Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Универзална сала две години беше ризик за скопјани, Град Скопје ниту ја градеше ниту ја заштити

Вчера изгоре старата конструкција на Универзална сала, нема жртви, освен две жени кои завршија на Токсикологија поради вдишан чад додека од тераса го набљудувале огнот, на полициски разговор се повикани троја градежни работници, а компанијата која е одговорна за реконструкцијата се надева дека не е оштетен одној нов дел на кој работат откако градежните работи ги презеде Министерството за култура.

Истрагата треба да утврди зошто точно настанал овој пожар, но според првичните информации се работи за електричната инсталација и дотрајан кабел, но не се исклучува и влијание на човечки фактор, но сепак она што е значајно е дека салата е осигурена.

Голготата на оваа концертна сала трае околу 7 години. Град Скопје за проектот за реновирањето на надворешноста и покривот на концертната сала, за време на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, од Владата доби 120 милиони денари односно околу 1.9 милиони евра.

По доаѓањето на функцијата Арсовска ги стопираше градежните работи оти, како што кажа, проектот не бил безбеден и затоа мора да се прави нов. Од нејзиниот кабинет на 9 август 2022 рекоа дека се потребни повеќе средства за новиот проект каде е извршена измена на првичниот договор и затоа не може да продолжат градежните работи.

„Поради проблеми со статиката и одредени аномалии на претходниот проект во текот на изминатиот период, беа извршени промени на основниот проект  во консултација и констатирани со Градежен факултет и со самиот проектант. До Град Скопје има стигнато ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое неопходно е да се изврши измена на првичниот договор“, рекоа тогаш од Град Скопје не наведувајќи колку плус пари се потреби за да почне изградбата на концертната сала.

И покрај овие најави реконструкцијата не започна, парите стоеја на сметката бидејќи Универзална сала им беше единствената намена.

Владата и даде ултиматум на Арсовска ако не ја гради, да ја отстапи. После повеќе од половина година натегања, Арсовска конечно ја предаде проектната документација за Универзална сала.

Во меѓувреме стручната фела постојано повикуваше на побрзо решение за реконструкцијата бидејќи објектот ќе се сруши поради надворешните влијанија.

Арсовска го впери прстот кон проектот

Иако денеска се уште нема официјални информации и дополнителна истрага за настануваето на пожарот, Арсовска обвини дека таа предупредила за проектот и небезбедноста, токму затоа Градска.мк ја праша градоначалничката дали има дополнителни информации кои јавноста не ги знае за пожарот на што таа иако се повика на надлежните институции прстот го впери кон Министерството за култура.

-Почитувани, Град Скопје согласно одлука на советниците на СДСМ и ВМРО на седница на советот донесе одлука за превземање на изградбата на Универзална сала од Министерството за култура во јули 2023 година. Симптоматично е што наместо ревизија на изградбата од страна на Министерството, сега настанува пожар. Детали се очекуваат од надлежните институции Обвинителството и МВР, по брзата интервенција од противпожарната бригада на Град Скопје која го локализираше и изгасна пожарот, вели таа во одговорот за Градска.мк кој го пренесуваме во целост.

На прашањето зошто две години не го сменила проектот доколку бил небезбеден и во период од две години не ја реконструирала салата таа го избегнува одговорот и повторно фокусот го става на Министерството за култура.

-Уште пред локалните избори во 2021 година градското раководство на Шилегов има записнички нотирано за несоодветноста на проектот и градежните работи на терен, проект кој бил дониран без пари на градот, по што поради несоодветноста неопходно било да се донира нов проект што не беше прифатено од страна на советот на град Скопје. Имајќи во предвид дека изведувачот кој ја реконструирал Универзална сала до локалните избори во 2021 градел спротивно на проектот, за што немаше согласност од јавната администрација, невозможно беше продолжување. Советот донесе одлука во јули 2023 година со реконструкција да продолжи Министерство за култура, велат од Град Скопје.

Костадиновска-Стојчевска вели дека е голем шок, но добро е штом нема повредени

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по пожарот што денеска избувна во Универзална сала, изјави дека денешниот инцидент нема да ја смени одлуката, она што е сигурно е дека Скопје ќе има нова Универзална сала.

-Ова е голем шок за скопјани, но и за сите македонски граѓани. Веднаш интервенирале пожарникарите и како што може да се види, пожарот е ставен под контрола, изјави Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека е најважно што нема жртви и нема повредени.

Костадиновска-Стојчевска, по информациите дека изгорел внатрешниот дел од салата, изрази очекување многу брзо да бидат достапни првични информации во врска со утврдување на причините за пожарот, обемот на штетата и евентуалната одговорност.

„Апелирам до институциите за брзо постапување, да се утврдат фактите колку што е можно поскоро“, изјави министерката за култура, која потврди дека надворешната челична конструкција е противпожарно заштитена, а салата е осигурана.

Најдоа пари за „Скопје 2014“ ама не и за Универзална сала

Власта на ВМРО-ДПМНЕ го направи цел проект „Скопје 2014“ и потроши 700 милиони евра за згради и споменици, а пари за Универзална не најде. Шилегов почна со процесот во септември 2021 и тоа само фасадата, за внатрешноста допрва требаше да се бара изведувач и пари. 

Првиот проект за реновирање на Универзална сала беше направен во 2009 од „Архангел бојс“, според кој се задржува автентичниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200. Но, никогаш не се реализира.

