Навигација низ влијанието на национализмот, руските хибридни тактики и политичката стагнација ги открива главните предизвици во изборниот пејзаж на Северна Македонија: Улогата на национализмот во обликувањето на изборните резултати; Влијанието на руските хибридни тактики врз изборните процеси и Влијанието на политичката апатија врз прогресивните кандидати на изборите
ЏАБИР ДЕРАЛА
Може (и треба) да се издвојат три клучни фактори што доведоа до изборните резултати од првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија. Тоа се национализмот, руското влијание и – нерешителноста , односно политичката и вредносната инертност на СДСМ – партијата што е на чело на владејачката коалиција од јуни, 2017 година. Изборниот процес оваа година, во целина, беше придружен со жестока антидемократска и националистичка кампања што и најголемите и најзначајните успеси на политиката на владејачката коалиција (Преспански договор, НАТО, добрососедските односи, почнување на преговорите со ЕУ и низа други) ги претвори во „пораз, капитулација и предавство“.
Тука треба да се истакне дека барем дел од тоа што се случува со и во демократијата во Северна Македонија може многу лесно да се аплицира, односно да се идентификува и кај развиените демократии во Европа и светот. Националистичкиот популизам и расизмот на повампирениот ултра радикализам (и фашизам) од една страна и колебањето, опортунизмот и ерозијата на демократските вредности на прогресивните сили во општеството, се бележат и во дел од западните демократии погодени од добро организирани антидемократски хибридни операции кои водат до поларизација и кризи во општеството. Тие процеси се во голема мера, ако не и целосно поттикнати и зајакнати со хибридната војна што ја води Кремљ против Западот.
Притоа, овде не треба да се заборават и апатијата на неопределените гласачи, својствената фрагментираност на демократското ткиво на општеството, како и антидемократските и корумпираните инсталации во клучните институции на системот.
Сето тоа значително се одразува на изборниот пејзаж, како и на општествените и политичките процеси во демократските општества во целост. Низ таа призма може да се анализира и неуспехот на актуелниот претседател на Северна Македонија, наспроти успехот на популистите и националистите во првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија на 24 април.
Гласачите, оние што излегоа на избирачките места, а и оние што апстинираа од гласањето, на три дена пред годишнината од крвавиот четврток (27 април 2017), кога тогашната власт се обиде да изврши државен удар со крвав упад во македонскиот парламент, требаше да избираат меѓу два концепта. Едниот, националистички, антидемократски и антизападен, а другиот – проевропски и демократски. Вториот концепт е под жесток напад со години, долга и комплексна операција во која учествуваат медиуми, граѓански организации, интелектуалци и академија, бизниси, верски заедници, криминалци и оперативци на руското разузнавање.
Воедно, демократската и прогресивна јавност се соочи (и се разочара) со неказнивоста на протагонистите на авторитарниот режим на Груевски и недоволната решителност да се изгради вистински современо, европско, мултикултурно општество, отпорно на националистичката хистерија, верскиот фанатизам и злокобниот руски напад врз тешко стекнатите придобивки на демократијата во нашата земја.
Улогата на национализмот во обликувањето на изборните резултати
Национализмот секогаш има клучна улога во обликувањето на изборните резултати. Тоа е идеолошкиот и програмскиот столб на голем број политички партии, почнувајќи од големи играчи како ВМРО-ДПМНЕ до помали екстремни групи како Десна или Единствена Македонија или Левица. Овие партии систематски ги култивираат националистичките сентименти во општеството, нагласувајќи ја својата „загриженост“ за заштита на националните, јазичните и културните идентитети.
Националистичкото поимање за „нација“ и „национално“ е тесна и исклучива, односно ги поистоветува овие поими исклучиво со доминантната етничка заедница. Овој пристап ги исклучува принципите на граѓанското општество и мултикултурализмот, освен во случаите кога се очекува етничките заедници да бидат покорни, да го знаат „своето место“ во – вториот или третиот ред во етничката „хиерархија“ во општеството.
Наративот за „тиранија на малцинството“, кој сугерира дека малцинствата го експлоатираат и владеат мнозинството на нивна сметка, е многу проблематичен. Ваквиот концепт е ехо на дискриминаторските идеологии историски користени за да се оправда прогонството, вклучително и оние што ги употреби нацистичка Германија против еврејскиот народ. Овие наративи поттикнуваат предрасуди, омраза и социјална поларизација, што претставува значителна закана за стабилноста на земјата.
Слично на тоа, концептот на „Македонска Македонија“, иако навидум радикален, ја отсликува суштината на наративот „тиранија на малцинството“. И двата концепта ги поедноставуваат општествените реалности преку промовирање на етничката и религиозната „чистота“ како единствена основа за организирање на општеството и државата, отфрлајќи ги алтернативните гледишта како предавнички.
