Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе си видиме ние фино во еден друг свет

За терапијата што 3/4 народ ја чека по поглавја, почнувајќи со судството и правдата, ВМРО-ДПМНЕ упаднало и стои како дибек на ЕУ – шалтерот и само нафрла запалливи муабети за „жешки“ глави. Други проаѓаат, а ние чекаме како глупави, затоа што од аспект на ЕУ, дибекот си е наша творба.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Четириесет години постојано ми се наоѓа некој кој тврди дека непристрасното, ладноглаво одмерување е интелигентното. Не е дека не се согласувам, но не сосема, бидејќи има премногу ситуации каде што непристрасноста се изродува во неинтелигентна неправедност или губиток на информација. Не велам дека не можеме сами да просудиме што е фер и што е реално, ама ако примарното ни е да обезбедиме другите да ја видат нашата „ладна глава“ како квалификација за некое прилично амбивалентно тврдење за што е тоа што би било фер и реално, тогаш големи се шансите дека тоа не е. Дека се доближувате до ферот и реалноста е поверојатно ако не сте ни помислиле на главата. Бидејќи, ако е „вжештена“, ќе си го забележите тоа со првите свои зборови или претходно. Всушност, заради забележувањето, вжештената глава може да се „олади“ барем до перцепција, но „ладната глава“, превенирајќи приговор за „вжешетена глава“ се „лади“ до точка на немислење.

Вжештената глава може да се „олади“ барем до перцепција, но „ладната глава“, превенирајќи приговор за „вжешетена глава“ се „лади“ до точка на немислење.

Надвор од широки проблеми и теми, да земеме прозаично, на пример на шалтер, кај што „тетката“ зад стаклото ви врти грб таман кога сте помислиле дека сте на ред. Па си раскажува нешто со колешките, па кога ќе се сврти напред, од гужвата вика некој друг… А гледате дека има место и за вас за она за што чекате ред, ама не ве вика, никако!? Цело време си мислите дека друг ви го зема редот или будно внимавате друг да не ви го земе редот… Комплетно сте во недоверба кон „тетката“ оти е „очигледно лоша“, специјално со вас. Колку ли, да прашам, ви е гајле дали изгледате интелигентно – ладноглаво ако ви дојде да се побуните за својот ред? А ќе се побуните жестоко, ако претходно не сте се информирале за редот. Односно, „вжештувањето“ доаѓа од незнаењето. Во состојбата на незнаење, а затоа и тотална недоверба, со веќе нарушен „фер“ во таквата слика, само протестот е интелигентна постапка, како и да изгледа отстрана. Немањето гајле за како изгледате отстрана ве води кон чекорот – протест, кој, пак, ве води во осознавање. Другите неизбежно ќе ви пристапат и ќе ви кажат каков е редот, односно што во таа околина се смета за фер.

Да се стремите кон фер, како што веројатно и самите сте забележале, е доста тесна и маглива патека. Ја одите таа патека, затоа што по неа ве води некоја внатрешна смирувачка емоција како компас (најверојатно тоа го викаме совест), а не глумењето на „ладна глава“. Не можете однапред да знаете што е фер во конкретна ситуација, но имате генерална идеја за многу ситуации. На пример, во горната ситуација, веднаш при влегувањето би оствариле комуникација за да дознаете каков е редот. Колку и да звучи тоа подразбирливо и дека нема човек кој не би го направил тоа, искуството кажува дека правењето на нормалното, или „тоа што се подразбира“ се намалува зависно од тоа колку е човек е уверен дека ситуацијата е многу „тешка“, или е уверен во „висината“ на својот статус. Тоа е директната врска на ферот со реалноста. Последнава спомената аномалија ни се случува со администрацијата по министерствата и слични јавни институции, каде што некои се уверени дека го фатиле бога за брада („висината“ на статусот), па чувај боже да се информираат за решавање на некое проблемче кај колега. Или оние што мислат дека помалку заслужуваат од други, па нема да се распрашуваат што им следува. Или оние што мислат дека нема назад, нема лек, „тешка“ е ситуацијата, па не им постои нормално, не им постои реално, не им постои фер – сѐ им се тоа бајки. Односно, патеката на фер и реалното, односно нормалното, е тесна затоа што од двете страни ѝ се темните шуми од вжештени и смртно ладни глави.

