Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Невработеноста за пет години речиси преполовена

Планирано е законско решение кое ќе ги опфати невработените лица, учениците над 15 години, студентите, пензионерите, корисниците на гарантирана минимална помош и лица во работен однос, кои вршат дополнителна работа

Ќе се поедноставува најмувањето работници за привремени, повремени и сезонски ангажмани – барем ваква е намерата на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Економско-социјалниот совет.

Во фокусот се младите лица, а деталите на измените ќе ги разгледува посебно формирана работна група. Планот е да се донесе законско решение кое ќе ги опфати невработените лица, учениците над 15 години, студентите, пензионерите, корисниците на гарантирана минимална помош и лица во работен однос, кои вршат дополнителна работа.

Акцентот ќе се стави на дејностите земјоделство, угостителство, туризам и лични услуги, а целта е да се заштитат работниците и да се формализира неформалниот ангажман.

Вклучување на приватните агенции за вработување

Како што неодамна информираа од МТСП, се вклучуваат и приватните агенции за вработување за да се прошират видовите на услуги, да се воведат нови регионални центри за обука и да се зајакнат капацитетите на Агенцијата за вработување и соработката со приватните агенции за вработување.

Исто така претстојниов период се очекуваат и нови мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2023 година. На тој начин ќе се задржат мерките кои се покажале како најатрактивни, но и ќе воведуваат пилот мерки согласно барањата на компаниите и ТИРЗ зоните. Главна новина е тоа што во различните видови обуки ќе бидат вклучени лицата со ниски квалификации односно минимум завршено основно образование.

Инаку, заменикот министер за финансии Филип Николоски неодамна изјави дека во период на криза, изминатава година, се креирани 2400 нови работни места во ТИРЗ.

Филип Николоски, заменик министер за финансии

– Таму имавме над 450 милиони инвестиции, извозот надмина 3,8 милијарди евра. Странските инвеститори гледаат потенцијал во нас. Порано тие доаѓаа само поради ниски плати, а сега платите растат и во индустриските зони, кажа Николоски.

Најбарани се работниците во угостителскиот сектор

Што се однесува до стапката на невработеност во земјава, таа во последните пет години постојано опаѓа. Доколку се споредат податоците од Државниот завод за статистика, стапката е падната за шест поени.

Во третото тримесечје од 2017 година, таа изнесувала 22,1, кога како невработени лица биле регистрирани 211 363 работоспособни граѓани. Во истиот период во 2018 година стапка е на висина од 20,8, а во 2019 година таа изнесува 17,1.

Податоците покажуваат дека стапката на невработеност за третото тримесечје од 2020 година е 16,5, па по настапувањето на корона кризата, во 2021 година за истиот период таа е 15,7. За третото тримесечје од 2022 година таа изнесува 14,3, а вкупно невработени лица се 115 266 работоспособни граѓани, односно бројката на невработени лица е скоро преполовена.

Последните информации покажуваат дека најголем број слободни работни места, односно 3 459, има во петтата група занимања – Работници во услужни дејности и продажба. Токму најголемиот дел од барањата на коморите и стопанствениците е да се помогне во ангажирањето работници во угостителскиот сектор, бидејќи голем број работници заминуваат на сезонска работа во странство.

Од Стопанската комора во континуитет покренуваат разни иницијативи и доставува барања до надлежните институции, се со цел да се им се помогне на компаниите во нивното работење.

Неодамна и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кажа дека македонската економија ќе се раздвижува со увоз на работници од странство.

Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

– Точно е дека се уште постои висока стапка на невработеност која изнесува 14 отсто и е со тренд да се намалува во наредниот период, но соочени сме и со сериозен одлив на кадар од државата. Овој тренд е присутен не само кај нас, туку во сите земји од Западен Балкан и се должи на она што се случува и во земјите од Европската унија, како Германија, Франција, Белгија, кои ги отвораат пазарите на труд, но исто така имаат и миграција на работници во трети земји. Не можеме цело време да се бориме со заштита на нашата работна сила која е невработена, а при тоа тие да одбиваат работа и економијата да трпи, вели Битиќи.

Р.Р.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново