни земјоделци да се приклучат на Европската зона за слободна трговија? Со тоа што ќе им се понуди дел од монополскиот профит на картелот од тешката индустрија.
Заедничката земјоделска политика (ЦАП) беше токму тоа, како што може да се види од Договорот од Рим кој ја основа денешната ЕУ: тоа е договор помеѓу европскиот картел на тешка индустрија и земјоделците од богатите европски земји кои се согласија дека најголемиот дел од европскиот буџет кој ќе го генерира индустрискиот картел ќе го додели на земјоделците. Во 2021 година, Европската унија одвои 378 милијарди евра за ЦАП: тоа е 31,8 отсто од шестгодишниот буџет (за периодот од 2021 до 2027 година). Најголемиот дел од таа планина евра, околу 80 отсто, завршува во џебовите на 20 отсто од најбогатите европски земјоделци. Најлошото е што е многу тешко да се најде излез од оваа ситуација: неверојатните суми субвенции и нивната нерамномерна распределба се засноваат на договорот постигнат во 50-тите години кој ни ја даде оригиналната Европска унија и практично е вграден во структурата на самиот систем.
Нерамномерната распределба се оправдува со „продуктивноста“. Бизнисот на големите земјопоседници е многу попрофитабилен, или по хектар или по ангажиран работник. На пример, „Фајненшл тајмс“ пресмета во 2021 година дека секој дополнителен работник на мала фарма – мала фарма е фарма со вкупен производ вреден помеѓу 4.000 и 25.000 евра – ја зголемува нето вредноста на фармата за околу 7.000 евра. Од друга страна, секој дополнителен работник на голема фарма – оние со производ кој надминува половина милион евра – ја зголемува нејзината нето вредност за 55.000 евра.
Затоа повеќето фармери во јужна Европа – вклучително и големи делови од Франција, каде што стопанствата се многу помали отколку, на пример, во Германија или Холандија – едвај врзуваа крај со крај. За тоа време, нивните колеги од северот жнееја големи профити и субвенции.
Ова објаснува зошто земјоделците во Грција и Шпанија, како и во јужниот дел на Италија и Франција, беа најподготвени да излезат на патиштата: пред шест децении, тие добија договор што не ги штити нивните интереси. Исто така, со сè поизразениот тренд на деиндустријализација, кој е присутен дури и во Германија, паневропскиот картел кој треба да ги покрие трошоците за субвенции за богатите земјоделци ја губи економската моќ.
Во случајот на луѓето како Манос, комбинираните стари и нови проблеми земаат голем данок. Минатата есен беа погодени и од климатската криза. Бурата „Даниел“ ја уништи целата земјоделска механизација и опрема на Манос кога неговиот имот беше потопен под неколку метри вода. Невремето потоа продолжи кон Либија, каде загинаа илјадници луѓе. Поради традиционалната бавност на грчката бирократија, им требаше долго време на осигурителните компании да му помогнат.
Друг извор на незадоволство кај неговите колеги се масовните запленувања на фарми извршени од мршојадските фондови. Користејќи ја можноста што ја даде банкротот на грчката држава, бројни фондови кои влегоа во земјата купуваат лоши заеми по цена од 5 центи за евро и продаваат запленети имоти на аукции. Така, олигарсите заземаат плодно земјоделско земјиште и го покриваат со соларни панели со помош на донации и заеми од Брисел, а земјоделците и жителите на градовите плаќаат прескапа струја. Поради намалувањето на фондот на земјоделско земјиште, производството на храна во земјата се намалува.
Нешто слично сега се случува во побогатите делови на ЕУ: во Холандија и Германија. Таму на дело се три главни чкрапала. Прво, поранешните електроенергетски системи во државна сопственост се предадени на приватни картели кои се кријат зад данските аукциски куќи, а ЕУ не прави ништо за да ги заштити земјоделците од алчните шпекуланти и рентиери кои тргуваат со енергија. Второ, земјоделците поминуваат низ бирократски пекол за да добијат и најмали бенефиции, дури и право да сечат дрво чии гранки се закануваат да им ги извадат очите кога ќе поминат покрај него со трактор. Трето, Украина: не само поради скокот на цените на горивата и „солидарниот“ увоз вреден 13 милијарди евра само минатата година, туку и поради тоа што пристапувањето на земјата зафатена од војна во Европската унија ќе значи дека повеќето земји кои биле нето примателите на средства од фондовите на ЦАП, вклучително и Полска, ќе станат нето донатори, што најмногу ќе ги погоди нивните земјоделци.
Се разбира, во собата има два слона. Еден од нив е Зелениот договор на Европската унија. Брисел често зборува за екологија и бара веднаш да се започне со зелена транзиција, но нема каде да ја финансира. Да ја земеме за пример ситуацијата на холандските земјоделци: опасноста се нитратите во подземните води, што е проблем кој дефинитивно мора да се реши. По децении игнорирање на проблемот, владата под притисок на Брисел преку ноќ побара од фармерите да го решат проблемот со намалување на бројот на крави за една третина.
Вториот слон е уште поголем: тоа е економскиот пад на Европа кој трае веќе 15 години и е последица, според мене, на лошото управување со еврокризата. Ова може да го објасни процесот на деиндустријализација на континентот. Заедничката земјоделска политика повеќе не може да го одржи првичниот договор постигнат во 1950-тите меѓу индустрискиот и земјоделскиот картел. Затоа Зелениот договор е само уште едно европско Потемкиново село – уште една жртва на тенденцијата на Европската унија да се расфрла со големи бројки кои исчезнуваат без трага веднаш штом погледнеме подобро.
Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, е лидер на партијата МеРА25 и професор по економија на Универзитетот во Атина. Текстот е објавен во британскиот дигитален магазин за аналитички колумни UnHerd.