Сарачини: Медиумите и проверувачите на факти да се борат заедно против дезинформациите

На Меѓународниот ден на проверка на факти, 2 април, во Скопје се одржа регионалната конференција „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“,  организирана од Балканската мрежа за борба против дезинформациите, на која учествуваа експерти од регионот и ЕУ кои се занимаваат со проверка на факти и борба со дезинформациите, новинари, како и претставници на институции и меѓународната заедница.

Во дискусијата, претседателот на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Петрит Сарачини се осврна на странските малигни влијанија и дезинформации во земјава, меѓу кои се истакнуваат влијанијата од Руската федерација и дезинформациите против евроатлантските интеграции.

„Наративот не е поврзан само со руската агресија во Украина, туку и со нашите внатрешни прашања, особено со евроатлантските интеграции на земјата. Има дезинформациски наративи дека Македонците ќе бидат искоренети преку Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија и преговорите со ЕУ“, посочи Сарачини.

Според него, дополнително проблематично е што имаме национални, мејнстрим медиуми кои некритички пренесуваат ставови од Путин, Захарова, Лавров и други политичари, без да проверуваат дали тоа што го кажуваат е вистина или не. Со примерот за лажната вест за пречек на Зеленски во Њујорк со билборд „Glory to Urine“ (Слава на урина) наместо „Glory to Ukraine“ (Слава на Украина), првично објавена на Телеграм од Захарова, па преку Твитер и српски медиуми пренесена од многу медиуми во земјава, Сарачини практично објасни како тие потфрлиле во проверката на фактите, иако истиот ден светски угледни медиуми како Ројтерс и Асошиеjтед прес ја демантирале оваа дезинформација.

Сарачини укажа дека покрај странски, координирани акции на ширење дезинформации, кај нас постојат и домашно продуцирани дезинформации, обично ширени од речиси иста група на луѓе на социјалните мрежи. Според него, дезинформациите главно произлегуваат од политички актери кои меѓусебно се напаѓаат, но има и „дезинформации кои го имаат етно-религиозен вкус, дезинформации против малцинствата и ранливите групи, дезинформации за здравствени прашања како на пример за КОВИД, дезинформации за странски конфликти…“.

Во оваа насока, Сарачини посочи дека е потребен и поголем ангажман од страна на институциите, зошто декларативната волја и признавање на проблемот со дезинформациите кај нас не се доволни, туку се потребни конкретни мерки.

Освен тоа, според него, потребни се заеднички напори меѓу медиумите и организациите за проверка на факти за да се справиме и да се бориме со дезинформациите. „Треба да најдеме сила и волја, особено во медиумската заедница, верувам дека постои меѓу организациите за проверка на факти, да работиме повеќе на заеднички проекти кои ќе се справат со дезинформациите“, порача Сарачини на конференцијата. (СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира