Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Руската православна црква во пропагандата на Кремљ

Путин и московскиот патријарх Кирил

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Немаше поминато ниту полни три недели од почетокот на војната на Украина кога патријархот на Руската православна црква Кирил ја благослови воената агресија[1] на соседната земја.

Медиумите и агенциите веднаш после овој настан потсетија[2] дека поглаварот на РПЦ, исто како и претседателот на Русија Владимир Путин, ја смета војната против христијанска, и во најголем процент православна Украина, за оправдана. Во случајот со инвазијата и агресијата и со освојувањето и покорувањето на Украина, пишува во писмото на патријархот Кирил, руските вооружени сили „создаваат бедем против Западот и неговата декадентност“.

Иако одамна е познато дека патријархот на РПЦ е близок пријател, сојузник и безрезервен поддржувач на Владимир Путин и на неговите политики, во случајот на војната против Украина  нивната врска стана уште посилна затоа што на неа гледаат како на еден од чекорите за остварување на визијата за еден „Руски свет“.

На интернет страницата на Фондацијата „Руски свет“, во категоријата „За фондацијата“ е детално објаснет концептот на оваа визија со еден прилично индикативен наслов „’Рускиот свет’ секогаш ќе биде предизвик за западот и неговата цивилизација“[3].

Концептот „Руски свет“ првично беше промовиран од Путин во 2006 година, на конференција на културните работници на Руската федерација во Санкт Петерсбург, со идеја да се шири рускиот јазик, историја и култура, но политичките контури на овој концепт беа презентирани во говорот на рускиот претседател на Минхенската конференција за безбедност во 2007 година[4].

Тогаш за прв пат беа јасно објавени новите руски геополитички интереси и отворено беше изразена неприфатливоста на глобализацијата и постоечките сфери на интереси според постоечкиот модел дизајниран од страна на САД.

Според повеќе аналитичари и студии кои го следат развојот на концептот на визијата „Руски свет“, Московскиот патријарх и на цела Русија Кирил е еден од главните гласноговорници на идејата на Путин, а она што е нивна најсилна врска[5] во промоцијата и спроведувањето на овој концепт е заедничката хомофобија, која ја затскриваат зад руските традиционални семејни вредности.

Светото тројство: Државата, Црквата и Армијата

Пет години после прочуеното обраќање на Безбедносната конференција во Минхен, на 5 септември 2022 година беше објавено дека рускиот претседател Владимир Путин ја одобри новата руска доктрина во надворешна политика[6] заснована врз концептот „Руски свет“, што конзервативните идеолози го користат за да ја оправдаат интервенцијата во странство со цел да го заштитат населението што зборува руски.

Во доктрината наречена „Хуманитарна политика“, која се објави по повеќе од шест месеци од почетокот на војната во Украина, се вели дека Русија треба „да ги штити, чува и промовира традициите и идеалите на рускиот свет“.

Иако е претставена како еден вид стратегија за „мека“ моќ, таа ја потврдува како официјална руската политика и религија за да ја оправдаат руската агресија на Украина и окупацијата на некои нејзини делови, како и поддршката за одметнатите проруски ентитети на истокот на Украина.

„Руската Федерација им дава поддршка на своите сонародници кои живеат во странство во остварувањето на нивните права, со цел да се обезбеди заштита на нивните интереси и зачувување на нивниот руски културен идентитет“, се наведува во документот.

Во документот се истакнува дека Русија ги зајакнува врските со сонародниците во странство за „да го зајакне својот имиџ на меѓународната сцена како демократска земја која се стреми да создаде мултиполарен свет“.

Со години, Путин инсистира на она што тој го смета за трагична судбина на речиси 25 милиони етнички Руси кои живеат надвор од Русија во државите создадени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, што тој го оцени како геополитичка катастрофа.

Русија сè уште го смета поранешниот советски простор, од Балтикот до Централна Азија, за своја легитимна сфера на влијание, на која многу од овие земји се противат, како и Западот.

Според оваа доктрина, за Путин војната во Украина доаѓа како потреба за „политичката реставрација“ на една поранешна држава (до пред 30 години комунистичка), додека за патријархот на РПЦ, војната во Украина е војна за (православното) христијанство.

