Патот на дезинформациите може да помогне во иднина да се избегне или да се пресече на време некоја невистина која може да нанесе сериозни штети во општеството. Случајот со модринките на едно бебе лекувано на скопските клиники покажува дека новинарите и политичарите имаат клучна улога во спречување на ширењето дезинформации, доколку одговорно си ја извршуваат задачата. Зашто во тој случај, токму лошо сработената новинарска задача и неодговорното политичко беседење на меѓуетнички теми беа тригер за натамошно ширење дезинформации и кревање на меѓуетничките тензии, пишува Вистиномер.
Текстот го објавуваме интегрално:
Целата сторија со модринките на едно бебе, констатирани од страна на семејството откако бебето било третирано на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, е случај на неколкукратни дезинформации кои со себе носеа потенцијал за опасна меѓуетничка тензија во општеството. Но, за среќа, заврши како издишан балон, со објаснување дека било недоразбирање:
Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11.07.2024 година која е реализирана од страна на две медицински сестри. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица. Сметаме дека најверојатно во основа, причина за алармирање на случајот од страна на родителите е едно недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра, вели Реџеп Мемеди, директор на Детската болница.
Оваа изјава ја пренесоа речиси сите медиуми во земјата и иако има и натаму по некое барање за извинување до медицинската сестра, но и за Клиниката за детски болести поради нарушен углед, како и закани за тужби, се смета дека случајот е завршен и спиралата на дезинформации е пресечена, со што е избегната натамошна опасност за влијание врз меѓуетничките односи.
Почна како новинарска сторија во која нема втора страна
Новинарот Фуркан Салиу, кој за себе тврди дека е професионален и ги почитува стандардите во професијата, го отвори овој случај со тоа што на својот онлјан медиум Портал Икс(PortaliX.mk) на 11 јули ја емитуваше изјавата на дедото, кој при разговорот со новинарот потврди дека се сомнева оти бебето било со модринки и гребаници како резултат на намера, т.е. одмазда на медицинската сестра затоа што ниту мајката, ниту бабата на детето не знаеле македонски јазик!?
На Портал ИКС, случајот беше објавен токму со таков наслов:
Мајката не зборува македонски, медицинската сестра му се одмаздува на бебето
Под ваквиот наслов во текстуалниот дел од веста пишува:
Врз тримесечно бебе кое престојувало со мајка си на подолго лекување на Детската клиника во Скопје, било извршено насилство од персоналот на клиниката.
Членовите на семејството на бебето се сомневаат дека тоа се случило како резултат на вербален конфликт што го имале на денот на приемот со медицинските сестри. Сестрите биле нервозни бидејќи мајката и бабата на бебето не знаеле да комуницираат на македонски јазик…
Откако за случајот ги известиле директорот на клиниката и началникот на одделението, тие се обиделе да ги убедат родителите на бебето да не зборуваат пред камери, под изговор дека сестрите кои го малтретирале бебето ќе бидат казнети со предупредување.
Сторијата која трае безмалку 5 минути почнува со констатација на новинарот дека „не верувал дека еден ден ќе снима сторија за бебе врз кое било извршено насилство во Детската клиника“. Тој го употребува зборот насилство, иако знае дека нема втора страна во приказната што ја објавува. Следува подолгата изјава на дедото, кој не ја исклучува можноста бебето да било жртва на медицинските сестри поради тоа што мајката и свекрвата не го знаеле македонскиот јазик. Тој наведува дека бил многу вознемирен и дека ќе го пријавел случајот во полиција.
Повторно по изјавата, новинарот Салиу раскажува дека случајно го сретнал директорот на Клиниката, но тој само го алармирал одговорниот на Одделот каде се лекувало бебето, дека тие го повикале дедото и го убедувале да не дава изјава, иако не негирале дека ова се случило…
Дури на крајот од видео сторијата од околу 5 мин., Салиу вели дека нему, на медиумот, му останува да земе изјава од втората страна:
На нас ни останува да работиме со лицето што го извршило насилството врз тримесечното бебе.
Сторијата завршува со констатација на новинарот дека системот не функцонира и дека дедото на детето имал проблем да го пријави случајот во полиција, зашто тргнал да го пријави случајот во полициска станица во Ѓорче Петров, оттаму го препратиле во полициска во Матка зашто бил жител на Општина Сарај, а оттаму го пратиле во полициска станица во Центар, позната како „Беко“, зашто на територија на Центар се случил настанот, кој е „документиран со видео и констатација од матичен лекар дека повредите се предизвикани од физичко насилство“…
Приказната на Салиу на порталот е видена помалку од 300 пати, но на јутјуб има над 23 илјади прегледи.
Реакцијата на Таравари
Видеото е објавено на 12 јули. Повеќе медиуми ја пренесоа веста, некои и со употреба на зборот „претепано“ бебе на Детска клиника. Во вечерните часови министерот Таравари дава изјава на неговиот Фејсбук профил, пренесена и од медиумите што го следат случајот:
Доколку овој случај е вистина, оваа медицинска сестра веднаш ќе биде отпуштена и јас лично ќе се погрижам веднаш да биде упатена до правните органи. Каква и да е вистината, виновниците за овој грозен и болен чин ќе бидат пронајдени и казнети, пишува Таравари во објавата на Фејсбук.
Министерот најави дека ќе ја посети клиниката за да разговара со персоналот и информираше дека бебето е пуштено од болница и дека тој лично ќе го посети неговиот дом за да разговара со семејството.
