За 25 месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори кои произведуваат електрична енергија што е доволна за просечна потрошувачка на скоро 185 илјади домаќинства, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Во јануари, како што информира РКЕ, издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталирана можност од 27,06 MW.
Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, овие бројки потврдуваат дека приватната иницијатива и капиталот што се инвестира во овој сектор се покажува како високо ефикасен и затоа реализацијата е брза.
– Ние за дваесет и пет месеци го имаме практично новиот еколошки РЕК Битола кога е во прашање инсталирана моќност, само сега тоа не е струја од јаглен, туку е струја доминантно од Сонце, но има и од ветер, вода и биомаса, вели Бислимоски.
Минатата година издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 MW што претставува раст од над 160 проценти на инсталираниот капацитет во споредба со 2022 година, кога се издадени 152,2 MW.
Трендот на инвестиции во обновливи извори на енергија во Северна Македонија дополнително се забрза во 2023 година, во споредба со рекордната 2022 година.
Оттаму дојде и позитивната оценка на Европската комисија за 2023 кога во Кластер 4 , за Зелена агенда и одржлива поврзаност, во последниот извештај за напредокот на земјата за 2023 година, беше нотирано дека Северна Македонија има добро ниво на подготвеност во трансевропските мрежи и одредено ниво на подготвеност во однос на животната средина и климатските промени. Земјата, дополнува извешрајот, е умерено подготвена и во однос на транспортната и на енергетската политика со одреден напредок во енергетиката, особено во однос на регионалните гасни интерконекции и обновливите извори на енергија.
Дарио Николовски директор на Агенција за енергетика во утринска програма на Слободен Печат, посочи дека „она што е спроведено во делот на енергетиката дава резултати, така и ќе продолжиме“..
Тој смета дека енергетиката не познава политика, во самите одлуки нема политика и истите се со цел државата во енергетска смисла се придвижи кон западноевропските држави.
„Имаме за 150% раст на инсталиран капацитет споредбено 2023 со 2022 година, со обновливи извори на енергија. Обновливите извори на енергија не треба само да ги гледаме како стабилизирање на цената на струјата, туку треба да ги гледаме како чист извор на енергија затоа што сме свесни за загаденоста на воздухот. Овие обвновливи извори на енергија влијаат на заштита на животната средина“, заклучи Николовски.
„Во делот на останатите видови на инвестиции, покрај фотоволтаиците, една од нив е и карго аеродромот којшто треба да биде првиот агрофотоволтаичен парк на којшто ќе бидат поставени фотонапонски панели на одредена висина. Ќе се одгледуваат и понатаму земјоделски култури коишто имаат можност да се одгледуваат во тие услови. Целта е да се искористат сите можности, со оглед на тоа што сме држава која нема мора, но има други ресурси со коишто изобилуваат можностите за реализирање на инвестиции“, изјави Николовски.
Тој додаде дека сонцето во нашиот случај е еден од најважните елементи бидејќи имаме сонце повеќе од 300 дена во годината.
Дека се неопходни и добредојдени инвестициите во енергетиката и од приватниот сектор, како и од државата, нагласи неодамна и заменик претседателот на Владата на Северна Македонија, Фатмир Битиќи на поткастот „Политиканти“.
„Нема влада и нема да има држава ако на структурен начин не ги решава проблемите. Ние пред неполни 5 години, направивме долгорочна стратегија за енергетика. МАНУ кажа дека енергетската транзиција мора да се случи од два извора: приватни и јавни инвестиции. Без приватни инвестиции нема зелена транзиција. И тоа значи дека ние треба да креираме пат за да влегуваат приватни инвеститори и помогнат во енергетската транзиција, а секако плановите на државата мора да продолжат“, рече вицепремиерот Битиќи.
З. Б.