Меѓутоа, ако за Москва треба да се уништува украинската територија, да се покори и дезинтегрира, за да се задоволат фрустрациите на Путин и за да реставрира СССР, за Кирил, освен што како руски земји ги именува Белорусија и Украина, станува збор за, безмалку, крстоносна војна[7], овој пат, против Западот и против другите христијани.

За да ја засили одбраната на одлуката на Путин, Патријархот Кирил отиде уште еден чекор понатаму и во вордингот на неговите пропагандни проповеди на најважните црковни празници порача дека војната во Украина е војна против – сатаната[8].

„Кога заземаме став (за војната во Украина, н.з.), ние заземаме став против девијациите во Европа и во светот во ликот на Сатаната во кој се обединети неонацизмот и ултралиберализмот“, истакнал патријархот Кирил во таа своја беседа.

Сепак, ова не остана без реакација на неодобрување и меѓу свештенството на РПЦ. Неколку стотици руски свештеници, сепак, на војната во Украина гледаат со поинакви очи, па ја сметаат за неморална и неоправдлива со ништо. Собрани во групата „Руските свештеници за мир“, се потпишаa под јавното писмо во кое остро ja осудиja војната и „убиствените команди“ поради кои гинат невини луѓе. „Украинскиот народ треба самиот – без притисок од Западот, но и од Истокот – да одлучи за својата иднина, а не под заканата од оружјето“, се вели во писмото на овие руски свештеници.

Путин напиша, а РПЦ спроведува: Украина е вештачка конструкција и болшевички експеримент и не може да има црква

Во периодот околу новогодишните празници, почнувајќи од крајот на декември, односно Божик, според новиот календар и Божик според стариот календар, се спроведе организиран и оркестриран напад со дезинформации и пропаганда, придружени со оружени контраофанзиви на терен од страна на руските воени сили, иако патријархот Кирил повика на молк на оружјето за време на верските празници.

Интензивната кампања со дезинформации и пропагандни содржини во која масовно се вклучија и мнозинството про-Кремљ медиуми, како централни теми ги користеа верските прашања прикажувајќи приказни со апокалиптичен тон.

Сервисот за проверка на факти на EUvsDisinfo, на Европската служба за надворешни работи кој ги адресира дезинформациите на Руската Федерација за да ја зголеми јавната свест и разбирањето за пропагандните операции на Кремљ, во овој перод регистрираше неколку десеттици наслови од различни руски медиуми. Меѓу содржините што беа дебанкирани среќаваме и такви како што се „Украинската православна црква со прогони му отвора пат на неопаганизмот во Украина[9], „Зад религиозните делби и прогони во православието во Украина стојат САД[10], „Зеленски започна анти-православна чистка во Украина[11], „Сатанистите од Киев се непријатели на Христос и на православието[12]

Во една од содржините со дезинформации и пропаганда Руската државна телевизија употреби драматични снимки од пожар на една православна црква на РПЦ во регионот Волин во Украина, која што, наводно, била била запалена од страна на украинските впојници. Дебанкирањето разобличи[13] дека всушност била прикажана стара снимка од пожар во некоја друга црква од декември 2021 година и тоа во регионот Днепропетровск, неколку месеци пред руската инвазија во февруари 2022 година.

Руските медиуми ставени во пропагандната машинерија на Кремљ ги комбинираат црковните приказни со тон којшто има немера да застраши дека украинската влада спроведува неонацистички обид да ја уништи православната вера во Украина. Овие пропагандисти го подразбираат православието како монопол на Московската патријаршија, додека Украинската православна црква и понатаму ја прикажуваат како расколчничка „псевдорелигиозна институција“, иако таа е автокефална со томосот за овој нејзин статус со што во 2019 година беше официјално призната од Вселенската патријаршија и од неколку други цркви. Бидејќи Путин ја прогласи Украина за вештачка конструкција[14] и погрешен историски експеримент на болшевиците, следствено на тоа, според логиката на рускиот претседател, таа не може да има ниту вистинска црква.