Овие исклучиви гледишта ја задушуваат дебатата и различноста на мислењата, оневозможувајќи простор за конструктивен дијалог и меѓусебно разбирање. Прифаќањето на поинклузивен и плуралистички пристап е од суштинско значење за поттикнување на хармонично и граѓанско општество во кое се почитуваат човековите права и слободи, како и идентитетите на сите заедници.
Влијанието на руските хибридни тактики врз изборните процеси
Пропагандните и дезинформациони операции во пресрет на изборните процеси (и воопшто) претставуваат критична компонента на хибридното војување оркестрирано од Русија против демократските земји. Во пошироката рамка на хибридното војување, кое опфаќа низа неконвенционални тактики, влијанието во изборите со дезинформации и пропагандни тактитки служат како моќно оружје за сеење раздор, поткопување на демократските процеси и слабеење на општествената отпорност, односно загрозување на националната безбедност. Ова влијание може да се манифестира преку различни средства како што се дезинформациони кампањи или стратешки сојузи со одредени политички партии и организации на граѓанското општество, што може да биде погубно за демократските, а особено за изборните процеси во една земја. Токму тоа ѝ се случува на Северна Македонија веќе со години.
Руските злонамерни кампањи со дезинформации и медиумски манипулации се насочени кон демократските земји, за да се постигнат стратешките цели на Путиновата диктаторска и агресорска клика. Притоа, се искористуваат сите ранливости на општеството и недостатоците во политиките во земјата за да се поттикнат и мултиплицираат изразите на незадоволство и да се продлабочи недовербата кон институциите. Потенцијалните решенија на отворените прашања во општеството редовно се прогласуваат за погрешни, коруптивни или предавнички, а прогресивните интелектуалци и новинари се подложени на јавен линч и се етикетираат како странски платеници, предавници и криминалци кои „народниот суд“ треба да ги силува, убие, живи да ги запали, обеси, застрела…
Особено ранливи се земјите од регионот на Западен Балкан, лоцирани надвор од економскиот, политичкиот и безбедносниот чадор на ЕУ. Додека членството во НАТО обезбедува безбедносни гаранции против директни напади врз територијалниот суверенитет, овие ранливи демократии се соочуваат со бројни внатрешни предизвици.
Руското влијание имаше важна, ако не и клучна улога во претседателските избори во САД во 2016 година. Ако еден голем и силно елабориран демократски систем како американскиот покажа слабости и недоволна отпорност кон руското влијание, може да се замисли колку се ранливи далеку помалите земји во Европа и на Балканот. Метафорично, ако Русија можеше да го загрози демократскиот процес во САД, секција по општотехничко образование во основно училиште на Камчатка може со леснотија да го загрози демократското ткиво во една балканска земја.
Влијанието на политичката апатија врз прогресивните кандидати на изборите
Изминатите години на владеење на СДСМ и коалицијата беше исполнето со невидени кризи во светот (Ковид пандемија, економска и енергетска криза, руска агресија против Украина, војна на Блискиот Исток итн.) и политичко-безбедносни турбуленции во регионот. Сепак, наспроти кризите кои би можеле да се наведат како релевантно оправдание во низа области, беа пропуштени низа прилики за зацврстување на прогресивниот демократски курс на општеството. Да ги разгледаме пропустите наспроти успесите спомнати на почетокот.
Владејачката коалиција манифестираше делумно, а често и целосно отсуство на политичка волја за спроведување на неопходните општествени реформи кои се очекуваа по 11-годишното заробување на државата и девастација на демократијата од авторитарниот, клептократски режим на ВМРО-ДПМНЕ.
Лошите изборни резултати на актуелниот претседател Пендаровски се последица и од разочарувањето кај гласачите кои очекуваа поголема решителност во спроведувањето на ветувањата што произлегоа од граѓанскиот отпор и Шарената револуција. Тоа го отвори патот за популистичките, антизападни и националистички „алтернативи“. Национализмот и антизападните наративи не ги понудија само „традиционалните“ антидемократски ентитети, туку и цели структури што произлегоа токму од владејачките партии.
Одметнатите политички ентитети, всушност, се огледало на неуспехот на владејачките партии за спроведување на трансформативните реформи, како и за зајакнувањето на демократските вредности во сопствените редови. Кокетирањето со популизмот, компромисите со националистичките структури, нерешителноста во носењето и спроведувањето на политиките за унапредување на општествената кохезија, особено во доменот на меѓуетничките односи, прераснаа во авении по кои антидемократските тенденции непречено пристигнуваа до својата цел – блокада на демократските, реформските и интегративните процеси.
Комбинацијата од овие фактори придонесе кон обликување на изборниот пејзаж во кој доминираат поларизирачки, националистички и антизападни наративи. Перспектива? Со овие премиси, може да се очекува само обновување и продлабочување на кризите, стагнирање на евроатлантските процеси и дестабилизација на земјата.
NOTA BENE: Нема невозможни потфати во животот, љубовта, политиката или војната. Тоа е она што ја сочинува историјата. Сè останато е заборав.
Преземено од Цивил Медиа