Душа од „ладната“ шума би си молчела и би останала неинформирана во горната ситуација, бидејќи секоја комуникација којашто потенцијално би ѝ донела осознавање, ја зема, на пример, како срам од незнаењето, разнишување на (не)довербата, означување на замислената „висина“ на својот статус, страв од неточност на сопствената проценка, итн. А душа од „жешката“ шума го смета протестирањето за принцип, односно, попрво би останала без информација, односно секакво знаење и учество во околината ѝ се второстепени од гордоста, пркосот, страстите, посакувањата итн. Не ѝ ни паѓа на памет да ја провери нивната остварливост со сопствените својства и оние на околината. Напорот за осознавање на душите од двете „шуми“ – им е неприфатлив трошок на енергија.

Во масовни размери, незнаењето е алатка на пропагандата. Замислете колку ѝ е лесно на некоја структура да оствари што ѝ е од интерес, ако има моќ да го направи незнаењето посакувано.

Во масовни размери, незнаењето е алатка на пропагандата. Замислете колку ѝ е лесно на некоја структура да оствари што ѝ е од интерес, ако има моќ да го направи незнаењето посакувано. Најголем непријател тогаш ќе ѝ бидат душите на тесната, нормална патека. Ќе пушти неколку „вжештувачи“ кои ќе популаризираат ирационална лутина преку „гордости“, „пркоси“ и сличен суетен булшит, така што енергијата потребна за осознавање ќе изгори. Ќе пушти и неколку „ладачи“ на глави, кои ќе ги поттурне некои од тесната патека да си замолчат за да превенираат засраменост, несигурни во својата проценка, уплашени да не случајно бидат означени… Резонот ќе им се замрзне од ладноглавост и доколку и самите не станат пропагатори за „ладност“ (односно, како што „академски“ популарно си го рекламираат – неутралност), тогаш, потонуваат во општеството, безгласно, без осознавање на своите можности и права, без осознавање што е фер и реално. Состојба на немислење, во која и постоечкиот резон се отфрла како потрошувач и умот се замрзнува во сандак за длабоко замрзнување.

Кој не верува дека мислењето може да се отфрли или да се замрзне, доволно е да ги погледне методите на „авторитетите“ во дисфункционалните семејства. Истите методи може и масовно да се применат. Гаслајтирањето, она кога се „изврдуваат“ реалноста и ферот, е еден од главните „ладни“ методи, затоа што жртвата се изгубува во темната ладна шума, со скоро никакви шанси за враќање на патеката. Резонот, доколку не ѝ е квалитетно обезбеден со образованието и негата при образувањето, не е доволен. Жртвата ја отпремува секоја мисла (па дури и информација) во замрзнувач и утешително се предава на волјата на „авторитетот“. Дури и ако ѝ обезбедите информација, ќе ја отфрли и ќе ве отфрли, како одземач на нејзината пронајдена утеха. Избор на сината пилула – и ќе го добиете вкусот на печени ребренца, што би рекол Сајфер од Матрикс, но реално, сте избрале нешто што не може ни да се брои како опција – имено, како реалното стремење кон парализа (и со тоа – трулеж), може воопшто да се брои како опција?!

„Жешката“ пропагандна стратегија, пак, е директна и брза, па служи за креирање кризи или се користи при кратки рокови, на пример пред избори.

„Жешката“ пропагандна стратегија, пак, е директна и брза, па служи за креирање кризи или се користи при кратки рокови, на пример пред избори. Во дисфункционалните семејства тоа оди со слични запалливи зборови, навредливи и понижувачки кон некого или неправедно воздигнувачки со цел бетонирање на контраста. Универзални за секоја примена се понижувачките зборови со смисла како „измеќар“, „криминалец“, „предавник“, итн., или воздигнувачките запаленија како „гордо“, „пркосно“, „достоинствено“. Дури и ми е криво што предизборно организациите/партиите со оваа реторика се толку здодевно стандардни и неинвентивни, како да користат упатство за употреба на блендер, како дрндање на текстот од учебникот „на памет“.