Во 2013 кога на големо се правеше „Скопје 2014“ Министерството за култура кога министерка беше Елизабета Канчевска-Милевска објави нов план според кој салата требаше да се урне, а на нејзино место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Новата сала требаше да се гради според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, со голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Овој проект едногласно го избра деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски.

Во јануари 2015 Град Скопје во време на ексградоначалникот Коце Трајановски Универзална сала е преименувана во Конгресен центар Александар Македонски. Во март 2016, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот на „Архангел бојс“.

Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов ѝ беше вратено името Универзална сала и во 2018 со Министерството за култура беше потпишан договор за изградба на салата, односно парите да бидат обезбедени од Владата. Но, две години немаше никакви активности освен најава од Шилегов дека ќе се распише конкурс на местото на Универзална да се гради парк, а концертна сала да се прави на друга локација.

Оваа идеја на Шилегов беше остро критикувана во јавноста, по што беше одлучено Универзална да се реконструира со задржување на автентичниот изглед. Летото пред локалните избори Шилегов со тогашниот премиер Зоран Заев и министерка за култура Ирена Стефоска го промовираше проектот, а со активностите за првата фаза, изградба на фасада и купола се почна во септември. Тогаш Шилегов рече дека во меѓувреме ќе се распише тендерот за внатрешност и на пролет да почнат градежните работи.

Тогаш од Град Скопје рекоа дека во октомври целиот објект ќе добие нова конструкција, по што ќе почне изведбата на надворешноста и куполата, кои треба да бидат готови до крајот на годината. Потоа, како што најавија тогаш, ќе почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.

Но, по доаѓањетѕо на функција на Арсовска градежните работи се прекинати и објектот две години стоеше соголен. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертата сала не се прави со тоа што направило небезбеден проект.

Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која во февруари ја свикана Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

-Донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија. Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати Министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање, се наведува во соопштението од Град Скопје од ноември 2022 година.

За архитектите проектот е одличен, а политичарите да не се мешаат во стручни одлуки

Уште кога Арсовска приреди скандал пред Универзална сала на крајот на минатата година, реагираа од Асоцијацијата на архитекти. Оттаму истакнаа дека политичарите не се стручни да ја оценуваат безбедноста на Универзална сала, туку дека тоа го прават инженерите.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти, Мишко Ралев за медиумите изјави дека единствено експертите по архитектура и градежништво се единствени коишто можат да изработат проект и да го евалуираат проектот, а во тоа да не се впуштаат политичарите. Зошто е важно политичарите да ги тргнат рацете од архитектурата, градежништвото и урбанизмот Ралев тогаш кажа:

„Затоа што сме сведоци на постојани аматерски евалуации на тоа што е добро а што е лошо. Ако веќе некој претходно се договорил односно решил да се реконструира тој објект независно дали е култно место, независно дали е потреба за културен објект на тој дел на Скопје или за целиот град, нема смисла заради нас граѓаните да се доведуваат во прашање претходните одлуки“ – вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти, Мишко Ралев.

Според него, за еден град од над 600 илјади жители не е доволно само една сала за филхармонија, или една сала за опера, туку се потребни низа други објекти од културата кадешто луѓето ќе имаат каде да отидат и да ги посетат тие културни настани, еден таков објект е Универзална сала која е потреба на граѓаните, а не луксуз.

Сепак, Арсовска продолжуваше да обвинува дека проектот не бил безбеден, а проектантот тврдеше дека тој е направен според сите стандарди и одобрен од ИЗИИС.

-Да ги плашите луѓето дека е небезбеден е крајно некоректно, објектот е во градба не може да се каже дека е небезбеден. Да не влегуваме во политиканство туку ние дојдовме да збориме за струката, рече Искра Јанковска-Михајловска, која е претседателката на Собранието на Асоцијација на архитекти на Македонија.

ИЗИС твредеше дека Универзална сала се соочува со ризик да се сруши, таа е ризик за скопјани

Од Министерството за култура неколку пати реагираа дека со одлагање на продолжувањето на реконструкција на Универзална сала растат ризиците за штети на веќе спроведените зафати заради изложеноста на објектот на атмосферските влијанија. Тие во месец јуни минатата година добиле две известувања од Институтот за земјотресно инженерство дека Универзална сала веќе е во опасност да падне.

„Многу долго е отворена, многу долго е со скелиња, ни следи време на зима, дождови, снегови и (од ИЗИС н.з.) викаат дека мора да се затвори. Затоа јас неколку наврати се јавив и апелирав. И на последниот прес кога бевме со градоначалничката кога ја прашаа неа таа рече дека службите се подготвуваат“. Природата на материјалите кои се користени таму, се такви што може да настане корозија и оштетување, што може да предизвика штети на веќе сработеното. Тоа може да се упропасти да треба од почеток да се работи“, укажа министерката за култура во неколку наврати.

Од таму уште предупредуваат дека „напуштеното градилиште е безбедносен ризик за Скопјани, бидејќи еден посилен ветер може да предизвика да ја загрози безбедноста на Скопјани“.

Инаку, Универзалната сала е изградена во постземјотресно Скопје, со финансиска помош од повеќе држави меѓу кои Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јемен, Сирија, Турција и многу други. Овој објект е траен симбол на меѓународната човечка солидарноста на обновата на Скопје на 26 јули 1963 година. И покрај ваквите факти и посебниот белег кој скопјани го имаат за Универзалната сала, овој објект во моментов е се уште со соголена фасада, разурнат и одамна не е место за кое жителите на Скопје навикнаа да е домаќин на културни настани.

Соња Танеска (Градска.мк)

Треба да знаете
Moже да ве интересира