Ова е директивата на Путин, и тоа е директивата на која се темелат сите дезинформации и пропагандни кампањи кои ги следат медиумските и другите гласноговорници на пропагандните кампањи на Кремљ од позиција на класична религиозна надмоќ.

Москва во битката со Цариград за тронот „Третиот Рим“

Но, не му е лесно ниту пак едноставно на Московскиот патријарх и на цела Русија Кирил. Тој сега води пропагандна војна на два фронта. Освен во Украина, на другиот фронт е незавршената војна со Царигардската патријаршија за доминација во православието.

Во оваа битка на „титаните“ во православната екумена, меѓу Московската и Цариградската патријаршија, вселенскиот патријарх Вартоломеј, првиот меѓу еднаквите, со војната на Украина и длабоката инволвираност на Руската православна црква во воено-политичките операции на Кремљ, доби шлагворт кој тој најсилно го употреби на Меѓународната конференција за меѓународната политика во Абу Даби во декември минатата година, во организација на Францускиот институт за меѓународни односи.

Патријархот Вартоломеј на оваа конференција истакнал[15] дека руската пропаганда премина во „црковна“ пропаганда којашто ги направи „религиозната реторика и символите многу популарни во меѓународната политика“.

„Спојувањето на овие символи со неоимперијализмот на Москва, остатоците од советската идеологија и паранојата на еден и единствен политички лидер создаде многу грозен, крвав хибрид на взаемодејствие на Руската православна црква со режимот на Кремљ“, рекол Цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Овој категоричен и предизвикувачки став, за прв пат искажан со толку остри зборови дојде после серијата јавни пропагандни настапи на Московскиот патријарх Кирил, кои својата кулминација ја имаа кога поглаварот на РПЦ изјави дека на оние што ќе се жртвуваат при извршувањето на својата војничка должност во Украина ќе им бидат простени од сите гревови[16].

Оваа изјава на патријархот Кирил предизвика лавина реакции, а цариградскиот Вартоломеј на споменатата конференција во Абу Даби рече дека таа доаѓа како резултат на ереста на идеологијата на „Рускиот свет“ којашто ја пропагираат поглаварот на РПЦ и Владимир Путин, кои цинично го злоупотребуваат „верското чувство на народот“ како политичка алатка за своите безумни цели.

Но, за жал, според библиската „кој е без грев, прв нека фрли со каменот“, ниту Вартоломеј не може да се пофали дека никогаш не бил „злоупотребен“ или самосвесно не учествувал во пропагандни активности.

Светот, особено православната заедница беше во неверување кога беше објавено дека Цариградскиот патријарх учествувал во церемонија на којашто го благословил оружјето на турските војници[17] во воените операции против Курдите.

Оваа епизода на длабоко инволвирање на високи достојници на православните цркви во политиката за време на мир и во воени времиња, ги повикува од сеќавањето сцените од воените жаришта во поранешна Југославија кога одредени високи претставници на црквите и верските заедници, и оние од православната[18] и оние од католичката[19], како и од муслиманската верска заедница[20], имаа непримерни улоги во воено-политичките процеси.

Делбите во православието се пресликуваат и во Македонија

Една кавга и две посети за време на верските празници на почетокот на годината во јавноста ја отворија дебатата за позиционирањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) визавиРуската православна црква и нејзината улога во војната во Украина, како и во однос на судирот со Цариградската патријаршија.

Во торжествените денови наз Божик, МПЦ-ОА ја прими високата делегација на РПЦ[21] предводена од митрополитот Антониј, свештеник од највисокиот круг архијереи на Руската православна црква (РПЦ).

Јавноста веднаш се запраша зошто МПЦ-ОА го прими најблискиот соработник задолжен за меѓународните односи на Московскиот патријарх Кирил, кој ја благослови војната во Украина и им вети на војниците што ќе загинат на бојните полиња дека ќе им бидат простени гревовите како да војуваат во некоја света војна, и кој ги велича политиките на Путин затоа што господ го поставил на власт[22], оној истиот Путин којшто поради војната во Украина, Русија ја вклучи Македонија во списокот на непријателски држави[23]?