Истата вечер тој го посети семeјството на бебето заедно со директорот на Детската клиника, доктор Мемеди и во присуство на новинарски екипи изјави:
Родителите се жалеа дека можеби не е третирано како што треба на Клиниката. Заедно со директорот дојдовме одблизу да видиме што се случува. Сите пациенти се важни, но децата се посебно важни. Од утре треба специјална комисија на Клиниката да разгледа и да ја слушне и другата страна. Ви гарантирам дека веднаш ќе преземеме мерки против тие коишто постапиле лошо кон детето коешто дојдовме вечерва да го посетиме. Не смееме да се однесуваме лошо кон пациентите, изјави Таравари од пред семејниот дом на тримесечното бебе.
Дезинформацијата на ДУИ
Ден подоцна, сабота 13.07.2024 г. сторијата добива меѓупартиска димензија. ДУИ побара оставка од Таравари поради „насилство врз бебе Албанче од етнички причини“:
Скандалозното физичко насилство констатирано врз 3-месечно албанско бебе од етнички причини од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника е неприфатливо, нечовечно и е последица на политичката немоќ на поразените на изборите кои секојдневно ги понижуваат Албанците…
Одговорија од ВЛЕН, коалицијата на власт од каде е предложен и Таравари за функцијата министер за здравство.
Не постои поголем политички срам од тоа ДУИ да се обидува да профитира од насилство врз бебе, оценува коалицијата ВЛЕН.
Медиуми ова го пренесуваат како партиски препирки за МАЛТРЕТИРАНОТО бебе.
Тромбоцитопенија и сестрата – алките што недостасуваат
Веќе в недела, на 14 јули медиумите објавуваат информација, а во понеделникот на 15 јули во претпладневните часови тоа е потврдено, дека на бебето му била дијагностицирана тромбоцитопенија и дека модриците можеби се последица токму на таквата дијагноза. Тоа го пренесоа повеќе медиуми, сега веќе со видно оградување од типот „наводното“ малтретирање и со прашања од типот „се разгорува ли меѓунационална поделба“, итн.
Во меѓувреме на 14-ти медиумите јавуваат и дека сестрата не била сослушана бидејќи била дежурна на деноноќието дали 11 наспроти 12 -ти или наспроти 13-ти и подоцна заминала дома после дежурството, а потоа почнал викендот. И додека на 15-ти, понеделник, стручната комисија се уште наводно го истражувала случајот, таква изјава дава и директорот Мемеди, иако се појавија и вести дека лекарите од Детска бојкотирале да учествуваат во Комисија…
На крај, кругот се затвора со финалниот исход со изјавата на директорот Мемеди од 16-ти јули, вторник, чија суштина е дека немало малтретирање и тепање или физички повреди настанати со насилство врз тримесечното бебе.
Кои се клучните дезинформации во случајот?
Постојат многу дезинформации кои се плетеа околу овој случај, посебно и на социјалните мрежи, по што перцепцијата беше дека меѓуетничките тензии пораснаа до неподносливи граници, на што кумуваа и говорот на омраза и дискриминирачкиот говор употребуван во објавите и коментарите. Тоа е посебна тема што заслужува посебна анализа, но главното е да се види што беше иницијалната каписла и кои се клучните дезинформации во случајот по некој редослед на важност:
- Видео сторијата на Порталот Икс во која се изнесуваат констатации за насилство врз бебе, претпоставка дека тоа е поради етнички анимозитет на медицинскиот персонал и сето тоа само врз основа на исказ на дедото на бебето. Втора страна нема, а се најавува за отпосле. Таквото новинарство не може да се нарече професионално и одговорно, бидејќи не се изучува никаде во светот, уште помалку се практикува од сериозни традиционални или онлајн медиуми.
- Реакцијата на ДУИ, која констатира готови факти. Насилство врз бебе. Арно ама не кое било, туку бебе Албанче и тоа од етнички причини. Ваквата комуникација со јавноста насочена исклучиво против политичкиот конкурент ВЛЕН, а базирана на чувствителна тема која го засега меѓуетничкиот соживот, е се друго освен одговорно политичко дејствување на сериозен политички субјект за каков се прикажува ДУИ во јавноста.
- Дел од медиумите што работеа врз темата, објавуваа најнови вести или истражуваа што се случило, но понекогаш ќе им се протнеше, веруваме ненамерна грешка во насловот. Имаше и случаи на сензационалистички наслови насочени исклучиво врз остварување на кликови.
- Министерот Таравари, а и директорот Мемеди сигурно ја знаеле вистината пред 16 јули. Иако во своите изјави никогаш не оставија сомнеж дека нема да го проверат случајот, можеле да реагираат порано и уште во старт, после ден – два да го затворат случајот. Иако и вака се затвори брзо и за среќа без последици по општеството во целина.
***
Новинарот Салиу, на 15 дополнително ѝ се обрати на јавноста и на колегите кои изразија сомнеж во нивните медиуми дали сторијата се базира на вистина, полувистина или невистина, па упати серија факти, според него, за состојбата со дискриминација во јавно здравствените установи.
Во таа серија „факти“, на пример, нема потврден факт „за исмејување на мајката поради непознавање на јазик“, нема потврден факт дека „многу медицински работници пациентите ги делат по етничка линија (и медицински работници кои се од албанска етничка припадност)“ и никој не се прави како тоа да не постои, нема потврден „факт“ дека: „во здравствените јавни установи има дискриминација… Прашајте ги Ромите ќе ви објаснат најдобро ако сте алергични на други етнички заедници“, а пишува и дека реагирале „некакви си комори и синдикати“…
Од одделни случаи генерализација не смее да се прави, а некаквите комори и синдикати ги бранат интересите и на Албанците кои работат во здравството.
Пишува: Теофил Блажевски