Забрчанец за „48часа.мк“: Преспа, НАТО, Пописот и Ковидот ги следеше успешен ПР, но “правдата” требаше да се комуницира повоздржано

Во анализата на политичките и комуникациските процеси од периодот 2017-2022 година, поранешниот шеф на стратешки комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, во интервју за онлајн порталот 48часа.мк презентираше осврт за тоа каде државниот ПР испорача високи резултати, а каде беше потребен поинаков стратешки пристап.

Според Забрчанец, тогашната власт предводена од СДСМ покажа исклучително висока успешност во комуницирањето на стратешките и капиталните државнички проекти.

Носењето на историскиот Преспански договор и влезот на Македонија во НАТО беа процеси со огромен безбедносен набој, кои беа искомуницирани стабилно и професионално. Слично високо ниво на комуникациска ефикасност беше покажано и при справувањето со Ковид пандемијата, при презентирањето на економските и регионалните бенефити од иницијативата Отворен Балкан, како и при реализацијата на пописот, кој успешно се спроведе по цели 20 години институционален застој во државата.

Сепак, правејќи ретроспектива на предизвиците од тој период во разговорот за 48часа.мк, Забрчанец лоцираше важен сегмент каде што денешната евалуацијата покажува потреба од поголема воздржаност, а тоа е наративот за правосудниот систем.

Вишок амбиција во очекувањата за правдата

„Со едно ниво на поголема еуфорија се комуницираше враќањето на правдата. Мислам дека после падот на режимот на Груевски, тогашната влада влезе во една, би рекол, преамбициозна комуникација и создавање надеж за нешто што излезе дека не е можно толку брзо да се случи – дека правдата само што не дошла или дека правдата е веќе тука“, објаснува Забрчанец за 48часа.мк.

Тој појаснува дека желбата да се искомуницира брзото доаѓање на правдата била целосно искрена и автентична, но дека самата комуникација морала да биде повоздржана.

Главниот хендикеп веројатно во тој период беше тоа што низ самите владини институции немаше целосна свесност со колку корумпиран судски систем се соочува државата.

Забрчанец поентира дека носењето на правдата во тоа време објективно не зависеше исклучиво од владините институции и од извршната власт. Правдата беше и сè уште е заглавена во судските лавиринти и под влијание на економско-политички центри на моќ, па затоа пребрзото наметнување на тој наратив во јавноста создаде очекувања кои не беа во надлежност на Владата, а независното судство не успеа да ги следи и реализира во пракса.

Најчитано