Митрополитот Антониј беше во придружба на амбасадорот Баздникин, чиј претходник Шчербак, изјави дека како членка на НАТО Северна Македонија е легитимна цел за напад[24], што подоцна, кога почна војната во Украина, нивниот шеф, министерот за надворешни работи Лавров, на секој јавен настап мантраше дека во Украина Русија е во војна со НАТО[25].

Апсолутно е невозможно врвот на МПЦ-ОА да не го знае ова со што станува тотално апсурдна нивната постапка да го примат високиот претставник на РПЦ со што предизвикаа „ризик за националната безбедност и е спротивна на државните и национални интереси на сите граѓани вклучително и на црковните интереси на МПЦ-ОА“ како што оценија релевантни познавачи[26] на безбедносните прашања и на црковните политики.

Во таа насока не треба никој да се сомнева дека Путин ја користи руската црковна дипломатија за да ја оправда војната во Украина. Но, ако Руската православна црква прифати да биде маша на Кремљ за да врши мисија за оправдување на војна на Путин, МПЦ-ОА треба да прифати дека оваа средба е во најмала рака непромислена.

За оваа „игранка“ со Москва нема никакво оправдување и од црковен аспект, особено ако оваа средба била организирана за да се придобие МПЦ-ОА да застане на страната на руските црковни интереси во нејзината битка со Цариградската патријаршија.

Дека „мириса“ на нешто такво потврди исто така неочекуваната и ненајавена контра-посета на митрополитот Андреј Аркалохориски од Вселенската Патријаршија, кој допатувал со благослов на Сесветиот Архиепископ Константинополски и Вселенски Патријарх Вартоломеј.

Информациите за оваа посета дојдоа преку соопштението од манастирот Свети Јован Бигорски[27], чиј гостин бил високиот претставник на Цариградската патријаршија што говори стана тема и на „кавгата“ меѓу владиката Петар и игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски Партениј.

„Ние го решаваме проблемот со ПОА, а сега имаме поголем проблем со парацрковната структура на Бигорскиот манастир, кој и по националноста знаеме каде тргаат, и по нивната духовна ориентација“, изјави владиката Петар[28], алудирајки на наклонетоста на епископот Антаниски Партениј од Бигорскиот манастир кон Цариградската патријаршија.

За жал, сето ова покажува дека делбите во православието се пресликуваат или прекршуваат и во Македонија и укажуваат на потребата од исклучителна внимателност.

Можеби уште поголема внимателност од онаа што ја сугерира претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за посетата на митрополитот Антониј од Руската православна црква[29], задолжен за меѓународните односи на Московскиот патријарх Кирил.

„Ако е во рамките на црквата, не е проблематично. Не мислам дека ја руши државата. Ако црковната дипломатија, за која неспорно знаеме дека ја користи рускиот претседател Путин, како една од своите алатки во светот да ја оправда војната во Украина и да ги оправда оние ѕверства што ги прави таму, тогаш јас тоа не би го поддржал, но до овој момент мислам дека средбите беа само во рамки на Црквата, и се разговараше само за црковни прашања“, рече Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето на настан организиран од Советот на амбасадорите.

Извор: СМК

 Референци:

[1] Патриаршая проповедь в Неделю Торжества Православия после Литургии в Храме Христа Спасителя, објавено на порталот на Руската православна црква на 13 март 2022 година

[2] Analysis: Ukraine invasion splits Orthodox Church, isolates Russian patriarch, објавено на порталот на агенцијата Ројтерс на 14 март 2022 година

[3] Русский мир всегда будет восприниматься как вызов власти запада, его цивилизации, објавено на порталот на Финдацијата „Руски свет“

[4] Speech and the Following Discussion at the Munich Conference on Security Policy, објавено на порталот на Рускиот претседател на 10 февруари 2007 година

[5] The Real Reason the Russian Orthodox Church’s Leader Supports Putin’s War, објавено на порталот на Форин Полиси на 26 април 2022 година

[6] Указ Президента Российской Федерации от 05.09.2022 г. № 611, Об утверждении Концепции гуманитарной политики Российской Федерации за рубежом, објавено на 5 септември на интернет страницата на Претседателот на Руската Федерација

[7] Слово Святейшего Патриарха Кирилла в Неделю о Страшном Суде после Литургии в Храме Христа Спасителя, објавено на интернет страницата на РПЦ на 27 февруари 2022 година.

