Како членка на НАТО и претседавач на ОБСЕ Северна Македонија директно учествува во реинвентирањето на светската колективна безбедност

Членството во НАТО и претседавањето со ОБСЕ ја прават 2023 важна година за допопнителна меѓународна промоција на Република Северна Македонија.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Првата година од руската инвазија на Украина ги поттикна дебатите за глобалните импликации на актуелната војна, како и за импликациите од другите потенцијалните воени жаришта од аспект на одговорот на овие закани што може да ги понудат мултилатералните организации за мир и соработка.

Војната во Украина ги предизвика темелите не кои е поставен меѓународниот безбедносен поредок воспоставен уште од времето на Втората светска војна преку концептот и политиките на дејствување на Обединетите нации, како и од времето и заканите од Студената војна кога беше основана Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ).

Соочен со овие предизвици, особено со војната во Украина како исклучително сериозна закана, не само по европската, туку и по светската безбедност, светот со неверување ги следи последиците кои стигнаа до таму земјите како Германија и Јапонија да ги зголемуваат воените буџети и да го обновуваат воениот арсенал.

Во овие услови, кога светот се соочува со најголемата закана за глобалната безбедност на една генерација, се чини дека членството на Северна Македонија во НАТО, како и претседавањето со ОБСЕ, направија нашата земја да биде директен учесник во процесите за реинвевентирање на светската колективна безбедност.

Северна Македонија во ОБСЕ „За луѓето се работи“

Се чини немаше посоодветен пристап претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ да започне со промоцијата на слоганот „За луѓето се работи“ кој навести дека во фокусот е хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

Оттаму сосема природно е што министерот за надворешни работи Бујар Османи кој претседава со ОБСЕ во името на нашата земја, потенцира дека „во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии со конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи“.

Она што е особено важно во стратегијата на Северна Македонија за време на претседавањето со најголемата регионална организација за безбедност и соработка, која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија, освен фокусот врз кризните региони, а пред сѐ, воената агресија врз Украина, приоритетите како претседавач на ОБСЕ се и реафирмацијата на придобивките на оваа организација за безбедност и соработка и обновување на дијалогот и довербата, инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици. Со ова Северна Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.

Оваа позиција и заложби на Северна Македонија беа презентирани на средба со амбасадорите на групата „Квинта“, односно со амбасадорите во ОБСЕ од Виена на земјите членки Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

На средбата со „големата петорка“ од ОБСЕ Османи истакна дека, фокусот на Украина, Северна Македонија ќе остане континуирано ангажирана и за другите кризни региони кои бараат постојано внимание.

– Сведоци сме на зголемена тензија во Источна Европа, во Кавказ, во Централна Азија и во нашиот сопствен регион на Југоисточна Европа, како резултат на сегашната агресија. Ќе се обидеме да ги адресираме и нив, согласно приоритетите, колку што е можно во сегашните околности – рече Османи на таа средба додавајќи дека и покрај тековните предизвици во нашиот регион, како претседавач со ОБСЕ, Северна македонија ќе се фокусира на агенда којашто може дополнително да ги зајакне напорите за помирување и градење доверба.

На средбата со петорката амбасадори, претседавачот Османи изрази благодарност и за нивната политичка поддршка, осврнувајќи се на важноста од изнаоѓање заедничка основа во контекст на исполнување на вредностите на Организацијата и придвижување на процесите напред согласно принципите и заложбите на ОБСЕ.

Ако се има предвид дека петте земји членки на групата „Квинта“ во ОБСЕ, се и највлијателните земји членки на НАТО, се чини сосема прагматична тактиката на министерот за надворешни работи Бујар Османи, односно на Северна Македонија, претседавањето со ОБСЕ да го „врзе“ тесно со НАТО.

ОБСЕ и НАТО се втемелени во безбедносната архитектура на Европа

Во таа насока, министерот Османи, на 31 јануари, за време на седницата на Северно Атлантскиот совет на НАТО, кога ја претстави Програмата на Северна Македонија како Претседавач со ОБСЕ во 2023 година, ја потенцираше важноста на улогата на НАТО и ОБСЕ во европската безбедносна архитектура, и, меѓу другото, пред амбасадорите на НАТО ја истакна важноста на соработката меѓу двете колективни безбедносни организации.

– Многу ми е драго што Стратешкиот концепт усвоен минатата година во Мадрид кој кристално јасно покажува дека НАТО има намера да ја зајакне нашата заедничка координација и соработка. Како претседавач со ОБСЕ, уверен сум дека сите можеме да имаме корист од оваа соработка, бидејќи работиме за да придонесеме во процесите за безбедност и стабилност во Европа и светот – истакна Османи на седницата на Северно Атлантскиот совет на НАТО.

Иако според „статутите“ и политичките околности за основање на овие организации, НАТО и ОБСЕ се различни организации, сепак имаат и заеднички цели и принципи важни за зачувување на европската, па и светската безбедност.

– И двете организации се засновани на принципи и вредности, кои во случајот на ОБСЕ, се грубо прекршени со воената агресија на Русија на Украина. Верувам дека има простор за соработка и треба да ги исцрпиме сите можности за да придонесеме за поголема безбедност во регионот на Европа, но и пошироко – рече Османи пред Северно Атлантскиот совет на НАТО.

Сите овие околности ја прават 2023 важна година за допопнителна меѓународна промоција на Република Северна Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во улогата што нашата земја може да ја позиционира како држава којашто активно учествува во разрешување на конфилктите, во намалување на тензиите, во обновување на довербата меѓу народите, сѐ со цел да се прифатат безбедноста и соработката како темел за просперитетна иднина на народите.

Треба да знаете
Moже да ве интересира