Пропагандно, запалливите зборови се пропратени со „жалби и поплаки“ под маса (ботски и тролски), со шепкање еден на еден, како: „Нѐ згазија …“ и пополни тука „комуњари“, „шиптари“, „педери“ итн., или „нема раат од…“ – пополни тука дополнително и „цигани“, „ретарди“, „сакати“ и други дискриминирачки називи со кои уште повеќе се дискриминираат луѓето кои веќе се во некоја неповолна положба. А на останатите, јасно, им изгорува енергијата и стрпливоста за резон. Оваа смисла на „чистота“ и „нормалност“ ја пропагираат структурите кои го оненормалуваат населението да не може да ги прозре нивните намери против него. Треба ли уште да се разоткрива како таа „чистота“ е гнасна, како таа „нормалност“ е лудачка, како од тоа се нарушува смислата за фер, а од тоа – увидот во сопствената околина, реалноста, вистината. Дека тоа е продуцирање на колективна халуцинација, успивање, бесвест – со цел лесна инвазија. А дека таа инвазија, како и секој резултат добиен од почитување на невистината и отфрлање на вистината – носи страдање. Кога страдањето ќе се намали? – Кога ќе се престане да се биде глупав.

Ако некој сака мало мисловно тестче каков е, еве. Во горната ситуација со шалтерот, нека си замисли дека доаѓа некоја група (приметливо претежнувајќи накај агресивност) и почнува сите да ве прередува на неправеден начин, особено што барем половина од присутните го сфаќате тоа. Одеднаш некои од „чекачите“ почнуваат да нагаѓаат во што би можело да е „логиката“ на редот правдајќи ја натрапничката група. Уште и ако им пререче некој, му се дерат дека е неинтелигентно пристрасен кон редот којшто за сите тука, неколку минути претходно, бил логичниот ред. Може ли, со сиот ваш здрав разум да потврдите дека нема да се умилкувате на овој начин на натрапниците, ниту ќе се подредите на нивната агресивност? Ниту, пак, да можат да ве смотаат со слатки зборови, на пример дека „Достоинството е во излегувањето“ од таму, без завршена работа – заедно сосе свеста дека тоа би имало конкретни последици за вас, на пример, што не сте ја добиле терапијата заради тоа излегување, со можна гангрена на повредата? Или, дека можат ли да ве смотаат со сладоледче на кое со големи чоколадни букви е напишано „ГОРД ЧЕКАЧ“ убедувајќи ве дека оние коишто ве испратиле на оваа терапија тука, се кретени што поим немаат. Дали на тие од групата – прскајќи ве со ситни капки плунка додека ви се внесуваат в лице за посигурно да ве уверат дека само што не договориле најнова терапија, таман дури да го долижете сладоледот – ќе им поверувате доброволно? А ако никако не ви кажуваат од која марка е таа фантастична фармакологија, додека уште и уште чекате, би прифатиле ли ново, и ново, и ново, сладоледче пак со чоколадно испишано – „ГОРД ЧЕКАЧ“?

За терапијата што 3/4 народ ја чека по поглавја, почнувајќи со судството и правдата, ВМРО-ДПМНЕ упаднало и стои како дибек на ЕУ – шалтерот и само нафрла запалливи муабети за „жешки“ глави. Други проаѓаат, а ние чекаме како глупави, затоа што од аспект на ЕУ, дибекот си е наша творба. Де нѐ тушира со плунка со „гордости“, „достоинства“ и сличен булшит, де од техничка позиција заплашува со незаконски акции со специјалци, де пали чкорчиња со разни поделби, воглавно со најтупавиот стандард – со национализми. Во заднината на овие неинтелигентности стои ладното гаслајтирање. Имено, според дибекот што брани пред шалтер, еднаш „тетката“ (ЕУ) е неправедна и затоа е виновна за нашето страдање, па тој стои за да „не страдаме“ од директен контакт со неа. Другпат, толку сме за нигде, што не сме за оваа терапија – дибекот лично ќе нѐ лечи. Или, не можело да примаме терапија под вакви „страшни“ услови, секако, „страшното“ му е плагијат од „Ѕвездените Патеки“ за Борг-расата. Бррр, „страшно“, отпорот ни е залуден, ќе бидеме асимилирани од 3000 бугарски Борги – но нема, доколку си имаме дибек над дибеците при нас!

А ако не нѐ убедил дека се страшни, па тогаш што му останува, освен да ни ги нарикачи поглавјата, нашата ЕУ терапија – како понижување за нас. А ако дибекчо ни во тоа не нѐ убедил, тогаш, „ќе си видиме фино“, како новинарот. Сѐ уште не разбира дека баш никој не му ги рецка ни роговите, ни сладоледите, односно дека само самиот се рецка, оненормален од сопствените ладни и жешки „амбициозности“ во некој извртен, тормозачки, нефер халуциноген свет…

Треба да знаете
Moже да ве интересира