[8] Патриаршая проповедь в Неделю сыропустную после Литургии в Храме Христа Спасителя, објавено на 6 март 2022 година на интернет страницата на РПЦ.

[9] DISINFO: PERSECUTION OF THE UKRAINIAN ORTHODOX CHURCH AIMS TO OPEN WAY FOR NEOPAGANISM IN UKRAINE, објавено на EUDISINFO на 17 јануари 2023 година

[10] DISINFO: US BEHIND THE RELIGIOUS SPLIT AND PERSECUTION OF THE ORTHODOX IN UKRAINE, објавено на EUDISINFO на 15 јануари 2023 година

[11] DISINFO: ZELENSKY INITIATED ANTI-ORTHODOX PURGES IN UKRAINE, објавено на EUDISINFO на 15 декември 2022 година

[12] DISINFO: “KYIV SATANISTS”ARE ENEMIES OF CHRIST AND THE ORTHODOX FAITH, објавено на EUDISINFO на 2 декември 2022 година

[13] SHIFTING THE FOCUS, ENGINEERING PARANOIA, MANUFACTURING FAKE THREATS, објавено на EUDISINFO на 19 јануари 2023 година

[14] Article by Vladimir Putin ”On the Historical Unity of Russians and Ukrainians“, објавено на интернет страницата на Претседателот на Руската Федерација на 12 јули 2021 година

[15] Вартоломеј: Руската пропаганда премина во црковна, а ја шират Путин и патријархот Кирил, објавено на порталот ЦивилМедиа на 22 декември 2022 година

[16] НА ОНИЕ КОИ ЌЕ УМРАТ ВО ВОЈНАТА ПРОТИВ УКРАИНА ЌЕ ИМ БИДАТ ПРОСТЕНИ СИТЕ ГРЕВОВИ, КАЖА РУСКИОТ ПАТРИЈАРХ КИРИЛ, објавени на порталот СМК на 26 септември 2022 година

[17] Ο Βαρθολομαίος ευλογεί την επέμβαση της Τουρκίας στο Αφρίν (Bartholomew blesses Turkey’s intervention in Afrin), објавено на порталот Та Неа на 26 јануари 2018 година

[18] Srpska pravoslavna crkva u jugoslovenskim ratovima, Википедија

[19] УЛОГА ВАТИКАНА У РАЗБИЈАЊУ ЈУГОСЛАВИЈЕ, објавено на порталот Central and Eastern European Online

[20] Muslimani i raspad SFRJ, објавено на порталот Пешчаник на 4 септември 2008 година

[21] Средба со Митрополитот Волоколамски г. Антониј, објавено на интернет страницата на МПЦ-ОА на 11 јануари 2023 година

[22] Патријарх Кирил: Господ го постави Путин на власт, објавено на порталот А1он на 7 октомври 2022 година

[23] Русија нè стави на списокот со непријателски земји, објавено на порталот 360 степени на 7 март 2022 година

[24] Кластер на агрегаторот Тајм.мк

[25] Лавров: НАТО впрочем е во војна со Русија со посредство на Украина, портал НоваТВ на 6 април 2022

[26] Проф.д-р Ѓуровски: Тајната посета на рускиот митрополит Антониј е лоша вест и претставува ризик, објавено на интернет страницата на ТВ Канал 5 на 11 јануари 2023 година

[27] Посета на Митрополитот г. Андреј Аркалохориски од Вселенската Патријаршија, објавено на порталот на Бигорскиот манастир на 14 јануари 2023 година

[28] Кавга во МПЦ, за владиката Петар свештенството во Бигорски е „парацрковна структура“, објавено на порталот Независен.мк на 19.јануари 2023 година

[29] Посетата на рускиот владика – геостратешки офсајд, објавено на порталот Радио Слободна Европа на 12 јануари

Зачлени се на нашиот е-билтен