Од 14 до 19 септември, Скопје повторно ќе биде центар на домашната и европската технолошка заедница. Третото издание на интернационалната конференцијата WhatTheStack 2026 ќе понуди шестдневна програма исполнета со предавања, практични работилници, специјализирани технолошки настани и можности за поврзување и размена на знаење на повеќе локации.
Програмата започнува уште на 14 септември со работилници и помали конференции меѓу кои pre-DevFest во организација на Google Developers Group Skopje, MAUI Day кој се одржува за првпат во нашата земја, како и Angular Day, организиран со поддршка од локалната и меѓународната Angular-заедница.
Главниот конференциски ден ќе се одржи на 19 септември на Техничкиот кампус на УКИМ, во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет.
На пет паралелни сцени, три надворешни и две внатрешни, повеќе од 40 домашни и меѓународни предавачи ќе зборуваат за вештачка интелигенција и машинско учење, веб-развој, cloud и инфраструктура, DevOps, сајбер-безбедност, софтверска архитектура, алатки за програмери, open-source технологии, кариерен развој и инженерска култура.

Меѓу предавачите се звучни имиња од IT светот како што се Gerald Versluis од Microsoft, Elena Kolevska од Redis, Alexander Lichter од VoidZero и Nuxt, Santosh Yadav од CodeRabbit, веб-експертот и Google Developer Expert Ramona Schwering, како и познати имиња од домашната технолошка сцена, меѓу кои Igor Trajkovski, основач на Time.mk, Wekoslav Stefanovski, Stefan Andonov, Bojan Jakimovski, Miroslav Janeski и други.
Предавањата ќе обработуваат теми како функционирањето на големите јазични модели, начинот на кој AI-агентите го восприемаат контекстот, иднината на софтверските алатки, развојот со JavaScript, веб-безбедноста и промените што вештачката интелигенција ги носи во секојдневната работа на инженерите.
„Нашата цел е WhatTheStack да биде место каде што луѓето ќе ги слушнат најголемите новости во развојот на софтверот, ќе разменат идеи и ќе се почувствуваат како дел од заедницата. Сакаме конференција што е сериозна во однос на содржината, но останува отворена, неформална и достапна за сите“, велат организаторите.
Покрај предавањата и работилниците, главниот конференциски ден ќе понуди изложбен простор за компании и технолошки организации, гејминг зона, катчиња за храна и кафе, простор за дружење, како и забава на отворено по завршувањето на официјалната програма.
WhatTheStack е конференција создадена од инженери за инженери, но е отворена за сите што се заинтересирани за технологијата, без разлика дали се искусни професионалци, студенти, основачи на стартапи, истражувачи или луѓе што допрва ја започнуваат својата кариера. Организирана од Base42, DeveD и Angular Macedonia, со поддршка од над 50 IT заедници, факултети, компании и организации кои придонесуваат кон развојот на домашната и светската технолошка сцена.
„Со овој настан, кој минатата година собра повеќе од 800 луѓе од IT индустријата, сакаме да ја позиционираме нашата земја на светската IT сцена. Да покажеме дека ние имаме квалитетни професионалци, силни технолошки заедници и култура на соработка која може да создава настани со меѓународен квалитет и значење. WhatTheStack не е само конференција, туку заедничка платформа преку која локалното знаење, талент и потенцијал можат да станат повидливи пред регионот и светот.“ – велат организаторите

